Согласно член 14 од Законот за работните односи, договорот за вработување може да биде склучен на определено и неопределено време.
Согласно член 46 од ЗРО, договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години. Во овој период до 5 години се опфатени еден или повеќе договори, кои можат да се склучат на определено време со ист работодавач, за вршење на исти работи, заради превенција од искористување на работникот преку последнователна употреба на договори за вработување на определено време.
Договор за вработување на определено време за замена на привремено отсутен работник може да се склучи до враќање на привремено отсутниот работник.
Работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот до 5 години, под услови и на начин утврдени со закон.
По исклучок работниот однос заснован со договор за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време и пред истекот на рокот до 5 години, ако работникот работи повеќе од две години на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон.