Согласно член 32 став 9 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на РСМ“ бр.173/22), правните лица со лиценца за вршење на сметководствени работи се должни најдоцна до 31 јануари во тековната година да достават во Институтот на сметководители и овластени сметководители список на лица вработени со нивните звања, со нивен регистарски број под кој се запишани во соoдветниот регистар во Институтот и доказ за годишно осигурување од штета при вршење на професионална дејност. Согласно став 2 точка 6 од истиот член, годишното осигурување при вршење на сметководствени работи за трговец поединец – сметководител, треба да биде на износ од минимум 2.000 евра во денарска противвредност по штетен настан, за трговец поединец – овластен сметководител на износ од минимум 10.000 евра во денарска противвредност по штетен настан и за друштво за вршење на сметководствени работи на износ од минимум 20.000 евра во денарска противвредност по штетен настан.
Податоците треба да се достават најдоцна денес, 31.01.2023 година.
На 01-ви јануари 2023 година стапи на сила Законот за платежни услуги и платни системи (Службен весник на РСМ бр.90/22).
Една од новините која се воведува со законот се однесува на благајничкото работење.
Согласно член 183 од Законот, за плаќања со готовина, правно лице може да чува во својата благајна готовина до висината на благајничкиот максимум. Благајничкиот максимум го утврдува правното лице со посебен акт. Правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар над утврдениот благајнички максимум примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка. Правното лице е должно да ја осигура готовината која ја чува во својата благајна, најмалку до висината на благајничкиот максимум, при што договорот за осигурување задолжително ќе ги покрива штетите во случај на пожар, поплава и кражба. Оваа обврска не се однесува на правните лица чиј благајнички максимум е до 20.000 денари. Плаќањето на производи и услуги во готово од страна на правни лица не може поединечно да биде повеќе од 6.000 денари и не може да надмине вкупен износ од 60.000 денари во текот на календарскиот месец. Правното лице не може да врши плаќање со пресметка доколку има блокирана платежна сметка. Буџетските корисници, единките корисници и другите корисници кои имаат платежни сметки во Трезорската сметка не можат да вршат плаќање со пресметка доколку имаат блокирана платежна сметка. Јавните здравствени установи кои имаат платежни сметки во Здравствената трезорската сметка не можат да вршат плаќање со пресметка доколку имаат блокирана платежна сметка.
Што во пракса значат ваквите одредби?
Најпрво, правните лица преку својот управен одбор односно управител треба да усвојат акт со кој ќе го утврдат благајничкиот максимум. Висината на благајничкиот максимум не е ограничена, но доколку истата изнесува повеќе од 20.000,00 денари, правното лице треба да ја осигура готовината која ќе ја чува во благајна.
Потоа, со цел ограничување односно намалување на готовинско работење се утврдува висината на плаќањата на производи и услуги во готово од страна на правните лица. Ваквото ограничување поеднинечно т.е. при еднократна набавка на производи и услуги не смее да изнесува повеќе од 6.000 денари, додека максималниот износ на готовинско плаќање во текот на календарскиот месец остварен со повеќератни набавки на производи и услуги е 60.000 денари.
Во оваа насока целисходно е поврзување на овие одредби на Законот за платежни услуги и платни системи со одредбите на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам (Службен весник на РСМ.бр.151/22) кои се однесуваат на максималниот износ на плаќање во готовина.
Имено, утврдениот износ за плаќање со готовина на стоки и услуги во износ до 3.000 евра во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги, во однос на правните лица треба да се интеретира и применува при наплата на готовина од страна на физичките лица.
Плаќањето во готовина на правните лица е утврдено со Законот за платежни услуги и платни системи на износ од 6.000 денари поединечно, односно 60.000 денари во текот на каледарскиот месец и истите не треба да се дерогираат со одредбите на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам за плаќање во готовина до 3.000 евра во денарска противвредност кои се применливи при плаќање на физичките лица.
Законот за платежни услуги и платни системи во член 218 утврдува глоба во износ од 50 до 250 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 250 до 750 евра во денарска противвредност за мал трговец, од 750 до 1.500 евра во денарска противвредност за среден трговец и од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност за голем трговец ќе му се изрече за прекршок доколку не ја осигура готовината која што ја чува во благајна, плаќа производи и услуги во готово во поединечен износ повеќе од 6.000 денари или во вкупен износ повеќе од 60.000 денари во текот на календарски месец и врши плаќање со пресметка доколку има блокирана платежна сметка.
Одредбите кои се однесуваат на забраната за плаќање со пресметка на едно правно лице со правно лице кое има блокирана платежна сметка ќе започнат да се применуваат од 1-ви јануари 2024 година.
