...

Во ,,Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.246/2022 од 16.11.2022 година, објавен е Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани за справување со енергетската криза.

Согласно одредбите на законот, корисници на финансиска поддршка се лица од социјално ранилива категорија на граѓани и тоа:

корисници на право на социјална сигурност на стари лица,

корисници на посебен додаток,

корисници на правото на надоместок заради попреченост,

 лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед,

самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош,

корисници на право на пензија во висина до 14.000 денари,

корисници на право на надоместок за телесно оштетување и

невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок.

Финансиската поддршка за корисниците на право на социјална сигурност на стари лица, корисниците на посебен додаток, корисниците на правото на надоместок заради попреченост, лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед и самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, изнесува 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.

Финансиската поддршка за корисници на право на пензија кои оствариле доход по основа на пензија во висина не поголема од 11.525 денари месечно, изнесува 1.500 денари месечно, за период од четири месеци. Финансиската поддршка за корисниците, кои оствариле доход по основа на пензија во висина од 11.526 денари и не поголема од 14.000 денари месечно, изнесува 750 денари месечно, за период од четири месеци.

Финансиската поддршка за корисниците на право на надоместок за телесно оштетување изнесува 750 денари месечно, за период од четири месеци

Финансиската поддршка за невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок изнесува 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.

На веб-страницата на Министерството за труд и социјална политика, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија и на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија се објавуваат списоците на корисниците на финансиската поддршка најдоцна до петти во месецот и датумот кога ќе се врши исплатата на финансиската поддршка.

Министерот за труд и социјална политика формира Комисија за одлучување по приговори за финансиска поддршка.

Корисникот кој не е на списокот, а кој смета дека ги исполнува условите како корисник на правото на финансиска поддршка, може да поднесе приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците.

Комисијата за одлучување по приговори, одлучува во рок од 15 дена од денот на  поднесувањето на приговорот.