Согласно член 117 од Законот за работни односи, работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време во следните случаи:
-во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата;
-ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес;
-ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата;
-ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и
-во други случаи определени со закон или колективен договор.
Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.
На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач во кои не се засметуваат деновите на искористен годишен одмор, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во Републиката.
Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот, пти што треба да се има во предвид дека работодавачот кој има над 25 вработени и кај кого процесот на работата се врши на една или повеќе локации е должен на секоја локација да води електронско евидентирање на полното работно време и на прекувремената работа.
Работодавачот е должен за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести подрачниот државен инспектор на трудот. Образецот за известување може да го симнете тука: Izvestuvanje Prekuvremena rabota(DD).
Ако работодавачот воведува прекувремена работа подолго од осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно е должен да изврши прераспоредување на работното време или воведување на нови смени.
На повозрасниот работник работодавачот без согласност на работникот не смее да му одреди прекувремена или ноќна работа.
Законот утврдува дека прераспределените работни часови не се сметаат како прекувремена работа за која се исплаќа додаток на плата.
Законот забранува вршење на работа подолго од работното време доколку:
-работата може да се изврши со соодветна организација или распределба на работата, распоредување на работното време или воведување на нови смени;
-на работникот жена, во согласност со одредбите на овој закон поради заштита на бременоста, раѓање и родителството;
-на мајка со дете до три години старост и самохран родител со дете до шест години старост, освен ако работникот даде писмена изјава дека доброволно се согласува со прекувремена работа;
-на повозрасен работник без негова согласност;
-на работник кој не наполнил 18 години возраст;
-на работникот на кој врз основа на мислење на лекарската комисија поради таквото работење ќе му се влоши здравствената состојба;
-на работникот кој има полно работно време пократко од 36 часа неделно поради работа на работното место, каде што опстојуваат поголеми опасности од повреди или здравствени оштетувања и
-на работникот кој работи помалку од полното работно време (скратено работно време) во согласност со прописите за пензиско и инвалидско осигурување (инвалидност), прописите за здравствено осигурување (медицинска рехабилитација) или други прописи (родителски обврски).
Воедно, во однос на прекувремената работа треба да се има предвид и заштитата за време на бременост и родителство, при што за време на бременост или со дете до една година возраст, работничката не смее да врши прекувремена работа или да работи ноќе, додека на работничката која има дете од една до три години возраст, може да и се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по нејзина претходна писмена согласност.
Во оваа насока се и одредбите согласно кои на еден од работниците – родители кој има дете помладо од седум години или тешко болно дете или дете со телесен или душевен недостаток и кој живее сам со детето и се грижи за неговото воспитување и заштита, може да му се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по негова претходна писмена согласност.