Во Службен весник на РСМ бр. 173/2022 објавен е новиот Закон за вршење на сметководствени работи, кој започнува со примена од 09.08.2022 година.

Една од новините во законот е начинот на стекнување на статус на сметководител и овластен сметководител, кој се разликува од претходно утврдениот начин со Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник  на  РМ“  број  95/12,  188/13,  27/14, 154/15, 192/15, 23/16, 190/16 и 193/17).

Со статус на сметководител или овластен сметководител се стекнува лице кое положило испит за стекнување статус на сметководител или овластен сметководител и има најмалку две години работно искуство во вршење на сметководствени работи под менторство на сметководител и/или овластен сметководител.

Лицето кое сака да се стекне со статус на сметководител или овластен сметководител, до Институтот поднесува барање за полагање на испит за стекнување на статус сметководител, односно овластен сметководител .

Кон барањето за полагање на испит за стекнување статус на сметководител задолжително се доставува:

уверение за завршено средно бизнис/економско образование или

уверение за завршено више бизнис/економско образование (VI/1) степен;

уверение за завршено тригодишно високо бизнис/економија образование, односно завршени студии според Болоњската декларација и има 180 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС);

уверение за завршено четиригодишно високо бизнис/економија образование (VII/1 степен), односно завршени студии според Болоњската декларација и има 240 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) и

доказ за уплата на надоместокот за полагање испит за стекнување статус на сметководител.

Кон барањето за полагање на испит за стекнување статус на овластен сметководител задолжително се доставува:

уверение за завршено тригодишно високо бизнис/економија образование, односно завршени студии според Болоњската декларација и има 180 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС);

уверение за завршено више бизнис/економија образование (VI/1) степен,

уверение за завршено; четиригодишно високо бизнис/економија образование (VII/1 степен), односно завршени студии според Болоњската декларација и има 240 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) и

доказ за уплата на надоместокот за полагање испит стекнување статус на овластен сметководител.

На лицата кои го положиле испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, Институтот им издава уверение за сметководител, односно за овластен сметководител во рок од 15 дена од денот на полагањето на испитот.

Лицето кое има уверение за сметководител, односно уверение за овластен сметководител се запишува во Регистарот на сметководители, односно во Регистарот на овластени сметководители врз основа на поднесено лично барање до Институтот.

Полагањето на испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, се спроведува според програма за полагање испит за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, која ја донесува Управниот одбор на Институтот по претходна согласност од Советот.

Предметите од програмата особено треба да ги опфатат следниве области:

законска рамка во врска со изготвување годишни сметки и финансиски извештаи и на консолидирани годишни сметки и финансиски извештаи и меѓународни стандарди за финансиско известување;

финансии и финансиска анализа и

даноци и даночен систем.

Лице кое има лиценца за овластен ревизор може да се стекне со статус на овластен сметководител без полагање на стручен испит, при што треба да достави барање со прилог лиценца за овластен ревизор и доказ за платен надоместок за издавање уверение за овластен сметководител.

Во Службен весник на РСМ бр. 173/2022 објавен е новиот Закон за вршење на сметководствени работи, кој започнува со примена од 09.08.2022 година.

Со законот се уредуваат условите на вршење на сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, основањето и надлежностите на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.

Една од новините која се воведува со законот е основањето на Советот за унапредување и надзор на сметководствената профеција на Република Северна Македонија. Имено, во член 3 од Законот е утврдено дека заради унапредување и надзор на сметководствената професија, Владата на РСМ основа Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија на РСМ како самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со законот.

Согласно одредбите на законот, Советот ги врши следниве работи:

– донесува деловник за својата работа, годишна програма за работа, годишен финансиски план и годишен извештај за работењето на Советот;

иницира контрола на трговци поединци-сметководители, трговци поединци овластени сметководители и друштвата за вршење сметководствени работи до Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија (Институтот);

дава согласност на Статутот и другите акти на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија; ја следи нивната примена и му укажува на Институтот на потребата од нивно изменување и дополнување;

го следи спроведувањето на годишната и тригодишната програма за контрола преку извештаите од извршената контрола на Институтот;

го следи спроведувањето на годишните програми за полагање испит и за континуирано професионално усовршување на Институтот;

ја следи постапката за признавање на квалификации стекнати во странство, којашто ја спроведува Институтот;

го следи и контролира извршувањето на контролата на квалитет од страна на Институтот и дава препораки за подобрување на спроведувањето на контролата на квалитет, а по потреба учествува во постапките на контролирање на друштвата за вршење на сметководствени работи и трговец поединец- сметководител, односно овластен сметководител;

врши надзор над работењето на Институтот и изрекува мерки за констатирани неправилности и/или незаконитости;

дава насоки на Институтот за прашања за кои е надлежен согласно со овој закон;

ја следи примената на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон и дава мислење на министерот за финансии за потребата за изготвување на измени и дополнување на истите;

– донесува годишен план за вработување на лица во стручната служба на Советот и

– врши други работи утврдени со овој закон и со статутот.

