...

Право на одмор

Правото на платен одмор е уставно загарантирано право утврдено во член 32 од Уставот на Република Македонија. Со уставните одредби се става посебен акцент на неприкосновеноста на правото на одмор, со определбата дека од ова право вработениот не може да се откаже. Согласно наведеното,  евентуална изјава со која вработениот би се откажал од правото на годишен одмор, односно евентуална спогодба помеѓу работодавачот и работникот , во правна смисла е ништовна и не произведува правно дејство.

Одмор во текот на работниот ден – Пауза

За време на дневното работно време работникот кој работи шест часа и подолго од шест часа има право на пауза во траење од 30 минути.Работникот кој работи со пократко работно време, меѓутоа најмалку четири часа дневно, има право на пауза во траење од 15 минути.Должината на паузата во случај на нееднакво распоредување или времено прераспоредување на работното време се одредува пропорционално на должината на дневното работно време.Паузата може да се одреди дури по два часа работа и најдоцна три часа пред крајот на работното време.Времето на паузата во текот на работниот ден се засметува во работното време и за истото се исплатува плата.

Дневен одмор

Работникот има право на дневен одмор од најмалку 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена во текот на 24 часа.

Неделен одмор

Работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато, плус 12 часа дневен одмор.Ден на неделен одмор е недела.По исклучок, за работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко-технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата и тоа во конкретно наведени дејности во член 134 став 3 од Законот за работните односи.

Годишен одмор

Работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена. Годишниот одмор со колективен договор или договор за вработување може да се продолжи до 26 работни дена. Работникот кој е пријавен со скратено работно време има право на годишен одмор со минимално времетраење од 10 работни дена.Повозрасен работник од 57 години жени и 59 години мажи,, инвалид, работник со најмалку 60% телесно оштетување и работник кој негува и чува дете со телесен или душевен недостаток има право на уште три работни дена годишен одмор. Работодавачот е должен на работникот да му издаде решение за правото на користење на годишен одмор. Додека вакво решение не е донесено, треба да се смета дека годишниот одмор не е одобрен и работникот е должен да се јавува на работа.

Определување на траењето на годишниот одмор

Траењето на годишниот одмор се определува според времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективниот договор. Празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа не се пресметуваат во деновите на годишниот одмор.

Стекнување право на годишен одмор

Работникот кој за првпат заснова работен однос се стекнува со правото на цел годишен одмор, кога ќе оствари непрекината работа од најмалку шест месеца кај ист работодавач, без оглед на тоа дали работникот работи полно работно време или пократко работно време од полното.Додека, работникот има право на користење на пропорционален дел на годишниот одмор во вкупен износ од по два дена за секој месец работа, ако:

1) во календарската година во која склучил работен однос не се стекнал со правото на целосен годишен одмор;

2) му престанал работниот однос пред изминувањето на рокот, по истекувањето на кој би добил право на целосен годишен одмор.

Користење на годишниот одмор

Годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година.Истиот може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели. Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на две непрекинати работни недели годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година.Годишниот одмор којшто не бил искористен во тековната календарска година заради отсутност поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни идната календарска година.

Начин на користење на годишниот одмор

Годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски. Согласно наведеното, определувањето на периодот кога се користи годишниот одмор е право на работодавачот кое го одлучува врз основа на барањето на работникот.Работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето.

Последно објавени