...

Правото на платен одмор е уставно загарантирано право утврдено во член 32 од Уставот на Република Македонија. Со уставните одредби се става посебен акцент на неприкосновеноста на правото на одмор, со определбата дека од ова право вработениот не може да се откаже. Согласно наведеното,  евентуална изјава со која вработениот би се откажал од правото на годишен одмор, односно евентуална спогодба помеѓу работодавачот и работникот , во правна смисла е ништовна и не произведува правно дејство.

Одмор во текот на работниот ден – Пауза

За време на дневното работно време работникот кој работи шест часа и подолго од шест часа има право на пауза во траење од 30 минути.Работникот кој работи со пократко работно време, меѓутоа најмалку четири часа дневно, има право на пауза во траење од 15 минути.Должината на паузата во случај на нееднакво распоредување или времено прераспоредување на работното време се одредува пропорционално на должината на дневното работно време.Паузата може да се одреди дури по два часа работа и најдоцна три часа пред крајот на работното време.Времето на паузата во текот на работниот ден се засметува во работното време и за истото се исплатува плата.

Дневен одмор

Работникот има право на дневен одмор од најмалку 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена во текот на 24 часа.

Неделен одмор

Работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато, плус 12 часа дневен одмор.Ден на неделен одмор е недела.По исклучок, за работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко-технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата и тоа во конкретно наведени дејности во член 134 став 3 од Законот за работните односи.

Годишен одмор

Работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена. Годишниот одмор со колективен договор или договор за вработување може да се продолжи до 26 работни дена. Работникот кој е пријавен со скратено работно време има право на годишен одмор со минимално времетраење од 10 работни дена.Повозрасен работник од 57 години жени и 59 години мажи,, инвалид, работник со најмалку 60% телесно оштетување и работник кој негува и чува дете со телесен или душевен недостаток има право на уште три работни дена годишен одмор. Работодавачот е должен на работникот да му издаде решение за правото на користење на годишен одмор. Додека вакво решение не е донесено, треба да се смета дека годишниот одмор не е одобрен и работникот е должен да се јавува на работа.

Определување на траењето на годишниот одмор

Траењето на годишниот одмор се определува според времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективниот договор. Празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа не се пресметуваат во деновите на годишниот одмор.

Стекнување право на годишен одмор

Работникот кој за првпат заснова работен однос се стекнува со правото на цел годишен одмор, кога ќе оствари непрекината работа од најмалку шест месеца кај ист работодавач, без оглед на тоа дали работникот работи полно работно време или пократко работно време од полното.Додека, работникот има право на користење на пропорционален дел на годишниот одмор во вкупен износ од по два дена за секој месец работа, ако:

1) во календарската година во која склучил работен однос не се стекнал со правото на целосен годишен одмор;

2) му престанал работниот однос пред изминувањето на рокот, по истекувањето на кој би добил право на целосен годишен одмор.

Користење на годишниот одмор

Годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година.Истиот може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели. Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на две непрекинати работни недели годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година.Годишниот одмор којшто не бил искористен во тековната календарска година заради отсутност поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни идната календарска година.

Начин на користење на годишниот одмор

Годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски. Согласно наведеното, определувањето на периодот кога се користи годишниот одмор е право на работодавачот кое го одлучува врз основа на барањето на работникот.Работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето.

Која е целта на Предлог-законот за данок на солидарност?

Согласно предлагачот, целта на Предлог Законот е секој да учествува во намирувањето на јавните расходи во согласност со своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од ценовната и енергетската криза. Воведувањето на данокот за солидарност е од општ интерес за сите граѓани, и се базира на начелата на правичност, еднаквост и пропорционалност.

Што предвидува Предлог-законот?

Предлог законот предвидува воведување на данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и привремена јавна давачка.

Кој треба да плаќа данок на солидарност?

Обврзник за плаќање на овој вид на данок е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари. По исклучок,  обврзник за данокот за солидарност не е обврзникот кој отпочнал со вршење на дејност во текот на 2022 година, освен во случај кога отпочнувањето со вршење на дејност е резултат на статусна промена; обврзник кој има искажано нула износ на даночна основа по намалување во даночниот биланс за оданочување на добивка во сите периоди во кои вршел дејност; како и обврзник кој престанал со вршење на дејност согласно Законот за трговските друштва, без да изврши статусна промена и поднесува последен даночен биланс за оданочување на добивка за даночниот период од 2022 година.

