...

Управата за јавни приходи на својот преку својот веб портал потсетува за обврската за плаќање на данокот на личен доход за 2021 година. Управата ќе достави електронски пораки до сите даночни обврзници кои според даночната евиденција сеуште го должат годишниот данок на доход за 2021 година. Пораките ќе содржат упатства за постапување.

Даночните обврзници кои имаат потешкотиите во платежна способност, а редовно ги исполниле другите даночни обврски, може да поднесат барање за одложено плаќање http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/pregled/filter/15/0.

Одложеното плаќање ќе овозможи олеснувања, како:

-отплата на долгот во месечни рати, или еднократно одлагање на плаќањето

-УЈП нема да спроведува присилна наплата за долгот или ќе ја прекине започнатата постапка за присилна наплата

-повратот на одобрено даночно побарување за ДДВ нема да биде условен со уплата на недоспените месечни рати и др.

Одложеното плаќање на даночен долг ке ви овозможи:

– Плаќање на долгот во еднакви месечни рати – од најмалку две до најмногу 36 рати

-Минимален износ на една месечна рата 30,000 денари за правно лице, односно 5,000 денари за физичко лице или

-Еднократно одлагање на плаќањето на долгот за најмногу шест месеци.

Какво олесување ви овозможува одложеното плаќање на даночен долг?

-УЈП нема да спроведува присилна наплата со зголемување на долгот со трошоци за присилна наплата

-УЈП ќе ја прекине започната присилна наплата

-Повратот на одобрено даночно побарување не е условен со уплата на недоспеаните месечни рати, односно со уплата на долгот за кој е одобрено еднократно одлагање

-УЈП може да го избрише залогот воспоставен во постапка за присилна наплата на долгот, доколку се поминати најмалку 90 дена од правосилноста на Решението за одложено плаќање.

Кое лице и за кој долг може да користи одложено плаќање? 

УЈП ќе одобри одлагање на плаќањето на даночниот долг:

-на лице кое е даночен обврзник според даночните прописи или е даночен гаранр утврден со решение на УЈП

-за даночен долг на правно лице поголем од 60,000 денари, односно за даночен долг на физичко лице поголем од 10,000 денари

-за даночен долг утврден со поднесена даночна пријава и за даночен долг утврден со даночно решение на УЈП при незапочната постапка за наплата на долгот од страна на УЈП и во тек на започната постапка за присилна наплата на долгот.

УЈП нема да одобри одлагање на плаќањето на долгот:
-на даночен обврзник кој е во стечај или ликвидација или во постапка на службено бришење поведена од страна на ЦРРСМ.

За кој вид на даночен долг може да се користи одложено плаќање? 

УЈП ќе одобри одлагање на плаќањето на даночниот долг за секој вид на долг, освен за:

-даночни обврски за кои со закон е предвидено редовно плаќање преку месечни аконтации

-неплатена еднократна такса за присилна наплата (при започната постапка за присилна наплата на долгот)

-долг за други јавни давачки кои ги утврдува и/или наплаќа УЈП (глоби, судски такси и др.)

-истиот долг за кој претходно било одобрено одложено плаќање и УЈП го укинала одлагањето заради неисполнување на обврската.

УЈП ќе одобри одлагање на плаќањето и за:

-неплатени месечни пресметки за интегрирана наплата (бруто плата), во случај кога должникот има акумулиран долг од најмалку 12 неплатени месечни пресметки.

Како може да побарате одложено плаќање?

-Поднесете Барање за одложено плаќање на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-28,со целосно пополнети податоци

-Во Барањето внесете писмено образложение на причините поради кои го поднесувате Барањето (од аспект на тоа дека извршувањето на даночните обврски би го нарушило процесот на деловно работење, односно Ви претставува значително оптоварување, давајќи и образложение за концептот за обезбедување на плаќање на долгот).

Кон Барањето приложете докази за:

-платена административна такса

-поткрепа на даденото образложение на причините заради кои барате одложено плаќање

-понудената гаранција за ообезбедување на плаќањето на долгот

-други потребни докази.

Доказ за платена административна такса во износ од 250 денари за решение и 50 денари за барање може да биде налог за плаќање ПП50 или трансакциски код од системот eNAPSYS.
Други потребни докази кон Барањето се: овластување (полномошно) дадено на адвокат и други докази, во зависност од конкретниот случај.

Одложеното плаќање е условено со гаранција за обезбедување на плаќањето.

Квалитетното обезбедување на плаќањето обезбедува заштита на даночните приходи од загуби, односно обезбедува целосна наплата на даночниот долг и каматата која законски следува после доспеаноста на данокот.

Прифатлива гаранција за обезбедување, според вид и карактеристики на имотот, може да биде:

-неотповиклива банкарска гаранција

-залог од прв ред на акции издадени од друштво резидент на РСМ, кои котираат на МБХВ и се од топ десет издавачи

-хипотека од прв ред на објект: стан, куќа, деловен простор, магацински простор и сл., заедно со земјиштето под објектот доколку е приватизирано

-хипотека од прв ред на: градежно земјиште и земјоделско земјиште

-залог од прв ред на патнички и товарни моторни возила и други возила на моторен погон, машини и транспортни средства од типот на вилушкари, багери, скипови, трактори и др.

