...

Со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои самостојно вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.139/20) се уредуваат условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои самостојно вршат дејности или друг вид активности во областа на културата, или преку авторски или друг вид на договор се ангажирани во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата, за месеците април и мај 2020 година.

Предмет на финансиската поддршка е исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари. Корисник на финансиска поддршка може да биде уметник или друго физичко лицe- барател на финансиска поддршка, ако:

– е државјанин на Република Северна Македонија и

– самостојно или преку авторски или друг вид на договор, учествува во реализација на проект поддржан на Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2020 година, или во реализација на проект поддржан од меѓународни фондови, односно меѓународни организации, а кој е откажан поради здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19.

Министерствотo за култура на својата веб страна објавува јавен повик за доставување барање за користење на финансиска поддршка на уметниците и на другите физички лица кои самостојно вршат дејности или друг вид активности во областа на културата, или преку авторски или друг вид на договор се ангажирани во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата согласно оваа уредба со законска сила.

Барателот на финансиската поддршка во рок од 15 дена од денот на објавувањето на јавниот повик доставува барање до Министерството за култура. Кон барањето, барателот на финансиската поддршка доставува изјава за исполнетоста на условите.

Финансиската поддршка не може да ја оствари барател на финансиска поддршка кој е опфатен со Уредбата за финансиска поддршка на самостојните уметници за време на вонредна состојба, е во редовен работен однос, или е примател на пензија согласно евиденцијата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, остварува други приходи по било кој основ, или е опфатен со другите економски мерки на Владата на Република Северна Македонија за справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот COVID-19.

За користење на финансиската поддршка на уметниците и на другите физички лица кои самостојно вршат дејности или друг вид активности во областа на културата, или преку авторски или друг вид на договор се ангажирани во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата одлучува Комисија за финансиска поддршка  формирана од министерот за култура.