...

Правилникот за изменување на Правилникот за техничките и функционалните карактеристики на интегрираниот автоматски систем за управување, образецот на фискалната сметка, образец на фискално лого, документот касова сметка за сторна трансакција, формата и содржината на книгата за дневни финансиски извештаи, начинот за одобрување и продолжување на дозволата на производството и продажбата на соодветен модел на фискална апаратура, односно интегриран автоматски систем на управување, начинот на одземање на дозволата за одобрување на производството и продажбата на соодветен модел на фискална апаратура, односно интегриран автоматски систем на управување, функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем за управување, постапката и документацијата за нивно одобрување за производство и продажба, елементите на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правилата за техничко одржување и сервисирање на истите, формата и содржината на барањето за добивање овластување за вршење на контрола и проверка на функционалните и техничките карактеристики на фискалниот систем на опрема и потребната документација е објавен во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.315/2020.

Со измените се утврдува дека означувањето на даночните стапки во фискалните апарати се врши со алфа кодови А, Б, В и Г на следниот начин:

ознака „А” за добра и услуги кои се оданочуваат со општа даночна стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ);

– ознака „Б” за добра и услуги кои се оданочуваат со повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 5%;

ознака „В” за добра и услуги кои се оданочуваат со повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 10% и

ознака „Г” за добра и услуги кои се ослободени од данокот на додадена вредност (ДДВ) и за извршениот промет на добра и услуги од даночни обврзници кои не се регистрирани за целите на данокот на додадена вредност (ДДВ).

За евидентирање на прометот кој се оданочува со повластена стапка на данокот на додадена вредност од 10% се користи ознаката „В“ со вршење на промена на даночната стапка во фискалниот систем на опрема, со денот на отпочнување на примена на членот 30-а од Законот за данокот на додадена вредност.

За евидентирање на прометот на добра и услуги кој е ослободен од данокот на додадена вредност, за што до денот на влегувањето во сила на овој правилник се користи ознаката „В”, од 1 јули 2021 година, ќе се користи ознаката „Г“, преку надградба на софтверот на фискалните системи на опрема.

За евидентирање на прометот од даночни обврзници кои се регистрирани за целите на данокот на додадена вредност, а до денот на влегувањето во сила на овој правилник регистрираат само промет со општа даночна стапка на данокот на додадена вредност и повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност од 5%, најдоцна од 1 јануари 2022 година со ознаката „В” ќе се означува даночната стапка од 10%, преку промена на даночната стапка во фискалниот систем на опрема.

За евидентирање на прометот од даночните обврзници кои не се регистрирани за целите на данокот на додадена вредност кои до денот на влегувањето во сила на овој правилник ја користеле ознаката „Г” продолжуваат да ги користат постојните фискални системи на опрема.

Правилник – фискални апарати