...

Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност за време на вонредна состојба, донесена од Владата на Република Северна Македонија, се уредува можноста даночните обврзници, покрај во хартиена форма, фактурите да ги издаваат и во електронска форма. Ова е со цел да се олесни работењето на даночните обврзници, како и да се спречи користењето на хартија со цел намалување на ризикот од ширење на Коронавирусот COVID-19.

Вршителот на промет, кој има право да издава фактура, треба да го извести примателот на прометот, преку електронска пошта, електронска порака и/или на друг начин дека за време на траењето на вонредната состојба, фактурите и другите документи од членот 53 став 2 од Законот за данокот на додадена вредност ќе ги издава во електронска форма. Вршителот на прометот кој нема да го извести примателот на прометот,ќе продолжи да издава фактури и други документи од членот 53 став 2 од ЗДДВ во хартиена форма.

Примателот на прометот во рок од 10 дена од приемот на известувањето има право да го извести издавачот на фактурата дека ја одбива електронската формата на достава. Ако по истекот на 10 дена од применото известување, примателот на прометот не ја одбие формата на достава, ќе се смета дека е согласен на електронската достава на фактури.

Фактурите издадени во електронска форма на примателот на фактурата му даваат право на одбивка на претходниот данок согласно со членовите 33, 34 и 34-а од Законот за данокот на додадена вредност, право на поделба на претходните даноци согласно со членот 36 од Законот за данокот на додадена вредност и право на исправка на одбивката на претходниот данок согласно со членот 37 од Законот за данокот на додадена вредност

Со фактурата издадена во електронска форма треба:

–              да биде обезбедена автентичноста на потеклото на фактурата на начин што примателот на фактурата може недвосмислено да утврди дека таа фактура е испратена од издавачот на фактурата,

–              да биде обезбеден интегритетот на содржината на фактурата на начин што применетата технологија и процедури да оневозможуваат промена на податоците во фактурата,

–              да биде обезбедена читливост на фактурата, односно визуелна и разбирлива слика на издадената фактура на компјутерскиот екран или други електронски уреди на еднаков начин како и на хартија.

Обврзниците кои што издаваат и примаат фактури во електронска форма се должни да ги исполнат евиденциските обврски согласно со членот 52 од ЗДДВ.