Советот го сочинуваат пет члена кои ги именува и разрешува Владата на РСМ, од кои еден е претседател и тоа:

два члена на предлог на министерот за финансии;

еден член на предлог на Македонската академија на науките и уметностите од редот на редовните професори на економските факултети во државата;

еден член на предлог на Стопанската комора на Северна Македонија,Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанската комората на северозападна Македонија и

еден член на предлог на Собранието на Институтот.

За претседател и член на Советот може да се предложи лице кое ги исполнува таксативно наведените услови во законот и тоа: да е државјанин на Република Северна Македонија, да има завршено високо образование од областа на економијата или правото, да не е вработен во Институтот и да не е член на ниедно извршно тело на истиот, да има најмалку пет години работно искуство во областа на сметководството или финансиите, да не е правосилно осудуван за кривично дело против јавните финансии, платниот промет, стопанството и службената должност и да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност.

За претседател и член на Советот НЕ МОЖЕ да се предложи лице кое е функционер кој раководи со државен орган или орган на државната управа и лице кое е носител на функција во органите на политичка партија и/или член на орган на надзор, орган на управување или кој било друг орган на правно лице од јавиот сектор основано од Владата на РСМ, односно од Собранието на РСМ.

Претседателот и членовите на Советот имаат право на месечен надоместок кој се обезбедува од средствата на Советот утврдени со годишниот финансиски план, во висина до 50% од една просечна месечна нето – плата исплатена во Република Северна Македонија во последниот месец од претходната година објавена од Државниот завод за статистика.

Административно-техничките работи поврзани со работењето на Советот ги врши стручна служба на Советот. Вработените во стручната служба на Советот кои вршат работи од административна природа, имаат статус на административни службеници, додека вработените кои вршат помошно-технички работи, имаат статус на помошно-технички персонал.

Владата на РСМ по барање, или по добиено известување од институцијата која ги предложила, може пред истекот на мандатот за кој се именувани претседателот и членовите на Советот да ги разреши ако:

сами побараат и поднесат оставка до институцијата која го предложила,

престанат да ги исполнуваат претходно наведените услови,

– ја прекршат обврската за заштита на личните и доверливите податоци и

неоправдано отсуствуваат на три седници на Советот последователно или неоправдано отсуствуваат на пет седници во текот на една година.

Советот одлучува на седници, при што на седниците може да донесува одлуки од негова надлежност доколку се присутни мнозинството од вкупниот број на членови.

Работењето на Советот се финансира од:

– 3% од остварените вкупни приходи на ИНСТИТУТОТ,

– Буџетот на Република Северна Македонија и

– други приходи остварени во текот на работењето на Советот.

Со новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам (,,Службен весник на РСМ’’ бр.151/22), се редефинира опсегот на субјектите кои се задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Во член 5 од истиот, се утврдени субјектите кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам и тоа:

1) Финансиски институции и подружници, филијали и деловни единици на странски финансиски институции кои согласно со закон вршат дејност во Република Северна Македонија;

2) Правни и физички лица кои како деловна или професионална активност ги вршат следниве услуги:

а) посредување во промет на недвижности, вклучително и/или посредување при склучување на договори за закуп на недвижен имот само кога вредноста на месечниот закуп изнесува 10.000 евра или повеќе во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија;

б) ревизорски и сметководствени услуги;

в) давање совети од областа на даноците или која било форма на помош, поддршка или совет, директно или преку друго лице во областа на даноците;

г) давање на услуги како инвестициски советник и

д) давање на услуги за организирање и спроведување на аукции;

3) Нотари, адвокати и адвокатски друштва кои вршат јавно овластување согласно со закон;

4) Приредувачи на игри на среќа кои согласно со закон приредуваат игри на среќа во Република Северна Македонија;

5) Даватели на услуги на трустови или правни лица;

6) Централен депозитар за хартии од вредност;

7) Правни лица кои вршат дејност на примање во залог на подвижни предмети и недвижности (заложувалници);

8) Лица кои тргуваат или дејствуваат како посредници во трговија со уметнички дела, вклучително кога активноста ја вршат уметнички галерии или аукциски куќи, а каде вредноста на поединечната трансакција или неколку поврзани трансакции изнесува 10.000 евра во денарска противвредност или повеќе според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија;

9) Лица кои складираат, тргуваат или кои дејствуваат како посредници во трговија со уметнички дела, кога активноста се одвива во слободни зони и каде вредноста на поединечната трансакција или неколку поврзани трансакции изнесува 10.000 евра во денарска противвредност или повеќе според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија и

10) Даватели на услуги поврзани со виртуелни средства. Исклучоци во однос на правни и физички лица кои вршат финансиски активности на повремена или ограничена основа.,

Субјектите од точка 8, 9 и 10 за прв пат се внесуваат во предметната законска регулатива.

