...

Објавена висина на минимална нето плата во износ од 20.175 денари

Согласно член 4 од Законот за минималната плата во Република Северна Македонија, исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со:
– 50% од порастот на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и
– 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Висината на минималната плата не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Просечниот износ на исплатената месечна нето-плата за работник кој работи помалку од полното работно време се пресметува сразмерно со бројот на одработените часови во месецот.

Во просечниот износ на исплатената месечна нето-плата за работник, не се пресметува додатокот на плата за прекувремена работа.

Министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ во „Службен весник на Република Северна Македонија“, во месец март секоја година, која ќе започне да се исплатува со исплатата на платата за месец март во тековната година.

Согласно наведените одредби на Законот за минималната плата во Република Северна Македонија, министерството за труд и социјална политика, во Службен весник на Република Северна Македонија бр.58/2023 од 16.03.2023 година, ја објави висината на минималната плата во бруто износ од 29.739 денари. Согласно овој износ, висината на минималната нето плата изнесува 20.175 денари.

Работодавачите кои склучиле договори за вработување со висина на претходно утврдениот износ на минимална плата, потребно е да ги усогласат истите со ново утврдениот износ на минимална плата на кој ќе го додадат додатокот на плата за работен стаж, односно зголемување на основната плата за 0.5% за секоја година работен стаж.

Последно објавени