Како гаранција за обезбедување може да понудите еден или повеќе видови и ставки на имот.

Како гаранција за обезбедување може да понудите имот на друго лице.

Кај имот од друго лице, УЈП нема да склучи договор за залог со другото лице-даночен гарант. УЈП ќе прифати нотарски заверена изјава од другото лице-даночен гарант дека го презема долгот и со својот имот гарантира за плаќањето на долгот.

Како гаранција за обезбедување на одложеното плаќање може да го понудите и имотот на кој УЈП веќе има запишано законско заложно право во постапка за присилна наплата на долгот за кој се однесува Барањето, под услов:
-УЈП да има заложно право од прв ред и
-да не е започнато впаричување на имотот во постапката за присилна наплата.

Кон барањето приложете докази за понудената гаранција за обезбедување:

-доказ за сопственост – извод од јавните книги (имотен лист, сообраќајна дозвола, фактура, нотарски акт, извод од ЦДХВ за акции, други докази за сопственост)
-запишани товари од страна на други доверители – доказ од заложниот регистар во ЦРРСМ (за движни предмети) или ЦДХВ (за акции).

Заради полесна постапка и помали трошоци, кон Барањето не треба да поднесувате Извештај за проценетата пазарна вредност на понудениот имот утврдена од овластен проценител. Процената на вредноста на имот ја врши УЈП преку овластени службени лица. По исклучок, во понатамошната постапка УЈП може да побара да поднесете ваков Извештај само во определени случаи.

Вредноста на понудената банкарска гаранција не може да биде помала од 75% од износот на долгот, а вредноста на друга понудена гаранција не може да биде помала од 100% од износот на долгот.

УЈП не мора да ја прифати понудената гаранција, во целост или делумно. УЈП врши избор на прифатлива гаранција од аспект на можност за впаричување на имотот и сразмерноста на вредноста на имотот и износот на долгот.

Што оценува УЈП при одобрување на одложеното плаќање?
УЈП ја оценува редовноста на даночниот обврзник. Одлагањето на плаќањето е основано доколку даночниот обврзник во моментот на одобрувањето на Барањето нема неисполнети доспеани даночни обврски, освен плаќањато на даночниот долг за кој се однесува Барањето, што значи дека даночниот обврзник:

-ги поднел даночните пријави по сите основи за кои е поминат рокот за доброволно пријавување

-ги платил доспените даночни обврски по сите основи и другите доспеани обврски за чија наплата е надлежна УЈП за кои е поминат рокот за доброволно плаќање, освен даночниот долг за кој се однесува Барањето.

УЈП го зема во предвид образложението на даночниот обврзник за нарушување на процесот на деловно работење.
Докажувањето на основаноста на Барањето е товар на даночниот обврзник, кој поднесува документирани докази за поткрепа на даденото образложение на причините заради кои го поднесува Барањето.

Со цел да се намали административниот товар, не е задолжително доставување на докази за поткрепа на причините за Барањето, за долг до 300,000 денари кај правно лице, односно до 60,000 денари кај физичко лице.

Во другите случаи, потребни докази за поткрепа на причините за Барањето се документирани докази кои овозможуваат:

-приказ на економска состојба – вкупен износ на долгови и побарувања на даночниот обврзник-правно лице

-приказ на просечните приходи и расходи на месечно ниво, во последното тримесечје и во последната календарска година, според деловните книги и евиденции на даночниот обврзник-правно лице (заклучен лист и др.)
-опис на статусот на ликвидност, односно платежна способност на даночниот обврзник, со доказ – документ издаден од банка или од МКБ за промет и блокада на неговите трансакциски сметки докази за оданочен доход, извори на доход (плата и други извори), како и кредити и други отплати на долгови на даночниот обврзник-физичко лице
-склучени деловни договори
-други докази кои обезбедуваат приказ на економската и финансиската состојба на даночниот обврзник.

УЈП го определува максималниот број на месечните рати или периодот на еднократно одлагање во зависност од видот и проценетата вредност на гаранцијата и износот на долгот.

Кои се обврските на даночниот обврзник по одобрување на одложеното плаќање?

Одложеното плаќање на даночниот долг не смее да биде спротивно на јавниот интерес и да носи ризици за наплатата на даночниот приход. Затоа, одложено плаќање се одобрува под точно определени услови.
Условите од решението на УЈП за одлагање на плаќањето на даночниот долг се обврзувачки за даночниот обврзник:

-износ и рок на плаќање на секоја месечна рата

-плаќање на долгот и каматата во целост на утврдениот краен датум од периодот за еднократно одлагање на плаќањето

-плаќање на камата за времетраење на одложеното плаќање.