Сите горе наведени субјекти кои вршат финансиски активности на повремена или ограничена основа и за кои со националната проценка на ризикот е утврден низок ризик од перење пари и финансирање на тероризам, не се должни да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидени со овој закон, доколку се исполнети следниве услови:

финансиската активност е споредна и директно поврзана со главната деловна активност,

годишниот нето-промет од финансиската активност не надминува 100.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија или 5% од вкупниот годишен промет на субјектот,

главна активност не е давање на ревизорски услуги, организирање и приредување игри на среќа, сметководствени услуги, услуги на даночен советник, активности на посредување во промет со недвижности, давање услуги на трустови или правни лица или нотарски и адвокатски услуги,

највисокиот износ на трансакција по клиент и по поединечна трансакција без оглед дали се извршува како една или неколку трансакции кои изгледаат меѓусебно поврзани не смее да надминува 500 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија и

финансиската активност се извршува само за лица кои се клиенти гледано од аспект на главната деловна активност и не е генерално достапна за јавноста.

Исклучоците не се применуваат на правни лица, трговци поединци или физички лица кои самостојно вршат дејност доколку вршат парични дознаки согласно со закон.

Субјектите кои ги исполнуваат условите да не применуваат мерки и дејствија за спечување на перење пари и финансирање на тероризам потребно е да поднесат барање до Управата. Кон барањето се доставува документација од која може да се утврди дека се исполнети утврдените услови и документација за спроведена проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам за секоја финансиска активност. По барањето, Управата донесува решение во согласност со одредбите на Законот за општата управна постапка. Решението е со важност од две години од денот на неговото донесување, а по истекот на важноста на решението, за изземање од примената на одредбите од овој закон, субјектот поднесува ново барање. Доколку околностите врз основа на кои се издава решението се изменат пред истекот на важноста на решението, субјектот е должен да ја извести Управата за овие промени во рок од 15 дена од денот на нивното настанување. Врз основа на ова известување или врз основа на други информации, Управата по службена должност донесува ново решение со важност од две години со кое го поништува претходното решение и одлучува за примена на одредбите од овој закон.

Нотарите, адвокатите и адвокатските друштва кои вршат јавни овластувања согласно со закон се должни да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам во случаите кога даваат правни услуги за нивните клиенти кои се однесуваат на следниве активности:

а) купување и продавање на недвижен имот и движен имот;

б) управување со пари, хартии од вредност или друг имот или средства на клиентот;

в) отворање и управување со сметки во банка, штедни влогови, сефови или сметки за тргување со хартии од вредност (анг. Securities accounts);

г) организирање на прибирање средства за основање, на работа или менаџирање на правни лица;

д) основање, работење или управување со правни лица или правни аранжмани, купување и продажба на правни лица или правни аранжмани како и која било форма на помош, поддршка или совет, директно или преку друго лице за целите на продажба или купување на правни лица или правни аранжмани.

Обврските кои произлегуваат од овој закон НЕ СЕ ОДНЕСУВААТ на адвокатите и адвокатските друштва кога вршат функција на одбрана и застапување на клиентот во судска постапка. Во овој случај адвокатите и адвокатските друштва, на барање на Управата, во рок од седум дена треба да достават образложение во писмена форма за причините поради кои не постапиле согласно со одредбите од овој закон.

Новина која се воведува е Регистарот на даватели на услуги поврзани со виртуелни средства кој во електронски облик го води Управара и го објавува на нејзината веб-страница.

Регистарот на даватели на услуги поврзани со виртуелни средства содржи:

1) назив на правниот субјект, седиште, електронска адреса, единствен матичен број (ЕМБС) и единствен даночен број (ЕДБ), датум на основање и шифра на дејност;

2) податоци за членовите на органот на управување (име и презиме, единствен матичен број или друг идентификациски број, адреса на живеалиште, односно престојувалиште, датум на раѓање и државјанство и својство во органот на управување);

3) опис за видот на услугите и активностите кои ги извршува во смисла на овој закон вклучувајќи доколку истите ги извршува со користење на криптомат/и;

4) податоци за домеинот преку кој давателот на услуги поврзани со виртуелни средства ја извршува професионалната и деловна активност доколку истата ја извршува преку електронска комуникациска мрежа (интернет) и

5) податоци и информации за воспоставени деловни односи со правни субјекти неопходни за вршење на активности на давател на услуги поврзани со виртуелни средства.

Давателите на услуги поврзани со виртуелни средства се должни да ја известат Управата дека вршат активности пропишани со овој закон во рок од 30 дена од денот на регистрацијата во Централниот регистар на Република Северна Македонија, односно 30 дена од денот на започнувањето на давањето на услуги поврзани со виртуелни средства на територија на Република Северна Македонија за даватели на услугите кои не се регистрираат во Централниот регистар на Република Северна Македонија и да му достават податоци, информации и документи од сигурни и независни извори. Доколку се сомнева во точноста на доставените податоци, Управата може во секое време да побара и дополнителни документи, податоци и информации за активностите и услугите на давателот на услуги поврзани со виртуелни средства. Давателите на услуги се должни дополнителните документи, податоци и информации за активностите и услугите поврзани со виртуелни средства да ги достават во рок од десет работни дена од денот на приемот на барањето

Согласно преодните и завршните одредби, одредбите од законот кои се однесуваат  за  новите  субјекти, ќе отпочнат да се применуваат во рок од девет месеци од денот на влегување во сила на овој закон, при што во истиот рок треба да го усогласат своето работење  согласно законот.

