...

На кои даночни обврзници ќе однесува данокот на солидарност?

Со Предлог-законот за данокот на солидарност се уредува оданочувањето со данокот за солидарност, обврзникот за плаќање на данокот за солидарност, даночната основа за пресметување на данокот за солидарност, стапката по која се пресметува данокот за солидарност, роковите за плаќање на данокот за солидарност, како и други прашања кои се од значење за утврдување и плаќање на данокот за солидарност.

Согласно предложените одредби, данокот за солидарност ќе биде еднократна јавна давачка за 2023 година како приход на Буџетот на Република Северна Македонија.

Обврзник на данокот за солидарност ќе биде обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари, при што  во утврдување на висината на приходот се исклучуваат приходите во стечајна постапка остварени од продажба на имот за намирување на доверителите.

По исклучок, обврзник за данокот за солидарност не би бил обврзникот кој:

-отпочнал со вршење на дејност во текот на 2022 година, освен во случај кога отпочнувањето со вршење на дејност е резултат на статусна промена;

-има искажано нула износ на даночна основа по намалување во даночниот биланс за оданочување на добивка во сите периоди во кои вршел дејност;

-престанал со вршење на дејност согласно Законот за трговските друштва, без да изврши статусна промена и поднесува последен даночен биланс за оданочување на добивка за даночниот период од 2022 година.

Даночната основа за данокот за солидарност ќе се пресметува на начин што од износот на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2022 година (АОП 49), ќе се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврдена во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди (2018, 2019 и 2021 година) зголемен за 20%.

Доколку е поповолно за даночниот обврзник, даночната основа за данокот за солидарност ќе може да се пресметува на начин што од просечниот износ на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2021 и за 2022 година, се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди (2017, 2018 и 2019 година) зголемен за 20%.

Во случај на статусна промена, при утврдување на даночната основа за пресметување на данокот за солидарност, просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди ќе се зголемува за 30%.

Даночната основа ќе се утврдува без оглед дали даночниот обврзник има даночна обврска за данок на добивка во даночниот биланс за оданочување на добивка за 2022 година или во претходните периоди.

Обврзникот нема да е должен да пресметува данок за солидарност кога износот на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2022 година е еднаков на нула.

Просечниот износ на даночна основа по намалување за претходните периоди ќе се пресметува како збир од износот на даночните основи по намалување за претходните периоди, поделен со бројот на периоди во кои даночниот обврзник вршел дејност. По исклучок, кога износот на даночната основа по намалување утврден во некој од даночните биланси за оданочување на добивката во претходните периоди е еднаков на нула, како и бројот на периоди за кои е утврден таков износ, нема да се земат во предвид при пресметувањето на просечниот износ на даночна основа по намалување за претходните периоди

Во случај на статусна промена – присоединување, кога даночниот обврзник (друштво што се присоединува) се присоединува кон друг даночен обврзник (друштво што презема), при утврдувањето на даночна основа за друштвото што презема, при пресметка на просечниот износ на даночна основа по намалување за претходните периоди ќе се зема во предвид и даночната основа по намалување од друштвото што се присоединува.

Во случај на статусна промена – спојување, кога два или повеќе даночни обврзници се спојуваат и основаат ново друштво, при утврдувањето на даночната основа за новото друштво, при пресметка на просечниот износ на даночна основа по намалување за претходните периоди ќе се зема во предвид и даночната основа по намалување од друштвата што се спојуваат.

Во случај на статусна промена – поделба, при утврдувањето на даночната основа, при пресметка на просечниот износ на даночна основа по намалување за претходните периоди се зема во предвид и даночната основа по намалување на друштвата кај кои е настаната статусната промена – поделба, сразмерно на пренесениот имот и обврски.

Во случај кога даночниот обврзник отпочнал со вршење на дејност во текот на 2020 или 2021 година, освен во случај кога отпочнувањето со вршење на дејност е резултат на статусна промена, како и во случај кога даночната основа по намалување само за 2021 година е износ повисок од нула, даночната основа се пресметува.

Стапката на данокот за солидарност ќе изнесува 30 %.

Даночниот обврзник е должен да ја утврди даночната основа врз основа на образецот „ДБ-ДС – Даночен биланс за оданочување со данок за солидарност“, кој ќе го поднесуваат сите даночни обврзници до Управата за јавни приходи најдоцна до 25 септември 2023 година.

Управата за јавни приходи ќе врши контрола на начинот на пресметувањето и уплатувањето на данокот за солидарност.

Предлог- законот предвидува и глоби за непочитување на одредбите на законот и тоа и за  даночните обврзници правни лица и одговорните лица на правните лица. Глобите ќе се движат од 150 до 20.000 евра во денарска противвредност.

Даночниот обврзник е должен да го плати данокот за солидарност најдоцна во рок од 30 дена од истекот на рокот за поднесување на Даночен биланс за оданочување со данок за солидарност (25.09.2023 година), односно најдоцна до 25.10.2023 година.

Се предвидува законот да стапи на сила со денот на објавувањето во „Службен весник на РСМ“.

 

 

 

Последно објавени