Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на __________.2019 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска дисциплина. Законот е објавен во Службениот весник на Република Македонија бр.____/2019 од ______.2019 година.
Основната цел на законодавецот при донесување на измените и дополнувањата е натамошно усогласување на Законот за финансиска дисциплина со Директивата 2011/7/ЕУ за борба против задоцнето плаќање во комерцијални трансакции.
Со измените и дополнувањата се врши намалување на износот на надоместокот за доцнење при исполнувањето на паричната обврска од должникот, од досегашните 3.000 денари, на 2.400 денари. Имено, при непочитување на договорениот рок или законскиот рок за исполнување на паричните обврски кои произлегуваат од реализацијата на деловните трансакции, доверителот има право на надоместок во износ од 2.400 денари, без претходно потсетување и опомена на должникот. Со ваквата нормираност, јасно се утврдува дека потсетувањето и опомената не претставуваат услов за остварување на надоместокот за доцнење при исполнување на паричната обврска.
Воедно, со Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска дисциплина се утврдува надлежност на Министерството за економија – Државен пазарен инспекторат над спроведувањето на одредбите на овој закон од страна на економските оператори од приватниот сектор.
Одредбите кои се однесуваат на основот за спроведување на надзор од страна на надлежните институции (Министерство за финансии – Финансиска инспекција и Министерство за економија – Државен пазарен инспекторат), и одредбите за висината на глобите кои може да се изречат при прекршочните постапки остануваат исти и се движат од 1.000 до 10.000 евра.
Со цел навремено исполнување на паричните обврски кои произлегуваат од реализацијата на деловните трансакции, а со тоа почитување на одредбите на Законот за финансиската дисциплина и избегнување на високи глоби, потребно е, деловните субјекти континуирано и навремено да ги евидентираат приходите, расходите и обврските во деловните книги. Навремената евиденција претставува основ за спроведување анализа на финансиското работење, обезбедување на оптимизација на обврски и нивно планирање.