Со почит,

Книгоприма Консалтинг

Во Службен весник бр.151/22 од 12.07.2022 година, објавен е новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Согласно образложението на предлагачот на законот – причините за негово донесување, произлегле од потребата за усогласување со европското acquis односно законодавство во областа на борбата против организираниот криминал, односно одредбите од Директива 2018/843 за спречување на користење на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 2018 година, при што воедно се ревидирале препораките на ФАТФ и последно дополнети во октомври, 2020 година. Во законот биле вградени и решенија во насока на надминување на ризиците идентификувани со Националната проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам усвоена во 2020 година.

Законот ги содржи следните решенија:

-се воведуваат нови дефиниции или се усогласуваат со новите позитивни прописи, а со кои се уредуваат одредени поими кои се употребуваат во законот (финансиски институции, технологија за дистрибуирани записи, виртуелни средства, услуги или активности поврзани со виртуелни средства, кореспондентски однос, пренос на виртуелни средства, високоризични земји, финаснирање на ширење на оружје за масовно уништување итн);

-опсегот на субјектите кои се задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам се редефинира, односно како нови субјекти се воведени: лицата кои тргуваат или дејствуваат као посредници во трговија со уметнички дела, вклучително уметнички галерии или аукциски куќи и давателите на услуги поврзани со виртуелни средства;

-обврските за субјектите кои се однесуваат на идентификација, се доведуваат во линија со 5-та ЕУ Директива и стандардите на ФАТФ;

-за целите на идентификација на клиент – физичко лице покрај употребата на оригинален и важечки документ за идентификација, се предвидува доколку е возможно употреба на средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност согласно закон;

-се прецизираат и усогласуваат со 5-та ЕУ Директива одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици, како и дугите прашања поврзазни со Регистарот на вистински сопственици;

-одредбите кои ги дефинираат засилените мерки на анализа кои субјектите треба да ги применуваат кога постои висок ризик и средно-висок ризик од перење пари или финансирање тероризам, како и случаите кога воспоставуваат прекугранични кореспондентски односи, кога лицето не е физички присутно за целите а идентификација, кога клентот е носител на јавна финкција, кога во деловниот однос или трансакција е вклучена високо ризична држава се прецизираат и усогласуваат со 5-та ЕУ Директива;

-се редефинира пристапот кон непрофитните организации, односно засилените мерки на анализа, субјектите ги применуваат кон непрофитните организации кои се утврдени согласно националната проценка на ризикот, како и според спроведената проценка на ризикот кон определена непрофитна организација;

-се поширува бројот на субјекти кои доставуваат извештаи до Управата, односно давателите на услуги поврзани со виртуелни средства ќе ја известуваат Управата за размена на виртуелни средства и фиат валути или пари во износ од 1.000 евра, како и извршителите за извршени продажби со усно јавно наддавање и договори за продажба со непосредна спогодба со кои се стекнува право на сопственост на имот во вредност над 15.000 евра; -се прецизираат надлежностите на Управата за финансиско разузнавање, како и одредбите за соработката на Управата со други надлежни органи и единици за финансиско разузнавање на други држави;

-дополнително, предложените решенија ги унапредуваат дигитализираните процеси за работа, како и размена на информации и податоци да се одвива по заштитен електронски пат или преку Националната платформа за интероперабилност;

-прекршочните одредби од овој предлог се во согласност со Законот за прекршоци и воведуваат одвратувачки, адекватни и пропорционални казни за непочитување на одредбите од овој закон и др.

Што се однесува на подзаконските акти, законот утврдува дека подзаконските акти донесени согласно Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија” бр. 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19 и 317/20) продолжуваат да се применуваат до денот на донесувањето на подзаконските акти утврдени со овој закон. Додека подзаконските акти утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од 15 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Во следните објави на нашиот блог, подетално ќе бидат објавени одредбите на новиот закон.

Со почит,

Книгоприма Консалтинг

Во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.150/22 од 01.07.2022 година објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија.

Се изменува член 25 став 1 и став 4 од Законот со кои се утврдува дека трговија на големо и трговија на мало не може да се вршат во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови согласно со член 2 од Законот за празниците на РМ.