Со оглед на ограничените човечки ресурси кај сметководителите и отежнатото поднесување на даночните пријави преку системот е-Даноци, УЈП преку својот веб портал ги известува даночните обврзници и сметководителите, дека поднесувањето на пријави ДДВ-04 се продолжува согласно Законот за даночна постапка.
Крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавата е (25.01.2023 година) и истиот УЈП го продолжува за два работни дена, односно краен рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите ќе се смета 27.01.2023 година (петок).
Вкупниот број на ДДВ обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ пријава изнесува 39.588.
До денес (25.01.2023 година), до 13:30 часот поднесени биле 31.640 ДДВ пријави, а бројот на неподнесени ДДВ пријави изнесува 7.948.
Институтот на сметководители и овластени сметководители на својот веб портал објави известување кое се однесува на ажурирањето на податоците на членовите на Институтот.
Имено, поради оправдани образложенија за неажурирани податоци од страна на членови на ИСОС, линкот за ажурирање ќе биде повторно отворен за сите членови ден 26.01.2023 (четврок).
Ажурирањето на податоците треба да се спроведе на следниот линк https://smetkovoditel.isos.com.mk/login
Линкот за ажурирање ќе биде достапен само 24 часа по што повторно ќе се деактивира.
Ажурирањето на податоци се однесува само на активните членови на ИСОС кои се веќе запишани во соодветните регистри.
Управата за јавни приходи на својот преку својот веб портал потсетува за обврската за плаќање на данокот на личен доход за 2021 година. Управата ќе достави електронски пораки до сите даночни обврзници кои според даночната евиденција сеуште го должат годишниот данок на доход за 2021 година. Пораките ќе содржат упатства за постапување.
Даночните обврзници кои имаат потешкотиите во платежна способност, а редовно ги исполниле другите даночни обврски, може да поднесат барање за одложено плаќање http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/pregled/filter/15/0.
Одложеното плаќање ќе овозможи олеснувања, како:
-отплата на долгот во месечни рати, или еднократно одлагање на плаќањето
-УЈП нема да спроведува присилна наплата за долгот или ќе ја прекине започнатата постапка за присилна наплата
-повратот на одобрено даночно побарување за ДДВ нема да биде условен со уплата на недоспените месечни рати и др.
Одложеното плаќање на даночен долг ке ви овозможи:
– Плаќање на долгот во еднакви месечни рати – од најмалку две до најмногу 36 рати
-Минимален износ на една месечна рата 30,000 денари за правно лице, односно 5,000 денари за физичко лице или
-Еднократно одлагање на плаќањето на долгот за најмногу шест месеци.
Какво олесување ви овозможува одложеното плаќање на даночен долг?
-УЈП нема да спроведува присилна наплата со зголемување на долгот со трошоци за присилна наплата
-УЈП ќе ја прекине започната присилна наплата
-Повратот на одобрено даночно побарување не е условен со уплата на недоспеаните месечни рати, односно со уплата на долгот за кој е одобрено еднократно одлагање
-УЈП може да го избрише залогот воспоставен во постапка за присилна наплата на долгот, доколку се поминати најмалку 90 дена од правосилноста на Решението за одложено плаќање.
Кое лице и за кој долг може да користи одложено плаќање?
УЈП ќе одобри одлагање на плаќањето на даночниот долг:
-на лице кое е даночен обврзник според даночните прописи или е даночен гаранр утврден со решение на УЈП
-за даночен долг на правно лице поголем од 60,000 денари, односно за даночен долг на физичко лице поголем од 10,000 денари
-за даночен долг утврден со поднесена даночна пријава и за даночен долг утврден со даночно решение на УЈП при незапочната постапка за наплата на долгот од страна на УЈП и во тек на започната постапка за присилна наплата на долгот.
УЈП нема да одобри одлагање на плаќањето на долгот:
-на даночен обврзник кој е во стечај или ликвидација или во постапка на службено бришење поведена од страна на ЦРРСМ.
За кој вид на даночен долг може да се користи одложено плаќање?
УЈП ќе одобри одлагање на плаќањето на даночниот долг за секој вид на долг, освен за:
-даночни обврски за кои со закон е предвидено редовно плаќање преку месечни аконтации
-неплатена еднократна такса за присилна наплата (при започната постапка за присилна наплата на долгот)
-долг за други јавни давачки кои ги утврдува и/или наплаќа УЈП (глоби, судски такси и др.)
-истиот долг за кој претходно било одобрено одложено плаќање и УЈП го укинала одлагањето заради неисполнување на обврската.
