...

Со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба (,,Службен весник на РСМ’’ бр.137/2020), се уредуваат условите, начинот и постапката за користење на финансиската поддршка.

Кој може да ја користи финансиската поддршка?

Граѓани со низок доход, односно полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои се приматели на социјална помош (лица од домаќинство кое користи право на гарантирана минимална помош; лица од домаќинство кое користи право на детски додаток; лица од домаќинство кое користи право на додаток за образование; корисник на право на социјална сигурност за старите лица и негов брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница) или невработени лица кои активно бараат работа евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија заклучно со 22.05.2020 година, кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето износ не поголем од 180.000 денари и за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход во нето износ не поголем од 60.000 денари согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи

Вработени лица со низок доход, односно државјани на Република Северна Македонија кои се во работен однос и кои за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, согласно со евиденцијата на Управата за јавни приходи

Млади лица, односно државјани на Република Северна Македонија со наполнети 16 години и не постари од 29 години на 22.5.2020 година, кои се активни учесници во формалното средно образование (средни училишта основани од Република Северна Македонија, локалната самоуправа и градот Скопје) и високото додипломско образование на Република Северна Македонија (редовни студенти на универзитети основни од Република Северна Македонија), согласно со евиденцијата на Министерството за образование и наука

Здравствени работници кои учествуваат во тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19, односно државјани на Република Северна Македонија вработени во јавните здравствени установи во Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, центри за јавно здравје, членови на тимовите за Итна медицинска помош, лица вработени во инфективните одделенија на општите болници и ангажирани работници во други одделенија кои повремено биле ангажирани во инфективните одделенија на соодветната јавна здравствена установа респективно за времето на ангажирање согласно со евиденцијата на Фондот за здравствено осигурување заради тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од COVID-19.

Што е домашна платежна картичка?

Домашна платежна картичка е платежна картичка со видливо отпечатена ознака: „КУПУВАМ ДОМАШНО“ (“KUPUVAM DOMASHNO”) издадена од резидентна банка која потпишала Договор со Владата, на чија поврзана сметка се исплатува финансиската поддршка.

Дали граѓаните кои имаат право на финансиска помош треба да се пријават за користење на истата?

Не, не треба да се пријавуваат. Генералниот секретаријат на Влада ги обезбедува податоците за тоа кои граѓани имаат право на финансиска помош од надлежните институции: Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Фондот за здравствено осигурување. Листата на корисници на финансиска поддршка со податок за името и презимето на корисникот и банката издавач на ДПК (која што всушност е банка во која корисникот има трансакциска сметка), Генералниот секретаријат на Владата ја објавува на www.kupuvamdomasno.gov.mk во рок од пет дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила, односно на 01.06.2020 година. Корисникот на финансиска  поддршка со внесување на својот ЕМБГ на интернет страната www.kupuvamdomasno.gov.mk со безбедносен (HTTPS) протокол проверува во која банка издавач ќе му биде издадена ДПК и висината на финансиската поддршка.

Која е висината на финансиската поддршка и во кој рок се исплатува?

Граѓаните-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 9.000 денари по лице. Работниците-корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 3.000 денари по лице. Младите лица корисници на финансиска поддршка ќе добијат еднократна финансиска поддршка во износ од 3.000 денари по лице. Здравствените работници-корисници на финансиска поддршка кои учествувале во тестирање и дијагностицирање на граѓани заболени од COVID-19 и нивно лекување ќе добијат еднократна финансиска поддршка во висина на 40% од износот на последната пресметана основна нето плата на секој работник одделно до денот на влeгување во сила на оваа уредба со законска сила. Во однос на рокот на исплата, Генералниот секретаријат на Влада врши исплата на средствата на финансиска поддршка на банките во рок од 3 дена од утврдување и објавување на листата на коирисници. Банката издавач на ДПК , домашната платежна картичка ја издава на корисниците од листата согласно со расположливите капацитети на банката, а најдоцна до 3.07.2020 година и на својата интернет страна го објавува начинот на уредна достава и прием на ДКП.

За што треба да се користат финансиските средства на ДПК?

Примената финансиска поддршка на ДПК, корисниците на финансиска поддршка ја користат ИСКЛУЧИВО за купување на македонски производи и услуги кај правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Република Северна Македонија во периодот од денот на приемот на ДПК до 31.07.2020 година. Оn-line набавката од интернет страници во сопственост на македонски правни и физички лица вршители на стопанска дејност за целите на финансиска поддршка се однесува на македонски производи и услуги. За таа цел правните и физички лица вршители на стопанска дејност, во објектите за трговија на мало  ќе обезбедат посебно обележани рафтови, гондоли и сл. со ознаката „КУПУВАМ ДОМАШНО“ на кои ќе бидат изложени македонски производи за продажба на лица- та – корисници на финансиската поддршка од оваа уредба со законска сила. Правните и физички лица вршители на стопанска дејност што вршат оn-line про- дажба преку интернет страници имаат обврска јасно да ги истакнат и посебно да ги издвојат македонските производи и услуги. Воедно, правните и физички лица вршители на стопанска дејност издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија во фискалната сметка за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.