Со измените од став 5 од истиот член, се определуваат исклучоците кога може да се врши трговија на мало во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови, при што се утвдува дека тоа се однесува на:

во продавници,  киосци  и  штандови  во туристички  места  утврдени  со  Законот за туристичка дејност;

на бензинските станици и во продавниците  на  бензинските  станици  во  чии рамки се врши трговија на мало;

во  трговски  центри  (молови)  кои  ги  исполнуваат минимално  техничките  услови  согласно  согласно со закон;

во слободните царински продавници;

на  штандови  и  киосци  каде  што  се  продава  добра  за  време  на  спортски  настани,  фестивали  и  манифестации,  саеми  и за  време  на  јавната  проекција  на  кине‐матографски дела;

во  продавници  за  трговија  на  мало  со храна  (без  зеленчук  и  овошје),  пијалоци и  тутун во  кои  трговијата  се врши  лично само од сопственикот на продавницата и

на зелени пазари и на цветни пазари.

Се изменува и став 8 од истиот член во кој се утврдува обврска за бензиските станици и трговските центри – молови од претходниот став , да плаќаат надоместок во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната  година  за  работа  во  недела  и  на празници при што средствата да се инвестираат во Фондот за развој и човечки капитал согласно со закон.

Со измените на став 9 од истиот член се утврдува дека за  продавниците  на  бензинските  станици  за  остварен  приход се смета вкупниот приход остварен од  трговија  на  мало,  без  приходот  остварен  од продажбата на моторни горива (нафтени деривати).

Исто така се изменува и став 13 од истиот член 25, во однос на работното време на дел трговците наведени во став 5 и тоа:

продавници,  киосци  и  штандови  во  туристички места утврдени со Законот за туристичка дејност може  да  работат  од  08:00  до 22:00 часот;

бензинските  станици  и  во  продавниците  на бензинските  станици  во  чии  рамки  се врши трговија на мало и слободни царински  продавници,  може  да  работат од 00:00 до 24:00 часот;

продавници  за  трговија  на  мало  со  храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата, може да работат  во  периодот  од  осум  часа,  што самите ќе  го утврдат.

Во однос на тоа кои меса претставуваат туристички места, треба да се има во предвид известувањето од Министерство за економија согласно кое:

,, Bo Република Северна Македонија се присутни скоро сите услови како фактори за развој на туризмот. Како најзначајни туристички места се сметаат:

Езерски туристички места

Езерски туристички места во Република Северна Македонија се Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Тие имаат чиста и релативно топла вода, пријатна за капење. Покрај нив се изградени поголем број туристички објекти (хотели, мотели и ресторани). Охрид, Струга, Дојран и Преспа.

Планински туристички места

Планински туристички места во Република Северна Македонија има повеќе. Најпривлечни и најразвиени се: Попова Шапка на Шар Планина, Маврово на Бистра, Нижеполе и Копанки на Пелистер, Крушево на Бушева Планина и Пониква на Осоговските Планини.

Тие имаат услови за летен рекреативен, зимско‐спортски и за ловен туризам. Во некои од нив се присутни карактеристични населби како што се: Галичник кој е познат по манифестацијата  Галичка  свадба,  Крушево  како  највисок  град  на  Балканот,  со мошне  пријатна клима, Маврово како комбиниран зимско‐спортски и езерски центар.

Рурален и алтернативен туризам

Според „(WTO),, Светска туристичка организација Поимот „Рурален Туризам,, се користи тогаш кога руралната култура е клучна компонента на производот и понудата на дестинацијата. Како издвоени примери за развиен рурален туризам во Република Северна Македонија можат да се наведат: Берово, Брајчино и Вевчани.

Скопје како туристичка дестинација

Имајќи предвид дека Скопје е главна туристичка. дестинација согласно бројот на туристи во Република Северна Македонија како најатрактивни туристички места во Скопје може да се одвојат: Старата Скопска Чаршија, Скопскиот плоштад, Кањонот Матка, и Скопското Кале.

Стари чаршии како туристичка атракција

Имајќи предвид дека во Република Северна Македонија речиси во сите поголеми градови имаат чаршии кои се атрактивни како за домашни така и за странски туристи може да се одвојат за најзначајни и тоа: Старата Скопска Чаршија, Охридската, Струшката, Битолската и Прилепската Чаршија’’.

Согласно измените и дополнувањата на Правилникот за обновливи извори на енергија (,,Службен весник на РСМ’’ бр.138/2022), домаќинство, заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда или заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда кои склучиле договор за вршење управувачки услуги со управител на станбени згради за потребите на заедничите делови во станбената зграда, мал потрошувач, буџетски корисник и единка корисник, може да изгради постројка за производство на електрична енергија од обновлив извор на енергија, при што произведената електрична енергија  ја користи за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведена електрична енергија го предава во електродистрибутивната мрежа (во понатамошен текст потрошувач-производител).

