Владата на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за запирање со примена на Законот за извршување еза време на вонредната состојба.
Со Уредбата се утврдува дека во периодот до 30 јуни 2020, извршителите се должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија, освен:
– во предметите за побарувања врз основа на законска издршка;
– распределбата на средствата пристигнати на нивните посебни сметки, доколку за тоа се исполнети законските услови,
– дејствијата кои следат по наплатата на средства од должникот, успешно спроведени јавни надавања, или продажби со непосредна спогодба,
– примање на барања за извршување и електронско евидентирање во Уписникот за примени барања за извршување,
– изготвување на барања за податоци и информации за испитување на економската состојба на должниците и електронска достава до институциите,
– изготвување на налог за извршување врз недвижност и електронска достава до јавната книга заради прибележување на налогот, и
– изготвување на налог за забрана за располагање и оптоварување на хартии од вредност и електронска достава до Депозитарот за хартии од вредност.
Работодавaчите на должниците, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадените налози од страна на извршителите, во периодот до 30 јуни 2020 година.
Уредбата се применува од 01.04.2020 година.