...

На 01-ви јануари 2023 година стапи на сила Законот за платежни услуги и платни системи (Службен весник на РСМ бр.90/22).

Една од новините која се воведува со законот се однесува на благајничкото работење.

Согласно член 183 од Законот, за плаќања со готовина, правно лице може да чува во својата благајна готовина до висината на благајничкиот максимум. Благајничкиот максимум го утврдува правното лице со посебен акт. Правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар над утврдениот благајнички максимум примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка. Правното лице е должно да ја осигура готовината која ја чува во својата благајна, најмалку до висината на благајничкиот максимум, при што договорот за осигурување задолжително ќе ги покрива штетите во случај на пожар, поплава и кражба. Оваа обврска не се однесува на правните лица чиј благајнички максимум е до 20.000 денари. Плаќањето на производи и услуги во готово од страна на правни лица не може поединечно да биде повеќе од 6.000 денари и не може да надмине вкупен износ од 60.000 денари во текот на календарскиот месец. Правното лице не може да врши плаќање со пресметка доколку има блокирана платежна сметка. Буџетските корисници, единките корисници и другите корисници кои имаат платежни сметки во Трезорската сметка не можат да вршат плаќање со пресметка доколку имаат блокирана платежна сметка. Јавните здравствени установи кои имаат платежни сметки во Здравствената трезорската сметка не можат да вршат плаќање со пресметка доколку имаат блокирана платежна сметка.

Што во пракса значат ваквите одредби?

Најпрво, правните лица преку својот управен одбор односно управител треба да усвојат акт со кој ќе го утврдат благајничкиот максимум. Висината на благајничкиот максимум не е ограничена, но доколку истата изнесува повеќе од 20.000,00 денари, правното лице треба да ја осигура готовината која ќе ја чува во благајна.

Потоа, со цел ограничување односно намалување на готовинско работење се утврдува висината на плаќањата на производи и услуги во готово од страна на правните лица. Ваквото ограничување поеднинечно т.е. при еднократна набавка на производи и услуги не смее да изнесува повеќе од 6.000 денари, додека максималниот износ на готовинско плаќање во текот на календарскиот месец остварен со повеќератни набавки на производи и услуги е 60.000 денари.

Во оваа насока целисходно е поврзување на овие одредби на Законот за платежни услуги и платни системи со одредбите на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам (Службен весник на РСМ.бр.151/22) кои се однесуваат на максималниот износ на плаќање во готовина.

Имено, утврдениот износ за плаќање со готовина на стоки и услуги во износ до 3.000 евра во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги, во однос на правните лица треба да се интеретира и применува при наплата на готовина од страна на физичките лица.

Плаќањето во готовина на правните лица е утврдено со Законот за платежни услуги и платни системи на износ од 6.000 денари поединечно, односно 60.000 денари во текот на каледарскиот месец и истите не треба да се дерогираат со одредбите на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам за плаќање во готовина до 3.000 евра во денарска противвредност кои се применливи при плаќање на физичките лица. 

Законот за платежни услуги и платни системи во член 218 утврдува глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 250 до 750 евра во денарска противвредност за мал трговец, од 750 до 1.500 евра во денарска противвредност за среден трговец и од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност за голем трговец ќе му се изрече за прекршок доколку не ја осигура готовината која што ја чува во благајна, плаќа производи и услуги во готово во поединечен износ повеќе од 6.000 денари или во вкупен износ повеќе од 60.000 денари во текот на календарски месец и врши плаќање со пресметка доколку има блокирана платежна сметка.

Одредбите кои се однесуваат на забраната за плаќање со пресметка на едно правно лице со правно лице кое има блокирана платежна сметка ќе започнат да се применуваат од 1-ви јануари 2024 година.