...

Со Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Covid-19, заради исплата на платите за месеците април и мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 111/2020), се променуваат условите за користење на мерката.

Предмет на финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот-барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник, согласно со работното време (полно или неполно работно време) на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое работникот остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот. Во Барањето, работодавачот-барател на финансиска поддршка дава Изјава за исполнетоста на условите  утврдени во Уредбата. Составен дел на Барањето е задолжителен Прашалник според стандардите на Светска Банка со кој се утврдува можноста за финансирање на финансиската поддршка од средства обезбедени од Светска Банка и истиот не претставува предуслов за добивање на финансиска поддршка од буџетски средства. Работодавачот со комплетното Барање, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.4б. од МПИН образецот внесува шифра 5000. Работодавачот кој истовремено може да користи друга мерка за субвенционирање на социјалните придонеси и/или данок на доход во полето 3.23 од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување и истата ја комбинира (користи истовремено) со шифрата 5000. После обработка на МПИН образецот, Управата за јавни приходи го информира работодавачот-барател на финансиска поддршка за вкупниот износ на финансиската поддршка што ќе биде исплатена за соодветниот месец.

За користење на финансиската поддршка, работодачот-барател на финансиска поддршка треба да ги исполни следните услови:

  1. a) намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени во месец април 2020 година или во месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои непроизлегуваат од редовното работење остварени во 2019 година, а за работодавач-барател на финансиска поддршка кој е запишани во соодветен регистар (основање) после месец март 2019 година, намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени за месец април 2020 година или месец мај 2020 година да изнесува повеќе од 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар во 2019 година и месеците јануари и февруари 2020 година. За работодавачот-барател на финансиска поддршка кој врши дејност од сезонски карактер, намалувањето на просечните вкупни приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачотбарател на финансиска поддршка остварени за последниот сезонски период од 4 месеци споредено со просечните вкупни приходи намалени за одделните еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени за сезонскиот период од истите 4 месеци во претходната година да изнесува повеќе од 30%,

б) работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, до денот исплатата на платата за месец мај 2020 година и

в) најмногу 10% од вкупниот број на вработени кај работодавачот-барател на финансиска поддршка да имаат поединечна месечна нето плата над 120.000 денари месечно по вработен, за месецот за кој се бара финансиска поддршка.

Работодавач-барател на финансиска поддршка не може да користи финансиска поддршка за работник доколку:

а) нето платата на работникот за последните три месеци пред поднесување на Барањето од е повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време) или доколку засновал работен однос за време пократко од три месеци, нето платата на работникот е повисока од 39.900 денари за секој месец одделно за периодот за кој е пријавен во работен однос, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време),

б) користи субвенционирање согласно со Уредбата со Законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба, освен работодавач коj врши дејност наведена согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев. 2: угостителска дејност (шифра 56 – дејности за подготовка и служење на храна), туризам (шифра 79 – туристички агенции организатори на патувања (туроператори) и останати резервациски услуги како и дејностите поврзани со нив и шифра 55 – објекти за сместување) и транспорт (шифра 49 – копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 – воден транспорт, шифра 51 – воздухопловен транспорт и 52 – складирање и помошни дејности во превозот) кој за 2018 и 2019 година нема искажано загуба после оданочување и нема неплатени јавни давачки (данок на додадена вредност, данок на добивка, данок на личен доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, како и акцизи и царини) согласно со објавената Листа на должници на доспеани и неплатени долгови бр. 03/2020 на веб страната на Управата за јавни приходи и заклучно со 29 февруари 2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно со податоците за задолженост од соодветен јавен регистар/биро.

в) користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (за мерките од проектот „Македонија вработува“) и г) вработува работник за дополнително работење, согласно со членот 121 од Законот за работните односи.

Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата согласно со Законот за даночната постапка, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи и/или Државниот инспекторат за труд се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите оваа уредба со законска сила.

