...

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност кој е во собраниска процедура со европско знаменце ги предвидува следните измени:

-Во член 3 став 3 од Законот за ДДВ,со кој се утврдува што се смета како промет на добра, се додаваат две нови точки односно се доуредува дефинирањето на прометот на добра со:

кусоците на добра кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди) и

искажаниот износ на трошок на кало, растур, крш и расипување на добра над нормираните износи на трошок утврдени за соодветната стопанска дејност, под услов истите да не се настанати како резултат на вонреден настан или виша сила.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА СО ДЕНОТ НА ОБЈАВУВАЊЕТО ВО ,,СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ’’

-Во член 6 став 2 од Законот за ДДВ, со кој се уредува што се претставува промет на услуги, се додаваат две нови точки, односно се врши следното дефинирање на телекомуникациски услуги и услуги кои се вршат по електронски пат:

Вршењето на телекомуникациски услуги на пренос, емитување или примање на сигнали, зборови, слики и звуци или информации од која било природа преку врска, радио, оптички или други електромагнетни системи, вклучувајќи го и поврзаниот пренос или доделување на правото да се искористи капацитетот за таков пренос, емисија или прием, со вклучување на обезбедувањето пристап до глобалните информативни мрежи и

Вршење на промет на услуги по електронски пат за: изработка на веб-страници, веб-хостинг, одржување на програми и опрема на далечина, софтвер и негово ажурирање, слики, текст и информации и ставање на располагање на бази на податоци, музика, филмови и игри, вклучувајќи игри на среќа, како и политички, културни, уметнички, спортски, научни и забавни емитувања и настани и настава на далечина.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА ОД 01.01.2024 ГОДИНА.

-По членот 8 се додава нов поднаслов 3-а. и три нови члена 8-а, 8-б и 8-в, кои се однесуваат на Вредносни ваучери кои всушност претставуваат инструмент за кој постои обврска да се прифати како надоместок или дел од надоместок за промет на добра или услуги, доколку прометот на добра, односно прометот на услуги е познат, или потенцијалиот вршител на прометот на добра или прометот на услуги и условите за употреба на вредносниот ваучер се наведени на самиот вредносен ваучер или во поврзана документација. Вредносниот ваучер може да биде еднонаменски или повеќенаменски, при што еднонаменскиот вредносен ваучер се смета за вредносен ваучер за кој место на промет на добрата, односно место на промет на услугите, на кои се однесува вредносниот ваучер, како и износот на данок на додадена вредност кој треба да се пресмета и плати за прометот на тие добра и услуги е познат во времето на издавање на вредносниот ваучер, додека повеќенаменскиот вредносен ваучер е вредносен ваучер кој не е еднонаменски вредносен ваучер. Вредносниот ваучер може да биде во материјална или во електронска форма. За вредносен ваучер не се смета инструмент, кој на имателот му дава право на попуст при купување на добра или услуги, а со кој не е вклучено правото на купување на добра или услуги. За вредносен ваучер не се сметаат билети за превоз, влезници, поштенски марки. Секое пренесување на еднонаменскиот ваучер извршено од страна на даночен обврзник, во свое име, се смета за промет на добра, односно промет на услуги на кои се однесува вредносниот ваучер. Вистинскиот промет на добра односно промет на услуги во замена за еднонаменскиот ваучер, што вршителот на промет го прифатил како надоместок или дел од надоместок, не се смета за промет на добра или промет на услуги. Доколку преносот на еднонаменскиот ваучер го извршил даночен обврзник во име на друг даночен обврзник на кој се однесува вредносниот ваучер, тој пренос се смета за промет на добра, односно промет на услуги извршен од страна на даночниот обврзник во чие име е извршен преносот на еднонаменскиот ваучер. Кога вистинскиот вршител на прометот на добра, односно прометот на услуги и даночниот обврзник кој во свое име, издал еднонаменски ваучер, не се исти лица, се смета дека вистинскиот вршител на прометот на добра односно вршител на прометот на услуги, извршил промет на добра односно услуги поврзани со тој еднонаменски ваучер кон даночниот обврзник кој го издал ваучерот во свое име. Вистинскиот промет на добра, односно промет на услуги во замена за повеќенаменски вредносен ваучер, прифатен од вршителот на прометот на добрата односно прометот на услугите, како надоместок или дел од надоместок за тој промет, подлежи на одданочување со данок на додадена вредност во согласност со овој закон, додека секој претходен пренос на тој повеќенаменски ваучер не подлежи на оданочување со данок на додадена вредност. Доколку преносот на повеќенаменскиот ваучер го изврши даночен обврзник кој не е вистинскиот вршител на прометот на добра односно на прометот на услуги , се смета дека даночниот обврзник кој го извршил преносот на повеќенаменскиот ваучер врши услуги на дистрибуција, реклама или други услуги што се оданочуваат со данок на додадена вредност во согласност со овој закон.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА СО ДЕНОТ НА ОБЈАВУВАЊЕТО ВО ,,СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ’’