При две доспеани неплатени рати, како и во случај на последна доспеана неплатена месечна рата или неплатен долг по истекот на периодот на еднократно одлагање, УЈП ќе го наплати остатокот од долгот и каматата со впаричување на гаранцијата за обезбедување на плаќањето на долгот и/или во постапка за присилна наплата.

Каматата пресметана од доспеаноста на долгот до датумот на уплата на секоја месечна рата, односно до датумот на уплата после еднократното одлагање, УЈП ја засметува во секоја месечна рата, односно во вкупниот износ за уплата по истекот на периодот на еднократно одлагање.

Други олеснувања во текот на одложеното плаќање

За времетраење на одложеното плаќање, даночниот обврзник кој ги платил доспените месечни рати и нема други доспени даночни обврски, има и други можности за олеснување на плаќањето на даночниот долг.

Промена на бројот на преостанати рати, која е условена со нова или дополнителна гаранција за обезбедување на плаќањето, врз основа на поднесено Барање за промена на бројот на преостанати рати кај одложено плаќање на даночен долг на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-27 и со приложување само на:
-писмено образложение на причините поради кои го поднесувате Барањето, со докази за поткрепа
– докази за новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето.

Вкупниот број на месечни рати (платени и новоопределен број на преостанати рати) не може да надмине 36 месечни рати.

Замена на гаранција по вид, врз основа на поднесено Барање за замена на гаранцијата за обезбедување на плаќање на даночен долг на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-29 со:
– писмено образложение на причините поради кои го поднесувате Барањето, со докази за поткрепа
– докази за новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето. УЈП ќе ја одобри замената на гаранцијата по вид доколку:
– е исплатена 1/3 од вкупниот долг за кој е одобрено одложено плаќање
– новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето e од повисок ранг од иницијално прифатената гаранција, односно: иницијалната гаранција во вид на движни предмети или хартии од вредност се заменува со нова гаранција во вид на недвижност/и или банкарска гаранција или иницијалната гаранција во вид на недвижност/и се заменува со банкарска гаранција. УЈП нема да ја одобри замената на гаранцијата по вид доколку иницијално прифатеното обезбедување е банкарска гаранција.

Со замена на гаранцијата по вид не се врши измена на условите за одложено плаќање (број на месечни рати, износ и доспеаност на месечна рата).

Замена на гаранција по висина, врз основа на поднесено Барање за замена на гаранцијата за обезбедување на плаќање на даночен долг на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-29 со писмено образложение на причините поради кои го поднесува Барањето, со докази за поткрепа  УЈП ќе ја одобри замената на гаранцијата по висина доколку:
– е исплатена 1/2 од вкупниот долг за кој е одобрено одложено плаќање
– гаранција за одложеното плаќање е во вид на банкарска гаранција, хартии од вредност и/или движни предмети кои се делливи.

УЈП нема да ја одобри замената на гаранцијата по висина доколку прифатената гаранција за обезбедување на одложеното плаќање е во вид на недвижност/и.

Замената на гаранцијата по висина значи намалување на висината на гаранцијата сразмерно на преостанатиот долг, со:
– прифаќање на замена на банкарската гаранција со друга банкарска гаранција или
– бришење на воспоставеното заложно право на дел од хартиите од вредност или движните предмети.

Со замена на гаранцијата по висина не се врши измена на условите за одложено плаќање (број на месечни рати, износ и доспеаност на месечна рата).
Засметување на новодоспеан долг во одобреното одложено плаќање на месечни рати без нова гаранција за обезбедување на плаќањето, врз основа на поднесено Барање за одложено плаќање на пропишан образец УЈППН-З.2-28 со:
– писмено образложение на причините поради кои го поднесува Барањето.
– пожелно е да поднесете и докази за поткрепа.

УЈП ќе одобри засметување на новодоспеан долг во одобреното одложено плаќање на месечни рати без нова гаранција доколку:
– е исплатена 1/2 од вкупниот долг за кој е одобрено одложено плаќање
– новодоспеаниот долг за кој се бара да биде засметан не е поголем од износот кој преостанува за плаќање во веќе одобреното одложено плаќање на месечни рати.
Со засметување на новодоспеан долг во одложеното плаќање без нова гаранција за обезбедување на плаќањето се врши измена на износот на месечната рата, а не се врши измена преостанатиот број на месечни рати и доспеаноста на месечна рата.

Засметувањето на новодоспеан долг во одобреното одложено плаќање на месечни рати со нова или дополнителна гаранција за обезбедување на плаќањето, врз основа на поднесено Барање за одложено плаќање на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-28 и Барање за промена на бројот на преостанатите рати на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-27 со:
– писмено образложение на причините поради кои го поднесува Барањето, со докази за поткрепа
– докази за новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето.

Вкупниот број на месечни рати (платени и новоопределен број на рати со вклучување на новодоспеаниот долг) не може да надмине 36 месечни рати.