...

Во Службен весник на РСМ бр. 173/2022 објавен е новиот Закон за вршење на сметководствени работи, кој започнува со примена од 09.08.2022 година.

Една од новините во законот е начинот на стекнување на статус на сметководител и овластен сметководител, кој се разликува од претходно утврдениот начин со Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник  на  РМ“  број  95/12,  188/13,  27/14, 154/15, 192/15, 23/16, 190/16 и 193/17).

Со статус на сметководител или овластен сметководител се стекнува лице кое положило испит за стекнување статус на сметководител или овластен сметководител и има најмалку две години работно искуство во вршење на сметководствени работи под менторство на сметководител и/или овластен сметководител.

Лицето кое сака да се стекне со статус на сметководител или овластен сметководител, до Институтот поднесува барање за полагање на испит за стекнување на статус сметководител, односно овластен сметководител .

Кон барањето за полагање на испит за стекнување статус на сметководител задолжително се доставува:

уверение за завршено средно бизнис/економско образование или

уверение за завршено више бизнис/економско образование (VI/1) степен;

уверение за завршено тригодишно високо бизнис/економија образование, односно завршени студии според Болоњската декларација и има 180 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС);

уверение за завршено четиригодишно високо бизнис/економија образование (VII/1 степен), односно завршени студии според Болоњската декларација и има 240 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) и

доказ за уплата на надоместокот за полагање испит за стекнување статус на сметководител.

Кон барањето за полагање на испит за стекнување статус на овластен сметководител задолжително се доставува:

уверение за завршено тригодишно високо бизнис/економија образование, односно завршени студии според Болоњската декларација и има 180 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС);

уверение за завршено више бизнис/економија образование (VI/1) степен,

уверение за завршено; четиригодишно високо бизнис/економија образование (VII/1 степен), односно завршени студии според Болоњската декларација и има 240 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) и

доказ за уплата на надоместокот за полагање испит стекнување статус на овластен сметководител.

На лицата кои го положиле испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, Институтот им издава уверение за сметководител, односно за овластен сметководител во рок од 15 дена од денот на полагањето на испитот.

Лицето кое има уверение за сметководител, односно уверение за овластен сметководител се запишува во Регистарот на сметководители, односно во Регистарот на овластени сметководители врз основа на поднесено лично барање до Институтот.

Полагањето на испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, се спроведува според програма за полагање испит за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, која ја донесува Управниот одбор на Институтот по претходна согласност од Советот.

Предметите од програмата особено треба да ги опфатат следниве области:

законска рамка во врска со изготвување годишни сметки и финансиски извештаи и на консолидирани годишни сметки и финансиски извештаи и меѓународни стандарди за финансиско известување;

финансии и финансиска анализа и

даноци и даночен систем.

Лице кое има лиценца за овластен ревизор може да се стекне со статус на овластен сметководител без полагање на стручен испит, при што треба да достави барање со прилог лиценца за овластен ревизор и доказ за платен надоместок за издавање уверение за овластен сметководител.