-Во член 9-а се додава нов став со кој се утврдува солидарна одговорност на сите лица во поврзаното лице за неплатениот данок на додадена вредност на секое одделно лице во поврзаното лице за периодот во кој се членови на поврзаното лице.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА СО ДЕНОТ НА ОБЈАВУВАЊЕТО ВО ,,СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ’’

-По членот 9-а се додава нов поднаслов 4-a и нов член 9-б, кои се однесуваат на Даночен застапник. Странско лице коe нема седиште, ниту подружница на територијата на Република Северна Македонија, а коe врши промет на добра и услуги во земјата кои подлежат на оданочување со данок на додадена вредност согласно овој закон, има обврска да се пријави за целите на данокот на додадена вредност и да назначи даночен застапник, освен странските лица кои вршат промет во смисла на член 32 точка 4 од овој закон. Странското лице се регистрира за целите за данокот на додадена вредност, пред отпочнувањето на вршењето на оданочивиот промет во земјата и за истото не се однесува износот на вкупен промет.Странското, може да назначи само еден даночен застапник со поднесување на пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност заедно со потребната докумeнтација до надлежниот даночен орган. Даночниот застапник може да биде назначен доколку:  е регистриран за цели на данокот на додадена вредност најмалку 12 месеци пред поднесувањето на пријавата за назначување на даночен застапник,  на денот на поднесување на пријавата за назначување на даночен застапник нема доспеани, а неплатени даночни обврски и ако е правно лице да не е започната стечајна или ликвидациона постапка или ако е физичко лице да не е правосилно осудено за кривично дело. Даночниот застапник има обврска за пресметување на данокот  за поднесување даночна пријава  за плаќање на данокот  и за плаќање камата во случај на задоцнето плаќање на данокот, како и да води евиденциски обврски во име на странското лице. Во случај кога престанува даночното застапување од било која причина, странското лице заради вршење на промет назначува друг даночен застапник со доставување на нова пријава. Даночниот застапник солидарно гарантира за данокот на додадена вредност кој го должи странското лице. Даночниот орган води регистар на даночни застапници согласно овој член. Начинот на пријавување и регистрација на странско лице н, начинот на водење на регистарот на даночни застапници, формата и содржината на регистарот на даночни застапници, формата и содржината на пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност како и потребната документација ги пропишува министерот за финансии.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА ОД 01.01.2024 ГОДИНА.

-Членот 14 од Законот за ДДВ кој се однесува на местото на прометот на услуги се менува при што се предвидува дека за место на прометот на услуга кон даночен обврзник, се смета местото, каде што тој даночен обврзник има вистинско седиште. Доколку прометот на услуги се врши кон подружница која даночниот обврзник ја има надвор од местото на вистинското седиште, тогаш како место на промет на услуги се смета местото кадешто даночниот обврзник има подружница. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на даночниот обврзник кој е корисник на услугата, додека за место на прометот на услуги кон лице што не е даночен обврзник, се смета местото каде што вршителот на прометот на услуги има вистинско седиште. Доколку прометот на услуги се врши од подружницата на вршителот на прометот на услуги, што се наоѓа надвор од неговото вистинско седиште, тогаш седиштето на подружницата се смета за место на прометот на услуги. Доколку такво место не постои, за место на прометот на услуги се смета постојаното живеалиште или престојувалиште на вршителот на прометот на услуги.

По исклучок од претходно наведеното, за место на промет на услуга се смета:

Местото на прометот каде услугата е извршена кога се работи за услуги кои се извршени кон лице кое не е даночен обврзник од страна на лице кое врши услуга во име и за сметка на друго лице;

Местото каде што се наоѓа недвижниот имот кога се работи за промет на услуги во врска со недвижен имот, вклучувајќи го и посредувањето при промет со недвижен имот, услугите од страна на експерти и агенти за недвижен имот, проценката на недвижен имот, провизиите за сместување во областа на хотелиерството или слична област како што се сместувачки кампови или локации наменети за кампување кои функционираат како кампови/места за сместување, гарантирање на права за користење на недвижен имот и услуги за подготовка и координација на градежни активности, како што се архитектонски услуги и активности поврзани со надзор на градежни активности;

Местото каде што превозот на патниците се извршува, пропорционално на делницата или дел од истата, по која се извршува превозот кога се работи за превоз на патници;

Mестото каде што превозот на добрата се извршува, пропорционално на делницата или дел од истата, по која се извршува превозот кога се работи за превоз на добра кон лица што не се даночни обврзници;

Местото каде што услугата се извршува за услуги кои се однесуваат на право на влез на културни, уметнички, спортски, научни, едукативни, забавни или слични настани, како што се саеми и изложби, вклучувајќи и помошни услуги поврзани со истите, извршени кон даночен обврзник

Местото каде што услугата се извршува за услуги кои се однесуваат на обезбедување на услуги и придружни активности во врска со културни, уметнички, спортски, научни, образовни, забавни или слични активности, како што се саеми и изложби, вклучувајќи ги и услугите на организаторите на наведените услуги, кои се извршени кон лице кое не е даночен обврзник;

Местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за помошни превозни услуги како натовар, истовар, претовар, складирање или други услуги кои на вообичаен начин се поврзани со превозот, извршени кон лица кои не се даночни обврзници;

Местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за услуги на процена и работи врз движни материјални добра извршени кон лица кои не се даночни обврзници;

Местото каде што услугата вистински се извршува кога се работи за услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги. По исклучок за место на промет на услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги извршени на брод, авион или воз, се смета местото каде што започнува превозот на лица;

Местото на кое што превозното средство вистински му се става на располагање на корисникот на услугата во случај на краткорочно изнајмување на превозно средство и

Местото каде што корисникот на услугата има вистинско седиште, постојаното живеалиште или престојувалиште кога се работи за изнајмување на превозно средство, освен краткорочното изнајмување, на лице кое не е даночен обврзник.

За место на промет на услугите, извршени кон лице кое не е даночен обврзник, се смета местото во кое што корисникот на услугата има вистинско седиште, постојаното живеалиште или престојувалиште, во случај на: пренос и отстапување авторски права, патенти, лиценци, заштитни знакови и други слични права; услуги на полето на рекламата;  услуги на советници, инженери, советодавни фирми, адвокати, сметководители и други слични услуги, како и обработка на податоци и давање информации;  банкарски и финансиски услуги и услуги на осигурување и реосигурување, освен изнајмувањето сефови; обезбедување персонал;  изнајмување движен материјален имот, освен на сите видови превозни средства;  услуги за посредување за пристап до системи за природен гас или друга слична мрежа, обезбедување на пристап до мрежата на електрична енергија во случај на загушување на соодветна алокациска единица при доделување на прекуграничните преносни капацитети на интерконективните водови; телекомуникациски услуги; услуги на радио и телевизиско емитување и  услуги извршени по електронски пат.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА ОД 01.01.2024 ГОДИНА.

-Се менува одредбата која се однесува на даночната основа при пренос на движен и недвижен имот во постапка за присилна наплата и присилно извршување, при што се предлага даночна основа да претставува постигнатата крајна цена намалена за данокот на додадена вредност, пресметан со примена на пресметковна стапка утврдена врз основа на пропишаната даночна стапка освен во случај кога доверителот се стекнува со движниот или недвижниот имот во постапката на присилна наплата и во постапката за присилно извршување, за што даночна основа претставува постигнатата крајна цена.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА СО ДЕНОТ НА ОБЈАВУВАЊЕТО ВО ,,СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ’’

-Се додаваат и нови два става на член 19, кои се однесуваат на даночната основа, односно за прометот остварен по пат на лицитација, даночна основа претставува постигнатата крајна цена намалена за данокот на додадена вредност, пресметан со примена на пресметковна стапка утврдена врз основа на пропишаната даночна стапка. По исклучок првиот и секој понатамошен промет со увезени употребувани патнички моторни возила извршен во рок од три години од денот на увозот, даночната основа не може да биде пониска од вредноста што ја одредил надлежниот царински орган при увозот на возилото.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА СО ДЕНОТ НА ОБЈАВУВАЊЕТО ВО ,,СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ’’

-Со членот 8 од Предлогот на Законот кој се однесува на член 20 од Законот за ДДВ се врши техничко прецизирање на делот кој ја уредува конверзијата на девизни средства во домашна валута, односно се предлага кога надоместокот кој го должи примателот на доброто или корисникот на услугата е пресметан во странска валута, да се врши конверзија во денари по СРЕДНИОТ курс утврден од Народната банка на Република Македонија на денот на настанувањето на даночниот долг .

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА СО ДЕНОТ НА ОБЈАВУВАЊЕТО ВО ,,СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ’’

-Во член 30 кој се однесува на повластената даночна стапка од 5%, се менува точката производи за човечка исхрана со ОСНОВНИ ПРОИЗВОДИ ЗА ЧОВЕЧКА ИСХРАНА.

Во истиот член точката за публикации се менува и истата гласи:- Публикации и тоа: книги како и електронски/дигитални учебници, брошури и слични печатени материјали, весници и други периодични публикации, детски сликовници, книги како и електронски/дигитални учебници за цртање и боење за деца и картографски производи од секаков вид, освен публикации кои служат претежно за рекламни цели, како и публикации со порнографска содржина.

Воедно, се додаваат Менструалните производи за чиј промет и увоз ќе се користи повластената даночна стапка.

Се укинува повластената даночна стапка за пелетите, печките на пелети и котлите на пелети.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА ОД 01.09.2023 ГОДИНА.

-Се предлага повластената стапка од 10% да се применува врз прометот и увозот на останатите производи за човечка исхрана кои не се основни производи за човечка

исхрана и се утврдува обврска на поблиску да ги определи добрата и услугите чиј промет се оданочува со повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност од 10%.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА ОД 01.09.2023 ГОДИНА.

-Во член 32 од Законот за ДДВ, со кој се утврдуваат даночните должници, се додава даночниот застапник којшто е назначен од страна на странско лице кое нема седиште или подружница во Република Северна Македонија како даночен должник.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА ОД 01.01.2024 ГОДИНА.

-Се менува одредбата од член 45 став 1 од Законот за ДДВ која се однесува на враќање на данокот, при што се предлага следното: Ако износот на претходниот данок во одреден даночен период е поголем од износот на данокот кој е пресметан за прометот кој го извршил, како и за прометот за кои тој е даночен должник според членот 32-а од овој закон, разликата му се враќа на даночниот обврзник врз основа на негово барање кое го искажува во даночната пријава. Ако даночниот обврзник не искаже барање за враќање на разликата искажана во даночната пријава, таквата разлика се пренесува како даночна аконтација за следниот даночен период.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА СО ДЕНОТ НА ОБЈАВУВАЊЕТО ВО ,,СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ’’

-Се менуваат и одредбите од член 48 став 1 во насока на допрецизирање на одредбата со која се пропишува враќање на данокот на додадена вредност доколку странското дипломатско или конзуларно претставништво набави добра или користи услуги за службени потреби, при што се опеделува следното: доколку странското дипломатско или конзуларно претставништво набави добра или користи услуги за службени потреби, на барање на претставништвото ќе му се изврши враќање на данокот на додадена вредност, доколку е платена фактурата и доколку во истата е одделно искажан данокот на додадена вредност од страна на даночниот обврзник. Враќањето се врши врз основа на посебни спогодби склучени со државатаиспраќач, во согласност со условите на реципроцитет. Враќањето ќе се одбие, доколку износот на поединечна фактурата не надминува 9.000 денари, вклучувајки го данокот на додадена вредност. Барањето за враќање се поднесува најдоцна во рок од шест месеци по истекот на календарската година во која е извршен прометот кон подносителот на барањето.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА СО ДЕНОТ НА ОБЈАВУВАЊЕТО ВО ,,СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ’’

-Се додава нов член 51-б со кој се пропишува издавање на ДДВ – даночен број, односно се предвидува следното: Управата за јавни приходи доделува посебен даночен број (ДДВ даночен број) заради идентификација на одредени состојби или групирања на даночни обврзници со кој не се означува посебен правен статус, туку форма на дејствување за цели на данокот на додадена вредност. ДДВ даночен број, претставува единствена идентификациска ознака на податоците на даночниот обврзник за цели на водење на евиденција за остварување на права и обврски на даночниот обврзник за цели на данок на додадена вредност. Управата за јавни приходи доделува ДДВ даночен број заради идентификација и регистрација на: даночен обврзник регистриран за цели на данокот на додадена вредност и  поврзано лице за цели на данокот на додадена вредност. ДДВ даночен број е составен од алфа знаци „МК“ и Даночниот идентификационен број доделен на даночниот обврзник регистриран во Единствениот регистар на даночни обврзници на Управата за јавни приходи.

СЕ ПРЕДЛАГА ОВИЕ ОДРЕДБИ ДА СТАПАТ НА СИЛА СО ДЕНОТ НА ОБЈАВУВАЊЕТО ВО ,,СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ’’

Во Службен весник на РСМ бр.111/2023 се објавени измените и дополнувањата на Законот за работните односи кои се однесуваат на прекувремена работа и место и  начин на исплата на платата на работници на проекти од стратешко национално значење.

Со законот се водведува исклучок од одредбите со кои се регулира времетраењето на прекувремената работа  најмногу до  осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, при што се утврдуда дека за работа на проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, а заради потребата од континуитет во работата, прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно, по претходна дадена писмена согласност од страна на работникот.Работата над 40 часа неделно се смета и се плаќа како прекувремена работа, со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор, во согласност со членовите 133 и 134 од овој закон.

Воедно, со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи се утврдува дека Министерот за финансии во согласност со министерот за труд и социјална политика го пропишува начинот и местото на исплата на платата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење утврдени со закон.

 

Во Службен весник на РСМ бр.79/2023 објавен е Правилникот за дополнување на правилникот за  за минимално-техничките услови во продажни објекти во кои се врши трговија на големо и трговија на мало.

Дополнувањата се однесуваат на минималната внатрешна површина на трговските центри (молови) и минималниот број на продавници, штандови или киосци.

Имено, со дополнувањата на правилникот се додава нова алинеја 1 во член 20 став 1 согласно која трговскиот центар (мол) треба да има најмалку 6.000м2 вкупна внатрешна површина. Воедно во истот член 20 се додава нов став 4 согласно кој во трговскиот центар (мол) стоките треба да се продаваат во најмалку 10 продавници и најмалку два штанда или киосци.

Овие дополнувања на правилникот стапија на сила од 13.04.2023 година.

Интегрален текст на правилникот.

 

Согласно член 4 од Законот за минималната плата во Република Северна Македонија, исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со:
– 50% од порастот на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и
– 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Висината на минималната плата не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Просечниот износ на исплатената месечна нето-плата за работник кој работи помалку од полното работно време се пресметува сразмерно со бројот на одработените часови во месецот.

Во просечниот износ на исплатената месечна нето-плата за работник, не се пресметува додатокот на плата за прекувремена работа.

Министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ во „Службен весник на Република Северна Македонија“, во месец март секоја година, која ќе започне да се исплатува со исплатата на платата за месец март во тековната година.

Согласно наведените одредби на Законот за минималната плата во Република Северна Македонија, министерството за труд и социјална политика, во Службен весник на Република Северна Македонија бр.58/2023 од 16.03.2023 година, ја објави висината на минималната плата во бруто износ од 29.739 денари. Согласно овој износ, висината на минималната нето плата изнесува 20.175 денари.

Работодавачите кои склучиле договори за вработување со висина на претходно утврдениот износ на минимална плата, потребно е да ги усогласат истите со ново утврдениот износ на минимална плата на кој ќе го додадат додатокот на плата за работен стаж, односно зголемување на основната плата за 0.5% за секоја година работен стаж.

Согласно член 32 став 9 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на РСМ“ бр.173/22), правните лица со лиценца за вршење на сметководствени работи се должни најдоцна до 31 јануари во тековната година да достават во Институтот на сметководители и овластени сметководители список на лица вработени со нивните звања, со нивен регистарски број под кој се запишани во соoдветниот регистар во Институтот и доказ за годишно осигурување од штета при вршење на професионална дејност. Согласно став 2 точка 6 од истиот член, годишното осигурување при вршење на сметководствени работи за трговец поединец – сметководител, треба да биде на износ од минимум 2.000 евра во денарска противвредност по штетен настан, за трговец поединец – овластен сметководител на износ од минимум 10.000 евра во денарска противвредност по штетен настан и за друштво за вршење на сметководствени работи на износ од минимум 20.000 евра во денарска противвредност по штетен настан.

Податоците треба да се достават најдоцна денес, 31.01.2023 година.

Со оглед на ограничените човечки ресурси кај сметководителите и отежнатото поднесување на даночните пријави преку системот е-Даноци, УЈП преку својот веб портал ги известува даночните обврзници и сметководителите, дека поднесувањето на пријави ДДВ-04 се продолжува согласно Законот за даночна постапка.

Крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавата е (25.01.2023 година) и истиот УЈП го продолжува за два работни дена, односно краен рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите ќе се смета 27.01.2023 година (петок).
Вкупниот број на ДДВ обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ пријава изнесува 39.588.
До денес (25.01.2023 година), до 13:30 часот поднесени биле 31.640 ДДВ пријави, а бројот на неподнесени ДДВ пријави изнесува 7.948.

Институтот на сметководители и овластени сметководители на својот веб портал објави известување кое се однесува на ажурирањето на податоците на членовите на Институтот.

Имено, поради оправдани образложенија за неажурирани податоци од страна на членови на ИСОС, линкот за ажурирање ќе биде повторно отворен за сите членови ден 26.01.2023 (четврок).

Ажурирањето на податоците треба да се спроведе на следниот линк https://smetkovoditel.isos.com.mk/login

Линкот за ажурирање ќе биде достапен само 24 часа по што повторно ќе се деактивира.

Ажурирањето на податоци се однесува само на активните членови на ИСОС кои се веќе запишани во соодветните регистри.

 

Управата за јавни приходи на својот преку својот веб портал потсетува за обврската за плаќање на данокот на личен доход за 2021 година. Управата ќе достави електронски пораки до сите даночни обврзници кои според даночната евиденција сеуште го должат годишниот данок на доход за 2021 година. Пораките ќе содржат упатства за постапување.

Даночните обврзници кои имаат потешкотиите во платежна способност, а редовно ги исполниле другите даночни обврски, може да поднесат барање за одложено плаќање http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/pregled/filter/15/0.

Одложеното плаќање ќе овозможи олеснувања, како:

-отплата на долгот во месечни рати, или еднократно одлагање на плаќањето

-УЈП нема да спроведува присилна наплата за долгот или ќе ја прекине започнатата постапка за присилна наплата

-повратот на одобрено даночно побарување за ДДВ нема да биде условен со уплата на недоспените месечни рати и др.

Одложеното плаќање на даночен долг ке ви овозможи:

– Плаќање на долгот во еднакви месечни рати – од најмалку две до најмногу 36 рати

-Минимален износ на една месечна рата 30,000 денари за правно лице, односно 5,000 денари за физичко лице или

-Еднократно одлагање на плаќањето на долгот за најмногу шест месеци.

Какво олесување ви овозможува одложеното плаќање на даночен долг?

-УЈП нема да спроведува присилна наплата со зголемување на долгот со трошоци за присилна наплата

-УЈП ќе ја прекине започната присилна наплата

-Повратот на одобрено даночно побарување не е условен со уплата на недоспеаните месечни рати, односно со уплата на долгот за кој е одобрено еднократно одлагање

-УЈП може да го избрише залогот воспоставен во постапка за присилна наплата на долгот, доколку се поминати најмалку 90 дена од правосилноста на Решението за одложено плаќање.

Кое лице и за кој долг може да користи одложено плаќање? 