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа уредба со законска сила и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец јули 2020 година) бројот на вработени кај работодавачот кој користи финансиска поддршка за исплата на плати, со исклучок на пензионираните и починати работници, во однос на бројот на вработени во месец март 2020 година, не смее да се намали за повеќе од: – 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка, – 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и – 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка. Ако намалениот број на вработени пресметан на наведениот  начин е нецел број, бројот се заокружува на првиот поголем цел број. Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати, има обврска примените финансиски средства да ги врати во Буџетот на Република Северна Македонија, но најмногу до износот од 50% од остварениот финансиски резултат пред оданочување за 2020 година зголемен за износот на оданочивите расходи и помалку искажаните приходи во Даночниот биланс за обврзниците на данокот на добивка; за обврзниците на годишниот данок на вкупен приход, најмногу до износот од 50% од финансискиот резултат пред оданочување искажан во Билансот на успех за 2020 година, односно за вршителите на дејност, најмногу до износот од 50% од износот на искажаниот финансиски резултат пред оданочување во Билансот на приходи и расходи (образец Б) за 2020 година, зголемен за непризнаените расходи за даночни цели во годишниот Даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност.

Работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати и кој не искажал даночна основа за оданочување во Даночниот биланс, износот на примена финансиска поддршка за исплата на плати нема да ја врати во Буџетот на Република Северна Македонија, доколку нема обврски по основ на неплатени даноци и придонеси.

За целите на пресметувањето на износот за враќање на примената финансиска поддршка за исплата на плати, работодавачот кој го искористил правото на финансиска поддршка за исплата на плати поднесува Барање за пресметување на износот за враќање на примената финансиска поддршка за исплата на плати до Управата за јавни приходи.

Враќањето на износот ќе се изврши на три месечни рати, без камата, во месеците април, мај и јуни 2021 година.

Финансиската поддршка за исплата на плати е неповратна за работодавач-корисник на финансиска поддршка кој вработува до 250 вработени, кој:

во последните 2 години искажал добивка после оданочување,

не се наоѓа на листата на должници согласно со последната објавена Листа на должници на доспеани и неплатени долгови на Управата за јавни приходи на денот на поднесување на барањето,

заклучно со 29 февруари 2020 година не доцнел со плаќање на обврските по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасаноста, согласно со податоците за задолженост од соодветен јавен регистар/биро,

– ќе докаже дека финансиските средства во износ еднаков или поголем од износот на добиена финансиска поддршка ги искористил за:

а) инвестиции во вработени: – обука на вработените во области како што се маркетинг и брендирање, финансиско управување, подобрување на производството, истражување и развој, дигитални вештини и надградба и слични обуки, – обука на вработените за управување како што е бизнис менаџмент, стратегија, корпоративно управување или која било активност дефинирана под обука на вработените за целите на вршење на дејноста.

б) оперативни подобрувања на компанијата: – набавки поврзани со надградба на производството (на пр. подобрување на производство и дизајнирање на процеси), маркетинг и брендирање, промена на деловниот модел, дигитална трансформација (автоматизација, онлајн трговија), нова експанзија на пазарот, развој на нов производ и слични набавки, – воведување на акредитирани нови стандарди, набавки на патенти, авторски права, трговски марки и други права од интелектуална сопственост,

в) продуктивен капитал: – набавки на опрема и други средства кои се користат за подобрување на ефикасноста и продуктивноста на работењето, опрема поврзана со производството, компјутери и друга соодветна опрема, софтвер, опрема за транспорт и слични набавки во функција на вршење на дејноста.

Работодавачот-корисник на финансиска поддршка кој ги исполнил условите до Управата за јавни приходи доставува Барање за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант најдоцна до рокот за поднесување на даночниот биланс за 2020 година, со приложување на фактури за извршените набавки од ставот 5 на овој член и изводи од носител на платен промет како доказ за извршеното плаќање на фактурите. Кон Барањето за претворање на финансиската поддршка за исплата на плати во грант, работодавачот-корисник на финансиска поддршка до Управата за јавни приходи доставува Уверение за платени даноци и придонеси.