...

Во однос на евиденцијата на работното време, работодавачите кои имаат до 25 вработени спроведуваат евиденција со евидентен лист, додека тие со над 25 вработени спроведуваат електронска евиденција согласно Правилник на министерот за труд и социјална политика.

Согласно Законот за работните односи, платата се состои од основна плата, дел од плата за работна успешност ( се определува земајќи ги предвид домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата, за којашто работникот го склучил договорот за вработување) и додатоци на плата ( за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, работа на дежурство, согласно закон, продолжена работа, работа во ден на неделен одмор, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж).

Така што согласно обредбите на Законот не може да се одзема дел од плата за редовност, затоа што редовноста влегува во основната плата.

Препорака за регулирање на непочитувањето на работното време – усвојување на интерен правилник на работодавачот, во кој ќе се утврди начин ,постапка и висина на казна во случај на непочитување на работно време.

Полното работно време согласно ЗРО е 40 часа неделно, а работната недела по правило трае 5 работни дена, но работното време може да биде распоредено и на 6 работни дена, а најмалку 4 работни дена, со вкупно времетраење од  40 часови неделно. Се над 40 часа неделно се смета за прекувремена работа.

Во  зависност  од  барањата  на  процесот  на  работа,  работодавачот  може  да  врши  прераспределба  на  работното  време.  Согласно  одредбите  од  член  124  од  ЗРО,  кога  природата на дејноста, односно работите и  задачите  наложуваат  поинакво  работно  време,  работодавачот  врши  прераспределба на работното време на тој начин што работникот може да врши работа во одделни  денови повеќе од 8 часа дневно, а во други  денови помалку од 8 часа дневно, но вкупното  работно време  на  работникот во  просек да  не  биде  подолго  од  40  часа  во  работната  недела  во  текот  на  годината.

Тоа  значи дека работното време кое е подолго  од 40 часа во работната недела се засметува и надоместува во пократко работно време во други работни денови или со слободни  работни  денови  за  времетраењето  на  договорот за вработување.  Треба да се напомене дека прераспределените  работни  часови  не  се  сметаат  како  прекувремена  работа  за  која  се  исплаќа  додаток  на  плата.  Ова  поради  фактот  дека  работникот може во одделни денови да работи  и  пократко  од  полното  дневно  работно време (а при тоа не му се намалува платата за  тие денови), а во други подолго  (за  кои не му следува додаток на плата).

Со ЗРО забранета е работа со прераспределени работни часови на:

помлад работник;

работник ‐ инвалидно лице;

бремена работничка;

работник  кој  постојано  се  грижи  за  дете  до три годишна возраст;

работник –  самохран  родител  што  постојано  се  грижи  за  дете  помладо  од  15  годишна возраст.

Работодавачот мора во писмена форма да го извести работникот за временото прераспоредување на работното време најмалку еден ден пред тоа.

Изгубените часови најрегуларно е да се надоместат со дополнителна работа во други денови, преку горе наведеното прераспоредување на работното време.

Истото ќе се евидентира, во соодветната евиденција на правното лице (електронска или хартиена), а ќе биде поткрепено со известувањето во писмена форма на работодавачот.