...

Нов Правилник за спроведување на Законот за ДДВ

Во Службен весник на РСМ бр.18/2024 од 25.01.2024 година објавен е нов Правилник за спроведување на Законот за данокот на додадена вредност. Согласно преодните и завршните одредби овој правилник стапува на сила наредниот ден од денот на негово објавување, односно на 26.01.2024 година.

Што се пропишува со него?

Со овој правилник се пропишува начинот на утврдувањето на местото на промет на услугите, начинот на докажување на даночното ослободување, случаите и условите за откажување од обврската на издавање фактура за прометот извршен спрема други даночни обврзници или на поединечни податоци во истата, начинот на поделба на претходните даноци, начинот на исправка на одбивката на претходниот данок, начинот на исполнување на евиденциските обврски за тур-оператори, случаите и околностите под кои може да се одложи плаќањето на данокот на додадена вредност при увозот и истовремено да се одбие истиот како претходен данок во истиот даночен период во кој настанал, посебната постапка за исплата на претходниот данок кој може да се одбие на даночните обврзници кои немаат седиште или подружница во земјата и кои не извршуваат никаков промет во неа или кои не должат данок за прометот, постапката за исплата и условите за докажување на правото за исплата на вратениот данок на додадена вредност на непрофитните организации, постапката за враќање на данокот на додадена вредност кон странски дипломатски или конзуларни претставништва и нивните членови, постапката за враќање на данокот на додадена вредност кон меѓународни организации и нивните членови, начинот на исполнување на евиденциските обврски и случаите во кои може да се одобрат олеснувања во поглед на исполнувањето на овие обврски и случаите и условите за олеснувања во однос на издавањето фактура.

Како се определува местото на прометот на услугите?                        

Со цел одредување на местото на промет на услуги, даночниот обврзник вршител на прометот на услуги потребно е да обезбеди за примателот на услугата: а) потврда издадена од надлежен даночниот орган во која е содржан даночен број и со која се докажува дека примателот на услугата е даночен обврзник, односно е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност, или б) доколку не ја обезбезбеди претходно наведената потврда тогаш обезбедува ДДВ број или сличен регистрациски број кој е доделен од страна на надлежен орган во државата во која се наоѓа примателот на услугата и кој се користи со цел да се идентификува дека примателот на услугата врши стопанска дејност/деловен потфат, или на друг начин да се утврди дека примателот на услугата е даночен обврзник или лице што се смета за даночен обврзник согласно одредбите на Законот.

Место на промет на услугата при изнајмување на превозни средства

Местото каде што превозното средство вистински му се става на располагање на корисникот на услугата, како што е наведено во одредбите на Законот за ДДВ, е местото каде што корисникот или лице овластено од него, непосредно физички го презема превозното средство.

Сметководствен доказ за даночно ослободување во земјата со право на одбивка на претходниот данок

При извоз даночниот обврзник треба да докаже со документи во земјата дека тој или примателот на доброто или трето лице по нивен налог го превезле или испратиле доброто во странство или во слободна зона, царинска зона или царинско складиште (доказ за извршен извоз). Доколку доброто е обработено или преработено пред извозот од страна на трето лице, истото треба да произлегува од доказот за извршен извоз на очигледен и лесно проверлив начин.  При извоз во рамките на извозната царинска постапка со употреба на техника за електронска обработка на податоци, доказот за извршен извоз се обезбедува преку електронска порака IE599 – Известување за извоз која надлежниот царински орган му ја испраќа на декларантот или на неговиот застапник. При извоз во рамките на извозната царинска постапка кога не се употребува техника за електронска обработка на податоци, туку се применува Единствениот царински документ (ЕЦД), доказот за извршен извоз се обезбедува преку извозна потврда внесена на третиот примерок од ЕЦД. Доколку по завршување на извозот, стоката се превезува во транзитна постапка, доказот за извршен извоз се обезбедува преку извозна потврда внесена на третиот примерок од ЕЦД од страна на надлежнииот царински орган, по добивање на електронска порака со која се потврдува дека стоката го напуштила царинското подрачје или откако ќе се прими петтиот примерок од ЕЦД. Во случаи, во кои се спроведува извозна царинска постапка без примена на техника за електронска обработка на податоци или ЕЦД, доказот за извршен извоз се обезбедува преку документ кој ги содржи следните податоци:  име и адреса на даночниот обврзник и на примателот на доброто,  трговски вообичаена ознака и количина на извозното добро,  место и ден на извозот,  и потврда за извршен извоз издадена од надлежниот царински орган.

Одбивка на претходни даноци од фактури  на даночни обврзници со седиште во странство  се врши доколку даночниот обврзник го има прибележано на фактурата данокот кој го долгува според член 32 точки 4 и 5 од Законот и го има платено данокот.  Претходниот данок кој може да се одбие, даночниот обврзник може да го одбие во даночниот период, во кој го пријавува долгуваниот данок.