Како се пресметува даночната основа за данокот на солидарност?

Даночната основа за пресметување на данокот за солидарност претставува позитивната разлика помеѓу износот на даночната основа по намалување утврден во даночниот биланс за оданочување на добивката на АОП 49 за 2022 година или просечниот износ на даночната основа по намалување за 2021 и 2022 година и просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди зголемен за 20%. Во случај на статусни промени се предвидува повисок процент на зголемување на просечниот износ на даночната основа за претходните даночни периоди, односно 30%.

Колкава е стапката на данокот на солидарност?

Претходно наведените обврзници, на претходно спомената основа ќе имаа обврска да платат данок за солидарност во 2023 година по стапка од 30%.

Кога и на кој начин даночните обврзници ќе треба да утврдат даночната основа?

Даночните обврзници ќе бидат должни да ја утврдат даночната основа на образецот „ДБ-ДС – Даночен биланс за оданочување со данок за солидарност“ што се доставува до Управата за јавни приходи во рок од 45 дена од истекот на рокот пропишан за поднесување на годишната сметка согласно со Законот за трговските друштва и прописите за сметководство.

Кој е рокот за плаќање на данокот за солидарност?

Даночните обврзници се должни да го платат данокот за солидарност најдоцна до 31 мај 2023 година.

 

Со најновите измени на Законот за данокот на личен доход објавени во ,,Службен весник на РСМ” број 274/22, се прошируваат видовите на доход кои потпаѓаат под категоријата на доход од работа. Во рамки на доход на работа, покрај досегашните видови на доход прецизирани во член 15 од Законот, се додаваат и користењето на станбени згради или станови кои се во сопственост на работодавачот или кои работодавачот ги користи по основ на закуп или по друг основ, користењето наслужбени моторни возила или други превозни средства за приватни цели, вклучувајќи и превоз од и до работно место и стекнување со хартии од вредност и учество во капиталот на работодавачот и кај поврзани лица со работодавачот, без надоместок или по цена пониска од пазарната, се сметаат за доход од работа.

Во оваа насока, се врши и прецизирање и дополнување на основaта за оданочување на немонетарните бенефиции на даночните обврзници кои остаруваат доход по тој основ.

Имено, основа за пресметување на данокот на доход од работа за користењето на станбени згради или станови кои се во сопственост на работодавачот или кои работодавачот ги користи по основ на закуп или по друг основ, претставува износот на закупнината што може да се постигне според локални прилики за сличен имот што се дава на користење под приближно еднакви услови, а во случај на закуп или по друг основ, износот на закупнина кој работодавачот го платил.

*Податоци за износот на закупнина што може да се постигне според локални прилики за сличен имот што се дава на користење под приближно еднакви услови може да се обезбеди од регитарот на цени и закупи на Агенцијата за катастарот на недвижности.

Основа за пресметување на данокот на доход од работа за користење на службени моторни возила или други превозни средства за приватни цели, вклучувајќи и превоз од и до работно место претставува износот од 1% од сметководствената вредност на моторното возило на 31 декември во претходната година, а доколку вработениот платил надоместок за користење, намален за износот на надоместокот што вработениот го платил за користењето, месечно, односно износот од 1% од набавната вредност на моторното возило во годината во која е набавено возилото, односно износот од 1% од набавната вредност на моторното возило намалена за пресметаната амортизација со примена на амортизационaта стапкa утврденa со Номенклатурата на средствата за амортизација, во случај кога моторното возило е набавено врз основа на договор за лизинг, месечно.

Основа за пресметување да данокот на доход од работа за стекнување со хартии од вредност и учество во капиталот на работодавачот и кај поврзани лица со работодавачот, без надоместок или по цена пониска од пазарната претставува пазарната цена на хартиите од вредност и учеството во капиталот (удели) на денот на стекнувањето, односно разликата помеѓу пазарната цена и цената платена од страна на вработениот.