Во ,,Службен весник на РСМ’’ бр. 21/2020 објавен е Правилникот за формата и содржината на деловните книги, начинот на нивното водење и искажувањето на финансискиот резултат на даночните обврзници што вршат самостојна дејност.
Согласно одредбите на Правилникот, во книгата на приходи се книжи остварениот бруто приход на обврзникот од продадените стоки, односно извршените услуги. Книгата на приходи се води во електронска или хартиена форма на образец „КП“ во А4 формат, на хартија во бела боја.
Во книгата на трошоци се книжат сите набавени материјали и сите останати трошоци врз основа на соодветна документација за набавените материјали и за трошоците, како и врз основа на пописот на залихите на материјалите. Книгата на трошоци се води во електронска или хартиена форма на образец „КТ“ во А4 формат, на хартија во бела боја.
Во книгата на основни средства и ситен инвентар и залихи се книжат средствата со кои располага обврзникот, кои не се целосно отпишани. Книгата на основни средства и ситен инвентар и залихи се води во електронска или хартиена форма на образец „КО“ во А4 формат, на хартија во бела боја.
Во книгата на парични средства, побарувања и обврски се книжат сите уплати и исплати на трансакциската сметка на обврзникот. Книгата на парични средства, побарувања и обврски се води во електронска или хартиена форма на образец „КПС“ во А4 формат, на хартија во бела боја.
Даночните обврзници што вршат самостојна дејност го искажуваат финансискиот резултат од работењето на образецот „Б-биланс на приходи и расходи“.
Обрасците „КП“, „КТ“, „КО“, „КПС“ и „Б-биланс на приходи и расходи“ може да ги симнете од прилогот кон оваа објава.