Поделба на претходните даноци

Доколку даночниот обврзник ги користи добрата или услугите, кои ги набавил или увезол за цели на неговата стопанска дејност, како за промет за кој постои право на одбивка на претходниот данок, така и за промет за кој е исклучено правото на одбивка на претходниот данок во тој случај даночниот обврзник треба да ги подели претходните даноци според начелото на економска поврзаност на дел со право и дел без право на одбивка. Ова важи и во случај ако прометот, со кој економски се поврзани одредени претходни даноци, бил извршен во подоцнежен даночен период.  Поделбата на претходните даноци зависи единствено од фактичката намена на примените или увезените добра или користените услуги. Поделбата не се однесува на претходни даноци кои се исклучиво поврзани со промет со право на одбивка или со промет без право на одбивка на претходни даноци. Поделбата важи само за оние претходни даноци кои се во меѓусебна економска поврзаност со двата вида на промет.

Продолжување на рокот за плаќање на данокот на додадена вредност при увоз и одбивка  на претходниот данок 

Продолжувањето на рокот за плаќање на данокот на додадена вредност при увоз може да им се одобри на даночни обврзници кои имаат право на одбивка на овој данок како претходен данок. Надлежниот царински орган на барање на даночниот обврзник одобрува продолжување на рокот за плаќање на данокот на додадена вредност при увоз до петнаесеттиот ден по истек на даночниот период во кој настанал даночниот долг, доколку даночниот обврзник за данокот на додадена вредност чиј рок за плаќање се продолжува обезбедил банкарска гаранција. Надлежниот царински орган им го одобрува продолжувањето на рокот за плаќање на данокот на додадена вредност при увоз на даночни должници кои најмалку во последните две години навремено и целосно ги исполнувале своите обврски на пријавување и плаќање на увозните давачки.  Кога е продолжен рокот за плаќање на данокот на додадена вредност при увоз, данокот може да се одбие како претходен данок за даночниот период во кој настанал даночниот долг.

Постапка за враќање на претходниот данок спрема даночни обврзници без седиште во земјата 

Исплатата на претходни даноци, за кои постои право на одбивка спрема даночни обврзници кои немаат фактичко седиште, подружница, постојано живеалиште или престојувалиште во земјата се врши доколку даночниот обврзник во соодветниот период на исплата:

-немал промет во земјата или

-имал само промет во земјата ослободен од данок или

-имал само промет во земјата, за кој примателот на доброто или корисникот на услугата го должи данокот.

Даночниот обврзник може да бара исплата најдоцна до 30 јуни од календарската година која следи по календарската година во која настанало побарувањето за исплата, преку пропишан образец доставен до Управата за јавни приходи – Дирекција во Скопје. Тој треба самиот да го пресмета побарувањето за исплата и да ги докаже износите на претходни даноци преку доставување фактури и докази за извршен увоз во оригинал.

Враќање на данокот на додадена вредност  на непрофитни организации

Барањето за враќање на ДДВ на непрофитни организации се поднесува на пропишан образец до Управата за јавни приходи – Дирекција во Скопје најдоцна до 30 јуни од календарската година која следи по календарската година во која добрата биле извезени во странство. Барањето треба да ги опфаќа сите побарувања од периодот за враќање, кој треба да изнесува најмалку еден календарски месец. Подносителот на барањето самиот го пресметува побарувањето за соодветниот период на враќање

Постапка за враќање на данокот на додена вредност кон странски дипломатски или конзуларни  претставништва и нивните членови 

Барањето за враќање на данокот на додена вредност кон странски дипломатски или конзуларни  претставништва и нивните членови  се поднесува според пропишан образец кој се поднесува до Министерството за надворешни работи. Образецот треба да ги содржи сите побарувања за исплата од периодот на исплата кој треба да изнесува најмалку еден месец од календарската година. Побарувањата за исплата се докажуваат преку доставување фактури и сметки во оригинал.

Евиденциски обврски

Обврските на евиденција ги исполнуваат сите даночни обврзници кои се обврзани за регистрација за данокот на додадена вредност или кои се регистрирале доброволно. Даночните обврзници кои не се обврзани за регистрација на данокот на додадена вредност и кои не се регистрирале доброволно за данокот на додадена вредност, за извршениот промет треба да ја евидентираат најмалку даночната основа, вклучувајќи го данокот на додадена вредност кој отпаѓа на нив (бруто-промет), како и долгуваниот данок на додадена вредност. Даночниот застапник за извршениот промет или примени плаќањата од страна на странското лице треба да ги евидентира најмалку даночната основа, применетата даночна стапка и износот на пресметаниот данок на додадена вредност, збир од износите на надоместокот за извршените промети или примените плаќања (вкупниот износ на надоместокот со вклучен ДДВ) за секоја издадена фактура од даночниот застапник.

Евиденциски обврски за прометот на даночни  обврзници 

Примените авансни плаќања за сеуште неизвршен промет се евидентираат одделно. Евиденцијата треба да ги содржи даночните основи и даноците долгувани за нив.  Во евиденцијата се опфаќаат одделно од другите видови промет и даночните основи за прометот на добра без надомест и услугите без надомест. Евиденцијата треба да го содржи и прометот во странство, слободни зони, царински зони и царински складишта кој не подлежи на оданочување.  Даночниот обврзник треба раздвојувањето на даночните основи според даночни стапки да го обезбеди начелно преку опрема за обработка на податоци, регистар-каси или други технички уреди. Доколку ова не може да се очекува од даночниот обврзник во дадените околности, даночниот орган може на барање да одобри лицето да врши дополнително раздвојување на даночните основи врз основа на влезот на стоки или според други соодветни карактеристики. Примената на поедноставената постапка може да се ограничи на одделни подружници, филијали или други организациони делови.

Евиденциски обврски за одбивка на претходен  данок

Евиденцијата треба да ги содржи авансните плаќања извршени од страна на даночниот обврзник за промет кој се уште не е извршен спрема него. Притоа треба да се евидентираат даночните основи и даноците кои отпаѓаат на нив. Евиденциските обврски доколку било исклучено правото на одбивка на претходниот данок не се исполнуваат.  Ако даночниот обврзник е овластен само за делумен одбивка на претходни даноци, евиденцијата треба на очигледен и лесно проверлив начин да ги содржи претходните даноци кои целосно или делумно се засметуваат кон прометот со право на одбивка. Во тој случај, даночниот обврзник треба да ги евидентира даночните основи за прометот без право на одбивка одвоено од даночните основи за останатите видови на прометВо случај на увоз од страна на даночниот обврзник, евиденциската ќе се смета за исполнета, доколку платениот данок на додадена вредност за увозот се евидентира со наведување на соодветниот царински документ. Во случај на одложено плаќање на данокот, истото се однесува и за данокот на додадена вредност за извршен увоз чиј рок на плаќање е продолжен. Дан

Издавање фактура

Во случај на периодичен или континуиран промет може како момент на да се наведе календарскиот месец во кој бил извршен прометот или било примено плаќањето.  Податоците во врска со количината и описот на прометот можат да бидат содржани во други документи кои се наведуваат на јасен начин во фактурата.  Доколку даночниот обврзник издава фактури исти по вид кон голем број на приматели на истите, даночниот орган може на негово барање да му одобри, наместо потпис на овластеното лице за потпишување на фактури кај издавачот на фактурата да употреби факсимил на потписот на овластеното лице за потпишување на фактури кај издавачот на фактурата. Во факсимилот освен потписот може да биде содржано и името и презимето на овластеното лице за потпишување на фактурите кај издавачот на фактурата.

Издавање на фактури од даночен застапник 

Даночниот застапник од член 9-б од Законот може да издаде една збирна фактура за календарскиот месец или календарското тримесечје во кој биле извршени прометите или биле примени плаќањата од страна на странското лице. За цели на издавање на збирната фактура, странското лице издадените пресметки ги доставува до даночниот застапник најдоцна до последниот ден во календарскиот месец или календарското тримесечје. Збирната фактура ги содржи најмалку следните податоци:

-Место, дата на издавање и број;

-Назив и ДДВ даночен број на странското лице и адреса на даночниот застапник;

-Месец или календарско тримесечје во кои се изврешни прометите или било примено плаќањето;

-Упатување на бројот и датумот на пресметките кои се издадени од страна странското лице;

-Даночна основа;

-Применета даночна стапка;

-Износ на пресметаниот данок на додадена вредност;

-Збир од износите на надоместокот за извршените промети или примените плаќања (вкупниот износ на надоместокот со вклучен ДДВ) и

-Име, презиме и потпис на овластеното лице за потпишување на фактури кај даночниот застапник на странското лице.

Збирната фактура се издава во рок од пет дена по изминување на календарскиот месец или календарското три месечје.

Фактури за промет со различни даночни стапки 

Во фактурите за промет кој подлежи на различни даночни стапки се врши раздвојување на надоместоците и даноците. Ако износот на данокот се утврдува машински и на ист начин се наведува во фактурата, дозволено е искажување на данокот во еден збир ако за соодветната ставка во фактурата е наведена даночната стапка.

Фактури од нерегистрирани даночни обврзници 

Доколку даночниот обврзник, кој не е обврзан за регистрација и не се регистрирал доброволно, издава фактури, во тој случај отпаѓа обврската за наведување на серискиот број и даночниот број, како и на надоместокот, даночната стапка и пресметаниот данок на додадена вредност.

Издавање фактури пред регистрација 

Доколку даночниот обврзник врши промет пред негова регистрација за данок на додадена вредност треба да издаде фактура на денот на издавањето на решението за регистрација, но најдоцна во рок од пет работни дена. Доколку издавачот на фактурата има поднесено барање за регистрација, а надлежниот даночен орган не го доставил решението за регистрација во рок од 10 работни дена по поднесување на барањето, издавачот на фактурата е овластен, наместо својот даночен број, да ја наведе во фактурата издадена од него забелешката „Регистрација побарана на ……”.

 

Последно објавени