Потрошувачот-производител може да го предава вишокот на електрична енергија во електродистрибутивната мрежа ако:

-не е снабдуван со електрична енергија од снабдувач во краен случај

-инсталира фотонапонски систем или мала ветерна електроцентрала како постројка за производство на електрична енергија од обновлив извор на енергија (во понатамошен текст постројка за производство) на градба на која има право на сопственост или на користење

-инсталираната моќност на постројката за производство да не е поголема од 6kw за домаќинство, 6 kw за заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда или заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда кои склучиле договор за вршење управувачки услуги со управител на станбени згради за потребите на заедничите делови во станбената зграда односно 40 kw за мал потрошувач, буџетски корисник и единка корисник

-на односите помеѓу потрошувачот-производител и операторот на електродистрибутивниот систем се применуваат Општите услови за пристап и користење на електродистрибутивната мрежа

-потрошувачот-производител и снабдувачот односно универзалниот снабдувач кој го снабдува со електрична енергија, во рок од 30 дена од денот на прием на барањето од потрошувачот-производител, склучуваат договор за снабдување со електрична енергија и предавање на вишокот произведена електрична енергија во електродистрибутивната мрежа, чиишто елементи се определени во Правилата за снабдување со електрична енергија.

Вишокот на електричната енергија што снабдувачот ја презема од потрошувачот-производител (С) во пресметковниот период се вреднува на следниот начин:

-C=PCE*0.9, ако во пресметковниот период Ei>=Ep

-C=PCE*0.9 Ei/Ep, ако во пресметковниот период Ei<Ep

Ei = вкупната електрична енергија испорачана од снабдувачот и преземена од потрошувачот-производител во рамки на пресметковниот период изразена во kWh

EP = вкупната електрична енергија предадена во електродистрибутивната мрежа од потрошувачот-производител во рамки на пресметковниот период изразена во kWh

PCE = просечната цена на електрична енергија која потрошувачот-производител ја плаќа на снабдувачот за купената електрична енергија, без надомест за користење на мрежа и други надоместоци и даноци, во рамките на пресметковниот период изразена во MKD/kWh.

Ако електричната енергија произведена од пот-рошувачот-производител предадена на електродистри бутивната мрежа ја презема универзалниот снабдувач, вишокот на преземената електрична енергија во пресметковниот период се вреднува согласно наведената формула,  при што во овој случај PCE е просечната набавна цена на електрична енергија која универзалниот снабдувач ја набавува за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи.

Пресметковниот период изнесува шест месеци, при што првиот пресметковен период е од јануари до јуни, а вториот пресметковен период е од јули до декември.

Ако постројката на потрошувачот-производи-тел започне со работа по отпочнувањето на пресметковниот период, кој во тој случај е пократок од шест месеци, ќе трае до истекот на пресметковниот период.

Снабдувачот со електрична енергија може на потрошувачот-производител да му понуди друг начин на пресметка на цеата на електричната енергија и пресметковен период кои се поповолни за потрошувачот-производител.

За издавање на гаранција за потекло на електрична енергија произведена од обновливи извори, производителот на електричната енергија поднесува барање до Агенцијата за енергетика, на посебен образец објавен на веб страницата на Министерство за економија.

Кон барањето се доставуваат следните документи:

-доказ дека е уплатен надоместокот за издавање на гаранција за потекло, во согласност со тарифникот на Агенцијата

-документ од операторот на електропреносниот или електродистрибутивниот систем за измерените количини предадена електрична енергија во мрежата, и

-изјава од барателот дека не поднел барање за издавање на гаранција за потекло до надлежен орган на друга држава за електричната енергија која е предмет на поднесеното барање до Агенцијата.

Агенцијата води Регистар на електроцентрали кои произведуваат електрична енергија од обновливи извори на енергија.

Во Регистарот на електроцентрали се запишуваат електроцентралите, односно потројките за производство на:

-повластени производители коишто користат повластени тарифи

-повластени производители коишто користат премии

-производители на електрична енергија од обновливи извори коишто не користат мерка на поддршка, а се приклучени на соодветниот енергетски систем

-потрошувачи-производители

-поотрошувачи кои произведуваат електрична енергија од обновливи извори наменета за сопствена потрошувачка

-производители кои користат друга мерка за поддршка на обновливи извори на енергија.

Уписот во Регистарот на електроцентрали се врши врз основа на барање поднесено од производител на eлектрична енергија од обновливи

Кон барањето за упис, барателот ги доставува и/или Агенцијата по службена должност ги обезбедува следните документи:

-одобрение за употреба на енергетскиот објект или извештај за извршен технички преглед од надзорниот инженер за објектите за кои не е потребно издавање на одобрение за употреба

-договор за приклучок склучен помеѓу производителот и операторот на електродистрибутивниот систем со документ контрола на мерно место, односно договор за користење на преносната мрежа со операторот на електропреносниот систем, со кои се потврдува дека енергетскиот објект е поврзан на соодветниот систем

-топографска карта во размер 1:000 во која е вцртана локацијата на електроцентралата

-ситуација на електроцентрала и шематски приказ на основната опрема, вклучувајќи го приказот на мерната опрема

-за барател – правно лице, тековна состојба на субјектот не постара пд 15 дена од денот на поднесувањето на барањето.