УЈП ќе одобри одлагање на плаќањето на даночниот долг:

-на лице кое е даночен обврзник според даночните прописи или е даночен гаранр утврден со решение на УЈП

-за даночен долг на правно лице поголем од 60,000 денари, односно за даночен долг на физичко лице поголем од 10,000 денари

-за даночен долг утврден со поднесена даночна пријава и за даночен долг утврден со даночно решение на УЈП при незапочната постапка за наплата на долгот од страна на УЈП и во тек на започната постапка за присилна наплата на долгот.

УЈП нема да одобри одлагање на плаќањето на долгот:
-на даночен обврзник кој е во стечај или ликвидација или во постапка на службено бришење поведена од страна на ЦРРСМ.

За кој вид на даночен долг може да се користи одложено плаќање? 

УЈП ќе одобри одлагање на плаќањето на даночниот долг за секој вид на долг, освен за:

-даночни обврски за кои со закон е предвидено редовно плаќање преку месечни аконтации

-неплатена еднократна такса за присилна наплата (при започната постапка за присилна наплата на долгот)

-долг за други јавни давачки кои ги утврдува и/или наплаќа УЈП (глоби, судски такси и др.)

-истиот долг за кој претходно било одобрено одложено плаќање и УЈП го укинала одлагањето заради неисполнување на обврската.

УЈП ќе одобри одлагање на плаќањето и за:

-неплатени месечни пресметки за интегрирана наплата (бруто плата), во случај кога должникот има акумулиран долг од најмалку 12 неплатени месечни пресметки.

Како може да побарате одложено плаќање?

-Поднесете Барање за одложено плаќање на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-28,со целосно пополнети податоци

-Во Барањето внесете писмено образложение на причините поради кои го поднесувате Барањето (од аспект на тоа дека извршувањето на даночните обврски би го нарушило процесот на деловно работење, односно Ви претставува значително оптоварување, давајќи и образложение за концептот за обезбедување на плаќање на долгот).

Кон Барањето приложете докази за:

-платена административна такса

-поткрепа на даденото образложение на причините заради кои барате одложено плаќање

-понудената гаранција за ообезбедување на плаќањето на долгот

-други потребни докази.

Доказ за платена административна такса во износ од 250 денари за решение и 50 денари за барање може да биде налог за плаќање ПП50 или трансакциски код од системот eNAPSYS.
Други потребни докази кон Барањето се: овластување (полномошно) дадено на адвокат и други докази, во зависност од конкретниот случај.

Одложеното плаќање е условено со гаранција за обезбедување на плаќањето.

Квалитетното обезбедување на плаќањето обезбедува заштита на даночните приходи од загуби, односно обезбедува целосна наплата на даночниот долг и каматата која законски следува после доспеаноста на данокот.

Прифатлива гаранција за обезбедување, според вид и карактеристики на имотот, може да биде:

-неотповиклива банкарска гаранција

-залог од прв ред на акции издадени од друштво резидент на РСМ, кои котираат на МБХВ и се од топ десет издавачи

-хипотека од прв ред на објект: стан, куќа, деловен простор, магацински простор и сл., заедно со земјиштето под објектот доколку е приватизирано

-хипотека од прв ред на: градежно земјиште и земјоделско земјиште

-залог од прв ред на патнички и товарни моторни возила и други возила на моторен погон, машини и транспортни средства од типот на вилушкари, багери, скипови, трактори и др.

Како гаранција за обезбедување може да понудите еден или повеќе видови и ставки на имот.

Како гаранција за обезбедување може да понудите имот на друго лице.

Кај имот од друго лице, УЈП нема да склучи договор за залог со другото лице-даночен гарант. УЈП ќе прифати нотарски заверена изјава од другото лице-даночен гарант дека го презема долгот и со својот имот гарантира за плаќањето на долгот.

Како гаранција за обезбедување на одложеното плаќање може да го понудите и имотот на кој УЈП веќе има запишано законско заложно право во постапка за присилна наплата на долгот за кој се однесува Барањето, под услов:
-УЈП да има заложно право од прв ред и
-да не е започнато впаричување на имотот во постапката за присилна наплата.

Кон барањето приложете докази за понудената гаранција за обезбедување:

-доказ за сопственост – извод од јавните книги (имотен лист, сообраќајна дозвола, фактура, нотарски акт, извод од ЦДХВ за акции, други докази за сопственост)
-запишани товари од страна на други доверители – доказ од заложниот регистар во ЦРРСМ (за движни предмети) или ЦДХВ (за акции).

Заради полесна постапка и помали трошоци, кон Барањето не треба да поднесувате Извештај за проценетата пазарна вредност на понудениот имот утврдена од овластен проценител. Процената на вредноста на имот ја врши УЈП преку овластени службени лица. По исклучок, во понатамошната постапка УЈП може да побара да поднесете ваков Извештај само во определени случаи.

Вредноста на понудената банкарска гаранција не може да биде помала од 75% од износот на долгот, а вредноста на друга понудена гаранција не може да биде помала од 100% од износот на долгот.

