Согласно член 117 од Законот за работни односи, работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време во следните случаи:
-во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата;
-ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес;
-ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата;
-ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и
-во други случаи определени со закон или колективен договор.
Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.
На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во Републиката.
Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот, пти што треба да се има во предвид дека работодавачот кој има над 25 вработени и кај кого процесот на работата се врши на една или повеќе локации е должен на секоја локација да води електронско евидентирање на полното работно време и на прекувремената работа.
Работодавачот е должен за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот. Образецот за известување може да го симнете тука: Izvestuvanje Prekuvremena rabota(DD).
Ако работодавачот воведува прекувремена работа подолго од осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно е должен да изврши прераспоредување на работното време или воведување на нови смени.
На повозрасниот работник работодавачот без согласност на работникот не смее да му одреди прекувремена или ноќна работа.
Законот утврдува дека прераспределените работни часови не се сметаат како прекувремена работа за која се исплаќа додаток на плата.
Законот забранува вршење на работа подолго од работното време доколку:
-работата може да се изврши со соодветна организација или распределба на работата, распоредување на работното време или воведување на нови смени;
-на работникот жена, во согласност со одредбите на овој закон поради заштита на бременоста, раѓање и родителството;
-на мајка со дете до три години старост и самохран родител со дете до шест години старост, освен ако работникот даде писмена изјава дека доброволно се согласува со прекувремена работа;
-на повозрасен работник без негова согласност;
-на работник кој не наполнил 18 години возраст;
-на работникот на кој врз основа на мислење на лекарската комисија поради таквото работење ќе му се влоши здравствената состојба;
-на работникот кој има полно работно време пократко од 36 часа неделно поради работа на работното место, каде што опстојуваат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања и
-на работникот кој работи помалку од полното работно време (скратено работно време) во согласност со прописите за пензиско и инвалидско осигурување (инвалидност), прописите за здравствено осигурување (медицинска рехабилитација) или други прописи (родителски обврски).
Воедно, во однос на прекувремената работа треба да се има предвид и заштитата за време на бременост и родителство, при што за време на бременост или со дете до една година возраст, работничката не смее да врши прекувремена работа или да работи ноќе, додека на работничката која има дете од една до три години возраст, може да и се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по нејзина претходна писмена согласност.
Во оваа насока се и одредбите согласно кои на еден од работниците – родители кој има дете помладо од седум години или тешко болно дете или дете со телесен или душевен недостаток и кој живее сам со детето и се грижи за неговото воспитување и заштита, може да му се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по негова претходна писмена согласност.
ReplyForward |
На работилницата во организација на Книгоприма Консалтинг, учесниците детално се запознаа новините во регулативата кои се однесуваат на данокот на додадена вредност.
Во тек на 2019 година усвоени се неколку измени на Законот за данокот на додадена вредност и измени на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластената стапка на данокот на додадена вредност.
Дел од измените и дополнувањата на законот се однесуваат на допрецизирање и дополнување на даночните ослободувања во земјата без право на одбивка на претходниот данок.
Законодавецот го дополни член 30 кој се однесува на повластената даночна стапка, со што утврди повластена даночна стапка од 5% за:
Со оглед на претходно наведеното, се донесе и Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластената стапка на данокот на додадена вредност, која ви ја доставуваме во прилог на работните материјали.
Во тек ена одржување на работилницата траеше собраниската процедура за донесување на измени и дополнувања Законот за данокот на додадена вредност. Со измените и дополнувањата, се уреди следното:
-можност даночните обврзници регистрирани за цели на данокот на додадена вредност, правото на одбивка на претходен данок да го остваруваат и со поседување на фискална сметка чиј вкупен промет не надминува 6.000 денари издадена согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, односно се укинува сметкопотврдата како пропратен документ на фискалната сметка за оправдување на трошоци до износ од 6.000 денари;
-зголемување на прагот за задолжителна регистрација за целите на данокот на додадена вредност од 1.000.000 денари на 2.000.000 денари и се пропишува скратување на периодот на останување на системот на данокот на додадена вредност од 5 на 3 години;
-можност за даночните обврзници кои биле регистрирани за цели на данокот на додадена вредност, а кои во 2019 година не го надминале прагот од 2.000.000 денари да имаат право да побараат отповикување од регистрација за цели на данокот на додадена вредност;
-можност за даночните обврзници кои не биле регистрирани за цели на данокот на додадена вредност и кои во 2019 година го надминале прагот од 1.000.000 денари меѓутоа не го надминале прагот од 2.000.000 денари, да немаат обврска за регистрација за цели на данокот на додадена вредност
-ослободување од плаќање на данок на додадена вредност за добрата кои се увезуваат од страна на воените сили на други држави кои се членки на Северно Атланскиот Договор (НАТО), пропишување на даночно ослободување при увоз за потребите на тие сили или за придружниот цивилен персонал, како и за снабдување на нивните мензи или кантини, ако тие сили учествуваат во заеднички одбрамбени активности и
-усогласување на одредбите на Законот за данокот на додадена вредност со Законот за прекршоци.
На работилницата се разговараше и за Закон за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица од апсект на одговорности за издавачот на фискални сметки.
Издавачите на фискални сметки, согласно одредбите на законот имаат обврска до Управата за јавни приходи да ги пријавуваат сторнираните фискални сметки и сторните сметки, за кои физичките лица немаат право на враќање на данокот на додадена вредност.
Со Правилник на министерот за финансии пропишани се техничките карактеристики и начинот на користење на апликативниот софтвер за пријавување на податоците од фискалната сметка и мобилната или десктоп апликација за пријавување на сторнираната фискална сметка или сторната сметка
Во однос на прекршочните одредби, Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, утврдува глоба во износ од 250 до 1.000 евра во денарска противвредност за издавачот на фискалната сметка кој нема да ја пријави во Управата за јавни приходи фискалната сметка која ја сторнира или сторната сметка и глоба во износ од 150 до 250 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице.
Надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон врши Управата за јавни приходи.
Министерството за финансии, во Службен весник на РСМ бр.195/19, објави Правилник за техничките карактеристики и начинот на користење на апликативниот софтвер за пријавување на податоците од фискалната сметка и мобилната или десктоп апликација за пријавување на сторнираната фискална сметка и сторната сметка.
Со Правилникот се пропишуваат техничките карактеристики и начинот на користење на апликативниот софтвер за пријавување на податоците од фискалната сметка и мобилната или десктоп апликација за пријавување на сторнираната фискална сметка и сторната сметка.
Апликативниот софтвер во зависност од видот на корисникот има два мода на работа, и тоа: мод за враќање на ДДВ и мод за издавачи на фискални и сторни сметки за пријавување на сторнирани фискални сметки и сторни сметки.
Издавачите на фискални сторни сметки, при најава на апликативниот софтвер со корисничко име и лозинка, имаат можност да изберат помеѓу двата горе наведени мода за работа.
Во зависност од избраниот мод за работа, софтверот дозволува скенирање на сметки за враќање на ДДВ и скенирање на сметки за поништување.