 

Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија” број 57/2022 објавен е Законот за дополнување на Законот за акцизите.

Со дополнувањата на Законот за акцизите, се утврдува можност на поинаква пресметка на акцизата во услови на големи природни непогоди или епидемии во Република Северна Македонија, на прогласена воена состојба, на утврдено постоење на вонредна состојба или при одлука за постоење на кризна состојба, коганастанале или можат да настанат нарушувања на снабдувањето на населението или пореметувања во снабдувањето на други области (субјекти) со енергенти.

Ваквата можност значи дополнително намалување на акцизата кај безоловниот бензин, гасното масло како погонско гориво и гасното масло како гориво за греење во зависност од движењето, односно од висината на зголемувањето на цената на овие енергенти на светската берза.

Владата на Република Северна Македонија на предлог на министерот за финансии поблиску ги определува видот на енергентите, временскиот период како и начинот на пресметката на акцизата утврден согласно наведените дополнувања на Законот за акцизите.

Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија” број 57/2022 објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.

Со измените на Законот за ДДВ, се утврдува ослободување од ДДВ за производите за човечка исхрана со право на одбивка на претходниот данок за следните производи:

– Леб без содржина на додаден мед, јајца, сирење или овошје и со содржина во сува состојба на шеќер не поголема од 5% по маса и на маснотии не поголема од 5% по маса (Тарифен број: 1905 90 30 00);

-Бел шеќер (Тарифен број: 170199 10 00);

-Брашно од пченица или на полица *тип 400 (Тарифен број: Ех.1101);

-Масло од сончоглед или шафраника и нивни фракции: Друго: Друго (Тарифен број: 1512 19 90 00);

-Млеко и павлака, неконцентрирани и без додаден шеќер и други материи за засладување: со содржина на маснотија што надминува 1% но не надминува 6% по маса *кравјо млеко со маснотии од 2,%, 3,2% и 3,5% (Тарифен број: Ех.0401 20);

-Месо и други кланични производи за јадење (Тарифен број: Глава 2);

-Ориз полубланширан или полубланширан, полиран или неполиран или глазиран *бел ориз (Тарифен број: Ex. 1006 30) и

-Други свежи јајца од живина од видот Gallus domesticuc (Тарифен број: Ex. 0407 2100 00).

Ослободувањето на горе наведените производи од човечка исхрана се однесува на период од 17 март 2022 година до 31 мај 2022 година.

Воедно, со измените на законот се утврдува намалување на стапката на ДДВ од 18% на 10% за одделни видови на горива. Повластената стапка од 10% за горивата ќе се применува од 12 март 2022 година до 31 мај 2022 година за следните видови на горива:

-Со октански број (RON) од 95 или поголем, но помал од 98 Тарифен број: 2710124500;

-Co октански број (RON) од 98 или поголем Тарифен број: 2710124900;

-Co содржина на сулфур што не надминува 0.001% по маса Тарифен број: 2710194300;

-Co содржина на сулфур што надминува 0.001% по маса, но не надмнува 0,002% по маса Тарифен број:710194600;

-Co содржина на сулфур што надминува 0.002% по маса, но не надмнува 0,1% по маса Тарифен број: 2710194700;

-Co содржина на сулфур што не надминува 0.1% по маса Тарифен број: 2710194800;

-Гасни масла: со содржина на сулфур што не надминува 0.001% по маса Тарифен број: 2710201100;

-Гасни масла: со содржина на сулфур што надминува 0.001% по маса, но не надминува 0.1% по маса Тарифен број: 2710201600;

-Гасни масла: со содржина на сулфур што не надминува 0.1% по маса Тарифен број: 2710201900;

-За употреба како погонско или енергетско гориво Тарифен број: 2711121100;

-Нафтени гасови и други гасовити јаглеводороди: со чистота што надминува 90%, но помала од 99% Тарифен број: 2711129400;

-Нафтени гасови и други гасовити јаглеводороди: – Друго Тарифен број: 2711129700;

-За други намени: Co чистота што надминува од 90%, но помала од 95% Тарифен број: 2711139100;

-Друго Тарифен број: 2711139700;

-Друго Тарифен број: 2711190000;

-Во гасовита состојба: Друго Тарифен број: 2711290000.