УЈП не мора да ја прифати понудената гаранција, во целост или делумно. УЈП врши избор на прифатлива гаранција од аспект на можност за впаричување на имотот и сразмерноста на вредноста на имотот и износот на долгот.

Што оценува УЈП при одобрување на одложеното плаќање?
УЈП ја оценува редовноста на даночниот обврзник. Одлагањето на плаќањето е основано доколку даночниот обврзник во моментот на одобрувањето на Барањето нема неисполнети доспеани даночни обврски, освен плаќањато на даночниот долг за кој се однесува Барањето, што значи дека даночниот обврзник:

-ги поднел даночните пријави по сите основи за кои е поминат рокот за доброволно пријавување

-ги платил доспените даночни обврски по сите основи и другите доспеани обврски за чија наплата е надлежна УЈП за кои е поминат рокот за доброволно плаќање, освен даночниот долг за кој се однесува Барањето.

УЈП го зема во предвид образложението на даночниот обврзник за нарушување на процесот на деловно работење.
Докажувањето на основаноста на Барањето е товар на даночниот обврзник, кој поднесува документирани докази за поткрепа на даденото образложение на причините заради кои го поднесува Барањето.

Со цел да се намали административниот товар, не е задолжително доставување на докази за поткрепа на причините за Барањето, за долг до 300,000 денари кај правно лице, односно до 60,000 денари кај физичко лице.

Во другите случаи, потребни докази за поткрепа на причините за Барањето се документирани докази кои овозможуваат:

-приказ на економска состојба – вкупен износ на долгови и побарувања на даночниот обврзник-правно лице

-приказ на просечните приходи и расходи на месечно ниво, во последното тримесечје и во последната календарска година, според деловните книги и евиденции на даночниот обврзник-правно лице (заклучен лист и др.)
-опис на статусот на ликвидност, односно платежна способност на даночниот обврзник, со доказ – документ издаден од банка или од МКБ за промет и блокада на неговите трансакциски сметки докази за оданочен доход, извори на доход (плата и други извори), како и кредити и други отплати на долгови на даночниот обврзник-физичко лице
-склучени деловни договори
-други докази кои обезбедуваат приказ на економската и финансиската состојба на даночниот обврзник.

УЈП го определува максималниот број на месечните рати или периодот на еднократно одлагање во зависност од видот и проценетата вредност на гаранцијата и износот на долгот.

Кои се обврските на даночниот обврзник по одобрување на одложеното плаќање?

Одложеното плаќање на даночниот долг не смее да биде спротивно на јавниот интерес и да носи ризици за наплатата на даночниот приход. Затоа, одложено плаќање се одобрува под точно определени услови.
Условите од решението на УЈП за одлагање на плаќањето на даночниот долг се обврзувачки за даночниот обврзник:

-износ и рок на плаќање на секоја месечна рата

-плаќање на долгот и каматата во целост на утврдениот краен датум од периодот за еднократно одлагање на плаќањето

-плаќање на камата за времетраење на одложеното плаќање.

При две доспеани неплатени рати, како и во случај на последна доспеана неплатена месечна рата или неплатен долг по истекот на периодот на еднократно одлагање, УЈП ќе го наплати остатокот од долгот и каматата со впаричување на гаранцијата за обезбедување на плаќањето на долгот и/или во постапка за присилна наплата.

Каматата пресметана од доспеаноста на долгот до датумот на уплата на секоја месечна рата, односно до датумот на уплата после еднократното одлагање, УЈП ја засметува во секоја месечна рата, односно во вкупниот износ за уплата по истекот на периодот на еднократно одлагање.

Други олеснувања во текот на одложеното плаќање

За времетраење на одложеното плаќање, даночниот обврзник кој ги платил доспените месечни рати и нема други доспени даночни обврски, има и други можности за олеснување на плаќањето на даночниот долг.

Промена на бројот на преостанати рати, која е условена со нова или дополнителна гаранција за обезбедување на плаќањето, врз основа на поднесено Барање за промена на бројот на преостанати рати кај одложено плаќање на даночен долг на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-27 и со приложување само на:
-писмено образложение на причините поради кои го поднесувате Барањето, со докази за поткрепа
– докази за новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето.

Вкупниот број на месечни рати (платени и новоопределен број на преостанати рати) не може да надмине 36 месечни рати.

Замена на гаранција по вид, врз основа на поднесено Барање за замена на гаранцијата за обезбедување на плаќање на даночен долг на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-29 со:
– писмено образложение на причините поради кои го поднесувате Барањето, со докази за поткрепа
– докази за новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето. УЈП ќе ја одобри замената на гаранцијата по вид доколку:
– е исплатена 1/3 од вкупниот долг за кој е одобрено одложено плаќање
– новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето e од повисок ранг од иницијално прифатената гаранција, односно: иницијалната гаранција во вид на движни предмети или хартии од вредност се заменува со нова гаранција во вид на недвижност/и или банкарска гаранција или иницијалната гаранција во вид на недвижност/и се заменува со банкарска гаранција. УЈП нема да ја одобри замената на гаранцијата по вид доколку иницијално прифатеното обезбедување е банкарска гаранција.

