Правото на исплата на регрес за годишен одмор, односно К-15, е воспоставено со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и се однесува на сите вработени лица во приватниот сектор во Република Северна Македонија.
Од 1ви јули до 31ви декември трае законската обврска на работодавците од приватниот сектор за исплата на регрес за годишен одмор.
Право на регрес за годишен одмор имаат работниците од приватниот сектор под услов работникот да е во непрекинат работен однос кај работодавачот во период од најмалку 6 (шест) месеци во тек на календарската година.
Согласно одредбите на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, Регрес за годишен одмор се исплаќа во висина од најмалку 40% од основицата, при што основица за пресметка на регресот за годишен одмор е просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, исплатена во последните три месеци.
Член 35 од Општиот колективен договор, утврдува можност за работодавачот кај кој настанале економско-финансиски потешкотии во работењето да исплати регрес во помал износ. Во таков случај, потребна е задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација. Кај работодавачите кај кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците.
Всушност работодавачот треба да ги презентира финансиските проблеми со кои се соочува, а кои се основ за склучување спогодба со синдикатот, односно со претставникот од работниците. По склучена спогодба меѓу работодавачот и синдикатот (или претставник на вработените), може да се исплати помал износ од предвидениот минимален износ на регрес за годишен одмор со претходно донесување на Одлука за исплата на регрес за годишен одмор во која е утврдена висината на регресот, датум на исплата и изворот на средства.