...

Постапка за ликвидација на фирма

Ако не се отвори стечајна постапка над друштвото, по донесувањето на одлуката за престанување на друштвото се спроведува ликвидација.

Ликвидацијата на јавно трговско друштво ја спроведуваат сите содружници како ликвидатори, а на командитно друштво и на командитно друштво со акции сите комплементари, ако со спогодба содружниците не им ја довериле на одделни содружници. Двајца или повеќе наследници на починат содружник се должни да постават заеднички застапник. Ликвидацијата на друштво со ограничена одговорност и на акционерско друштво ја спроведуваат членовите на органот на управување, односно управителот на друштвото, во својство на ликвидатори. Ако содружниците, односно акционерите не назначиле ликвидатор и ако со Законот за трговските друштва е определено дека судот спроведува ликвидација на друштво по сила на закон, судот го назначува ликвидаторот

Постапката за ликвидација започнува со донесување на Одлука за ликвидација и поднесување на  електронско барање  до Централниот регистар на Република Северна Македонија. Барањето треба да содржи пријава за додавање на наставка на постоечкото име на фирмата „во ликвидација“ и пријава за именување на ликвидатор.

Ликвидаторот, по уписот во трговскиот регистар, без одлагање и во интервал не пократок од седум дена, а не подолг од 15 дена од уписот во трговскиот регистар, објавува дека друштвото е во ликвидација. Објавата се врши на веб страницата на Централниот регистар на Република Македонија. Со објавата се повикуваат доверителите да ги пријават своите побарувања во рок од 15 дена од денот на објавата на веб страницата на  Централниот регистар на Република Македонија. Познатите доверители се известуваат поединечно и во писмена форма за ликвидацијата.

Ликвидаторот составува биланс на состојбата според состојбата на денот на почетокот на отворањето на постапката за ликвидација (почетен биланс за отворање постапка за ликвидација) и извештај во којшто го објаснува билансот, како и извештај за работењето на друштвото во текот на годината за којашто се подготвува годишната сметка.

Содружниците, собирот на содружниците и собранието на друштвото одлучуваат за почетниот биланс, за годишната сметка и за извештајот за работењето на друштвото, за одобрување на работата на ликвидаторот.

Доколку ликвидаторот по истекот на рокот за пријава на побарувањата утврди дека нема пријавени побарувања на доверителите, ликвидаторот е должен во рок од три дена да поднесе пријава за бришење на трговското друштво од трговскиот регистар. Ликвидаторот може да ја потпише пријавата за бришење на трговското друштво од трговскиот регистар и само со електронски потпис пред истата да ја поднесе во електронска форма преку едношалтерскиот систем.

Последно објавени