Со замена на гаранцијата по вид не се врши измена на условите за одложено плаќање (број на месечни рати, износ и доспеаност на месечна рата).

Замена на гаранција по висина, врз основа на поднесено Барање за замена на гаранцијата за обезбедување на плаќање на даночен долг на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-29 со писмено образложение на причините поради кои го поднесува Барањето, со докази за поткрепа  УЈП ќе ја одобри замената на гаранцијата по висина доколку:
– е исплатена 1/2 од вкупниот долг за кој е одобрено одложено плаќање
– гаранција за одложеното плаќање е во вид на банкарска гаранција, хартии од вредност и/или движни предмети кои се делливи.

УЈП нема да ја одобри замената на гаранцијата по висина доколку прифатената гаранција за обезбедување на одложеното плаќање е во вид на недвижност/и.

Замената на гаранцијата по висина значи намалување на висината на гаранцијата сразмерно на преостанатиот долг, со:
– прифаќање на замена на банкарската гаранција со друга банкарска гаранција или
– бришење на воспоставеното заложно право на дел од хартиите од вредност или движните предмети.

Со замена на гаранцијата по висина не се врши измена на условите за одложено плаќање (број на месечни рати, износ и доспеаност на месечна рата).
Засметување на новодоспеан долг во одобреното одложено плаќање на месечни рати без нова гаранција за обезбедување на плаќањето, врз основа на поднесено Барање за одложено плаќање на пропишан образец УЈППН-З.2-28 со:
– писмено образложение на причините поради кои го поднесува Барањето.
– пожелно е да поднесете и докази за поткрепа.

УЈП ќе одобри засметување на новодоспеан долг во одобреното одложено плаќање на месечни рати без нова гаранција доколку:
– е исплатена 1/2 од вкупниот долг за кој е одобрено одложено плаќање
– новодоспеаниот долг за кој се бара да биде засметан не е поголем од износот кој преостанува за плаќање во веќе одобреното одложено плаќање на месечни рати.
Со засметување на новодоспеан долг во одложеното плаќање без нова гаранција за обезбедување на плаќањето се врши измена на износот на месечната рата, а не се врши измена преостанатиот број на месечни рати и доспеаноста на месечна рата.

Засметувањето на новодоспеан долг во одобреното одложено плаќање на месечни рати со нова или дополнителна гаранција за обезбедување на плаќањето, врз основа на поднесено Барање за одложено плаќање на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-28 и Барање за промена на бројот на преостанатите рати на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-27 со:
– писмено образложение на причините поради кои го поднесува Барањето, со докази за поткрепа
– докази за новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето.

Вкупниот број на месечни рати (платени и новоопределен број на рати со вклучување на новодоспеаниот долг) не може да надмине 36 месечни рати.

Институтот на сметководители и овластени сметководители, преку известување на својот веб портал, ги повикува сите лица запишани во Регистарот на сметководители и овластени сметководители, во рок од 7 (седум) дена од објавувањето на повикот, да извршат on-line ажурирање на податоците на веб апликацијата достапна на следниот линк: https://smetkovoditel.isos.com.mk/

ИСОС наведува дека повикот за ажурирање на податоци е со цел достава на истите во Централниот регистар за цели на потпишување на годишните сметки и на финансиските извештаи, како и во Управата за јавни приходи за цели за потпишување на даночните пријави.

Повикот може да се погледне на следниот линк: https://isos.com.mk/images/%D0%9F%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D0%BA_%D0%B7%D0%B0_%D0%B0%D0%B6%D1%83%D1%80%D0%B8%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5_%D0%BF%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D1%82%D0%BE%D1%86%D0%B8.pdf

Во Службен весник на Република Северна Македонија бр.236/2022 објавен е новиот Закон за заштита на потрошувачите, кој стапи на сила на 15.11.2022 година.

Со законот се уредуваат правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките на заштита на правата на потрошувачите, информирањето на потрошувачите, унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права и начините и постапките на нивна заштита, правата и обврските на здруженијата и сојузите чија област на дејствување е остварувањето на целите на заштита на правата на потрошувачите, правата и обврските на надлежните органи, тела и други носители на заштитата на правата на потрошувачите, како и други прашања од значење за положбата и заштитата на правата на потрошувачите.

Една од новините во законот се одредбите со кои се утврдуваат документите кои трговецот треба да ги предаде на потрошувачот. Согласно член 37 од Законот за заштита на потрошувачите, трговецот е должен при испораката на стоката или извршувањето на услугата да му ги предаде и да му ги предочи на потрошувачот документите што ги изготвил производителот, увозникот или продавачот на големо заради полесно и сигурно користење на стоките или услугите.

Во рамки на предметните документи спаѓаат:

декларација,

сертификат,

гарантен лист,

изјава за сообразност,

технички упатства,

упатства за склопување,

составување и/или монтажа,

упатства за користење,

листа на овластени сервиси и/или друг соодветен документ.

Наведените документи, трговецот е должен да му ги обезбеди на потрошувачот напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот.