...

Кои се предложените измени на Законот за данокот на добивка?

Предлог-законот за изменување и дополнување данокот на добивка кој е во собраниска процедура за негово усвојување ги содржи следните одредби:

-Најпрво, истиот предвидува измени во однос на утврдената обврска за подготовка и доставување на Извештај на трансферни цени до Управата за јавни приходи, при што наместо доставување на извештајот за трансферни цени, се утврдува обврска за негово чување во рок од десет години од истекот на годината за која се однесува извештајот, како и должност за негово доставување до Управата за јавни приходи во рок од 15 дена по доставено барање од управата. Управата за јавни приходи ќе може да достави вакво барање до даночниот обврзник по истекот на 30 дена од рокот за поднесување на даночен биланс. Обрската за поднесување на извештајот утврден согласно членот 12-а oд Законот за данокот на добивка кој е во важност, ќе се применува за деловната 2022 година, додека обврската за чување на Извештајот за трансферни цени ќе се применува од 01.01.2024 година.

-Се предлага дополнување во насока на предвидување на обврска за плаќање на петкратен износ на данокот во случаите кога даночниот обврзник документирано не докаже дека даночното ослободување го искористил за вложувања во материјални средства и во нематеријални средства за проширување на дејноста, како и доколку не го утврди и плати данокот согласно членот 39 од Законот

-Се предлага укинување на правото на даночните обврзници за намалување на пресметаниот данок за износот на донираните средства на спортски субјекти најмногу до 50% од пресметаниот данок, со примена од 01.01.2024 година. Во оваа насока, се предлага обврзниците кои до денот на влегувањето во сила на овој закон искористиле даночно ослободување согласно членот 30-а од Законот за данокот на добивка а кај кои е утврдено престанување на условите за даночното ослободување, да се должни да го утврдат и платат данок на добивка врз основа на образец „ДД-ДО“, кој се доставува до Управата за јавни приходи во рок 30 дена од денот на престанување на условите за даночно ослободување.

-Се утврдува обврска за даночните обврзници кои изготвуваат и чуваат извештај за трансферни цени, кон образецот „ДБ- даночен биланс за оданочување на добивката“, да достават Прилог со податоци за трансакции меѓу поврзани лица „П/ТЦ.

-Се додава нов член со кој се предлага генерално правило против злоупотреба на аранжман или низа на аранжмани, чија главна цел или една од целите е користење на даночните поволности уредени со Законот за данокот на добивка, односно се предлага правата утврдени со овој закон и/или меѓународните договори за оданочување, а кои се однесуваат на намалувања на даночната основа, даночни изземања, ослободувања од плаќање на данок или данок по задршка, намалувања на пресметаниот данок, примена на пониска даночна стапка или поинаков модел на оданочување, даночниот обврзник да нема можност да ги користи за аранжман или низа на аранжмани чија главна цел или една од целите е користење на наведените даночни поволности, во случај кога аранжманите не се автентични, а имајќи ги предвид сите релевантни факти и околности кои се од значење за оданочувањето. Како аранжман ќе се смета која било деловна трансакција, активност, шема, договор, обврска или настан кои може да се состојат од еден или повеќе чекори или делови. Аранжман или низа на аранжмани ќе се сметаат дека не се автентични доколку не се воспоставени поради валидни комерцијални причини што ја одразуваат економската реалност, односно ако се воспоставени за целите на затајување на данок или избегнување на плаќање на даночните обврски.

Се предвидува законот да стапи на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на РСМ“.

 

 

 

Последно објавени