Која е целта на Предлог-законот за данок на солидарност?
Согласно предлагачот, целта на Предлог Законот е секој да учествува во намирувањето на јавните расходи во согласност со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од ценовната и енергетската криза. Воведувањето на данокот за солидарност е од општ интерес за сите граѓани, и се базира на начелата на правичност, еднаквост и пропорционалност.
Што предвидува Предлог-законот?
Предлог законот предвидува воведување на данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка.
Кој треба да плаќа данок на солидарност?
Обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари. По исклучок, обврзник за данокот за солидарност не е обврзникот кој отпочнал со вршење на дејност во текот на 2022 година, освен во случај кога отпочнувањето со вршење на дејност е резултат на статусна промена; обврзник кој има искажано нула износ на даночна основа по намалување во даночниот биланс за оданочување на добивка во сите периоди во кои вршел дејност; како и обврзник кој престанал со вршење на дејност согласно Законот за трговските друштва, без да изврши статусна промена и поднесува последен даночен биланс за оданочување на добивка за даночниот период од 2022 година.
Како се пресметува даночната основа за данокот на солидарност?
Даночната основа за пресметување на данокот за солидарност претставува позитивната разлика помеѓу износот на даночната основа по намалување утврден во даночниот биланс за оданочување на добивката на АОП 49 за 2022 година или просечниот износ на даночната основа по намалување за 2021 и 2022 година и просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди зголемен за 20%. Во случај на статусни промени се предвидува повисок процент на зголемување на просечниот износ на даночната основа за претходните даночни периоди, односно 30%.
Колкава е стапката на данокот на солидарност?
Претходно наведените обврзници, на претходно спомената основа ќе имаа обврска да платат данок за солидарност во 2023 година по стапка од 30%.
Кога и на кој начин даночните обврзници ќе треба да утврдат даночната основа?
Даночните обврзници ќе бидат должни да ја утврдат даночната основа на образецот „ДБ-ДС – Даночен биланс за оданочување со данок за солидарност“ што се доставува до Управата за јавни приходи во рок од 45 дена од истекот на рокот пропишан за поднесување на годишната сметка согласно со Законот за трговските друштва и прописите за сметководство.
Кој е рокот за плаќање на данокот за солидарност?
Даночните обврзници се должни да го платат данокот за солидарност најдоцна до 31 мај 2023 година.