 

Измените на законот пропишуваат и ослободување од ДДВ за природен гас и електричната енергија преку системи за пренос, а воедно се предвидува воведување на механизам за префрлање на даночната обврска на примателот на истите. Исто така се изменуваат одредбите кои се однесуваат на местото на промет и добра, при што како место на промет на добра се смета:

-местото каде што доброто се наоѓа во времето на прометот, кога доброто не се превезува или испраќа;

-местото каде што доброто се наоѓа кога започнува превозот или испраќањето, во случај кога доброто се превезува или испраќа од страна на испорачателот, примателот или од страна на трето лице;

-местото каде што доброто се монтира или инсталира во случаите кога доброто се монтира или инсталира од страна на испорачателот или од друго лице во негово име;

-местото каде што оданочивиот трговец има седиште на стопанската дејност или подружница за кој се снабдува доброто или во отсуство на место или подружница, местото каде тој има своја постојана адреса или обично престојува/постојано живеалиште или престојувалиште во случај на промет со природен гас и електрична енергија преку систем за пренос и систем за дистрибуција сместени во територијата на земјата или прометот со топлинска енергија или енергија за разладување преку мрежи за греење или разладување до оданочив трговец како и

-местото каде што примателот на доброто ги користи добрата во случај на промет со природен гас и електрична енергија преку систем за пренос и систем за дистрибуција сместени во територијата на земјата или енергија за разладување преку мрежи за греење или разладување, којшто промет не е опфатен со претходната точка.

Управата за јавни приходи известува дека работодавачите (правни лица и самовработени лица за своите вработени) кои го искористиле правото на финансиска поддршка за исплата на плати за вработените, согласно Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците февруари и март 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија’’, број 85/21), а ги исполниле условите од членот 9 став 3, можат да поднесат Барање за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант „образец Б-ПФПГ“.

– Работодавачите, образецот Б-ПФПГ, задолжително го поднесуваат преку системот е-Даноци.

– Барањата се поднесуваат најдоцна до 15.01.2022 година

Прилозите кон Барањето, фактури за извршените набавки и изводи од носител на платен промет како доказ за извршеното плаќање на фактурите задолжително се доставуваат до надлежната Регионална дирекција на УЈП каде се администрира обврзникот во хартиена форма.

Физички лица кои вршат самостојна дејност кои го искористиле правото на финансиска поддршка (за самите носители на дејноста) , согласно Законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност, погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19, за месеците февруари и март 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија’’, број 85/21), а ги исполниле условите од членот 8 став 3, треба да поднесат Барање за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант „образец Б-ПФПГ/СВД“.

– Физички лица кои вршат самостојна дејност, образецот Б-ПФПГ/СВД задолжително го поднесуваат преку системот е-Даноци.

– Барањата се поднесуваат најдоцна до 15.01.2022 година.

Прилозите кон Барањето, фактури за извршените набавки и изводи од носител на платен промет како доказ за извршеното плаќање на фактурите задолжително се доставуваат до надлежната Регионална дирекција на УЈП каде се администрира обврзникот во хартиена форма.

На даночниот обврзник регистриран за целите на ДДВ во грант му се претвора износот на набавеното добро без пресметаниот данок на додадена вредност, додека пак во случаите кога набавуваат добра за кои даночниот обврзник нема право на одбивка на претходен данок во грант му се претвора износот на набавеното добро со пресметаниот данок на додадена вредност.

На даночниот обврзник нерегистриран за целите на ДДВ за набавените добра во грант му се претвора износот на набавеното добро со пресметаниот данок на додадена вредност.

Согласно член 12-а од Законот за данокот на добивка (Службен весник на РМ“, број 112/14…275/19 и Службен весник на РСМ“, број 290/2020 и 151/2021), обврзниците на данокот на добивка кои во текот на 2019 година оствариле приход поголем од 300 милиони евра, потребно е да достават Извештај за трансферни цени до Управата за јавни приходи најдоцна до 30ти септември 2020 година. Извештајот за трансферните цени содржи податоци исклучиво за трансакциите со поврзаните лица нерезеиденти.

По исклучок, обврзникот поднесува извештај во скратена форма доколку вкупната вредност на трансакциите со поврзаните лица во текот на годината не надминува 10.000.000 денари.

Регулативата предвидува извештајот да се доставува во електронска или хариена форма. Но, е‐tax системот на УЈП сеуште не е усогласен за електронски прием на ваков тип на извештај, поради што извештаите ќе треба да се доставуваат во хартиена форма.

Формата и содржината на Извештајот се уредени со Правилникот за формата и содржината на извештајот за трансферни цени, видовите методи за утврдување на цената на трансакцијата со принципот на „дофат на рака“ и начинот на нивна примена (Службен весник на РСМ бр.59/19).

Обврзникот го избира најсоодветниот метод за утврдување на цената на трансакцијата меѓу поврзаните лица во согласност со принципот на „дофат на рака“.Изборот на методот се базира на анализа на фактите пришто е потребно да се согледа:

1)природата на трансакцијата;

2)достапност и веродостојност на податоците;

3)степенот на споредливост меѓу трансакциите кои се извршени меѓу поврзани  лица со трансакциите извршени со или  меѓу неповрзани лица и

4)соодветноста на користење на финансиските податоци на неповрзаните лица за анализа на усогласеноста на трансферните цени по поединечни видови на трансакции кои обврзникот ги извршува со поврзани лица.

Доколку се појави разлика помеѓу трансферните и пазарните цени, истата може да предизвика корекција на поднесениот Даночен биланс за 2020 година.