Ако не се отвори стечајна постапка над друштвото, по донесувањето на одлуката за престанување на друштвото се спроведува ликвидација.
Ликвидацијата на јавно трговско друштво ја спроведуваат сите содружници како ликвидатори, а на командитно друштво и на командитно друштво со акции сите комплементари, ако со спогодба содружниците не им ја довериле на одделни содружници. Двајца или повеќе наследници на починат содружник се должни да постават заеднички застапник. Ликвидацијата на друштво со ограничена одговорност и на акционерско друштво ја спроведуваат членовите на органот на управување, односно управителот на друштвото, во својство на ликвидатори. Ако содружниците, односно акционерите не назначиле ликвидатор и ако со Законот за трговските друштва е определено дека судот спроведува ликвидација на друштво по сила на закон, судот го назначува ликвидаторот
Постапката за ликвидација започнува со донесување на Одлука за ликвидација и поднесување на електронско барање до Централниот регистар на Република Северна Македонија. Барањето треба да содржи пријава за додавање на наставка на постоечкото име на фирмата „во ликвидација“ и пријава за именување на ликвидатор.
Ликвидаторот, по уписот во трговскиот регистар, без одлагање и во интервал не пократок од седум дена, а не подолг од 15 дена од уписот во трговскиот регистар, објавува дека друштвото е во ликвидација. Објавата се врши на веб страницата на Централниот регистар на Република Македонија. Со објавата се повикуваат доверителите да ги пријават своите побарувања во рок од 15 дена од денот на објавата на веб страницата на Централниот регистар на Република Македонија. Познатите доверители се известуваат поединечно и во писмена форма за ликвидацијата.
Ликвидаторот составува биланс на состојбата според состојбата на денот на почетокот на отворањето на постапката за ликвидација (почетен биланс за отворање постапка за ликвидација) и извештај во којшто го објаснува билансот, како и извештај за работењето на друштвото во текот на годината за којашто се подготвува годишната сметка.
Содружниците, собирот на содружниците и собранието на друштвото одлучуваат за почетниот биланс, за годишната сметка и за извештајот за работењето на друштвото, за одобрување на работата на ликвидаторот.
Доколку ликвидаторот по истекот на рокот за пријава на побарувањата утврди дека нема пријавени побарувања на доверителите, ликвидаторот е должен во рок од три дена да поднесе пријава за бришење на трговското друштво од трговскиот регистар. Ликвидаторот може да ја потпише пријавата за бришење на трговското друштво од трговскиот регистар и само со електронски потпис пред истата да ја поднесе во електронска форма преку едношалтерскиот систем.
Согласно член 4 од Законот за минималната плата во Република Северна Македонија, исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со:
– 50% од порастот на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и
– 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Висината на минималната плата не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Просечниот износ на исплатената месечна нето-плата за работник кој работи помалку од полното работно време се пресметува сразмерно со бројот на одработените часови во месецот.
Во просечниот износ на исплатената месечна нето-плата за работник, не се пресметува додатокот на плата за прекувремена работа.
Министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ во „Службен весник на Република Северна Македонија“, во месец март секоја година, која ќе започне да се исплатува со исплатата на платата за месец март во тековната година.
Согласно наведените одредби на Законот за минималната плата во Република Северна Македонија, министерството за труд и социјална политика, во Службен весник на Република Северна Македонија бр.58/2023 од 16.03.2023 година, ја објави висината на минималната плата во бруто износ од 29.739 денари. Согласно овој износ, висината на минималната нето плата изнесува 20.175 денари.
Работодавачите кои склучиле договори за вработување со висина на претходно утврдениот износ на минимална плата, потребно е да ги усогласат истите со ново утврдениот износ на минимална плата на кој ќе го додадат додатокот на плата за работен стаж, односно зголемување на основната плата за 0.5% за секоја година работен стаж.
Управата за јавни приходи на својот веб портал ги објави роковите за исполнување на редовни даночни обврски за март 2023 година.
–До 10-ти март– Поднесување на пресметки од физичките лица кои остваруваат доход за кој данокот на личен доход не се плаќа по одбивка (закупнини, капитални добивки, доход од странство, друг доход остварен во месец февруари 2023);
–До 10-ти март– Поднесување на МПИН за задолжителни социјални придонеси и ДЛД од плати за месец февруари 2023;
–До 15-ти март – Поднесување на Годишен даночен биланс за утврдување на данокот на доход од вршење на самостојна дејност (Образец ДЛД-ДБ);
–До 15-ти март – Поднесување на Билансот на приходи и расходи (Образец Б);
–До 15-ти март– Плаќање на МПИН за задолжителни социјални присонеси и ДЛД од плати за месец февруари 2023;
–До 15-ти март– Плаќање на аконтации на данокот на личен доход од самостојно вршење дејност за месец февруари 2023;
–До 15-ти март– Плаќање на одобрените пресметки кои се поднесуваат од физичките лица и се однесуваат за месец февруари 2023;
–До 15-ти март– Плаќање на аконтација за Данок на добивка за месец февруари 2023;
–До 15-ти март– Поднесување на Даночен биланс за оданочување на добивка (Образец ДБ). Доколку Годишната сметка до Централниот регистар е доставена во електронска форма;
–До 15-ти март– Поднесување на Даночен биланс на вкупен приход (Образец ДБ-ВП). Доколку Годишната сметка до Централниот регистар е доставена во електронска форма;
–До 15-ти март–Поднесување на Даночен биланс на непрофитни организации(Образец ДБ-НП/ВП)Доколку Годишната сметка до Централниот регистар е доставена во електронска форма;
–До 25-ти март– Поднесување на даночна пријава на Данок на додадена вредност за даночен период 01.02.2023-28.02.2023;
–До 25-ти март– Плаќање на даночна обврска за данок на додадена вредност за даночен период 01.02.2023-28.02.2023;
–До 30-ти март – Поднесување на Барање за пренесување на искажана загуба (Образец ДД-01).
Владата на РСМ на седницата одржана на 02.03.2023 година донесе Одлука за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед.
Со Одлуката се определува обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехрамбени производи, да прибавуваат и/или да продаваат леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел).
Трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови леб, да прибавуваат и да продаваат најмалку 80% леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел).
Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство кои свооите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехрамбени производи, имаат обврска да произведуваат и да ставаат во промет леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел), во количина од најмалку 80% од производството на овој леб во месец декември 2022 година.
Трговците, за испорачаниот леб, на производителот на лебот треба да му платат најдоцна во рок од 20 дена од приемот на фактурата за испорачаниот леб.
Одлуката ќе се применува од денот на нејзиното објавување во Службен весник на РСМ до 31.05.2023 година.
Во Службен весник на РСМ бр.44/2023 од 28.02.2023 година, објавена е Одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало.
Со оваа одлука се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел). Највисоките цени се утврдуваат во висина на цена која изнесува 33 денари по леб со тежина која изнесува 450 грама и повеќе, а со тежина под 450 грама, се утврдува во висина до 33 денари по леб, која цена ќе биде во сооднос со тежината на лебот.
Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на РСМ“, односно од 28 февруари 2023 и ќе се применува до 31 мај 2023 година.