УЈП ќе одобри одлагање на плаќањето и за:
-неплатени месечни пресметки за интегрирана наплата (бруто плата), во случај кога должникот има акумулиран долг од најмалку 12 неплатени месечни пресметки.
Како може да побарате одложено плаќање?
-Поднесете Барање за одложено плаќање на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-28,со целосно пополнети податоци
-Во Барањето внесете писмено образложение на причините поради кои го поднесувате Барањето (од аспект на тоа дека извршувањето на даночните обврски би го нарушило процесот на деловно работење, односно Ви претставува значително оптоварување, давајќи и образложение за концептот за обезбедување на плаќање на долгот).
Кон Барањето приложете докази за:
-платена административна такса
-поткрепа на даденото образложение на причините заради кои барате одложено плаќање
-понудената гаранција за ообезбедување на плаќањето на долгот
-други потребни докази.
Доказ за платена административна такса во износ од 250 денари за решение и 50 денари за барање може да биде налог за плаќање ПП50 или трансакциски код од системот eNAPSYS.
Други потребни докази кон Барањето се: овластување (полномошно) дадено на адвокат и други докази, во зависност од конкретниот случај.
Одложеното плаќање е условено со гаранција за обезбедување на плаќањето.
Квалитетното обезбедување на плаќањето обезбедува заштита на даночните приходи од загуби, односно обезбедува целосна наплата на даночниот долг и каматата која законски следува после доспеаноста на данокот.
Прифатлива гаранција за обезбедување, според вид и карактеристики на имотот, може да биде:
-неотповиклива банкарска гаранција
-залог од прв ред на акции издадени од друштво резидент на РСМ, кои котираат на МБХВ и се од топ десет издавачи
-хипотека од прв ред на објект: стан, куќа, деловен простор, магацински простор и сл., заедно со земјиштето под објектот доколку е приватизирано
-хипотека од прв ред на: градежно земјиште и земјоделско земјиште
-залог од прв ред на патнички и товарни моторни возила и други возила на моторен погон, машини и транспортни средства од типот на вилушкари, багери, скипови, трактори и др.
Како гаранција за обезбедување може да понудите еден или повеќе видови и ставки на имот.
Како гаранција за обезбедување може да понудите имот на друго лице.
Кај имот од друго лице, УЈП нема да склучи договор за залог со другото лице-даночен гарант. УЈП ќе прифати нотарски заверена изјава од другото лице-даночен гарант дека го презема долгот и со својот имот гарантира за плаќањето на долгот.
Како гаранција за обезбедување на одложеното плаќање може да го понудите и имотот на кој УЈП веќе има запишано законско заложно право во постапка за присилна наплата на долгот за кој се однесува Барањето, под услов:
-УЈП да има заложно право од прв ред и
-да не е започнато впаричување на имотот во постапката за присилна наплата.
Кон барањето приложете докази за понудената гаранција за обезбедување:
-доказ за сопственост – извод од јавните книги (имотен лист, сообраќајна дозвола, фактура, нотарски акт, извод од ЦДХВ за акции, други докази за сопственост)
-запишани товари од страна на други доверители – доказ од заложниот регистар во ЦРРСМ (за движни предмети) или ЦДХВ (за акции).
Заради полесна постапка и помали трошоци, кон Барањето не треба да поднесувате Извештај за проценетата пазарна вредност на понудениот имот утврдена од овластен проценител. Процената на вредноста на имот ја врши УЈП преку овластени службени лица. По исклучок, во понатамошната постапка УЈП може да побара да поднесете ваков Извештај само во определени случаи.
Вредноста на понудената банкарска гаранција не може да биде помала од 75% од износот на долгот, а вредноста на друга понудена гаранција не може да биде помала од 100% од износот на долгот.
УЈП не мора да ја прифати понудената гаранција, во целост или делумно. УЈП врши избор на прифатлива гаранција од аспект на можност за впаричување на имотот и сразмерноста на вредноста на имотот и износот на долгот.
Што оценува УЈП при одобрување на одложеното плаќање?
УЈП ја оценува редовноста на даночниот обврзник. Одлагањето на плаќањето е основано доколку даночниот обврзник во моментот на одобрувањето на Барањето нема неисполнети доспеани даночни обврски, освен плаќањато на даночниот долг за кој се однесува Барањето, што значи дека даночниот обврзник:
-ги поднел даночните пријави по сите основи за кои е поминат рокот за доброволно пријавување
-ги платил доспените даночни обврски по сите основи и другите доспеани обврски за чија наплата е надлежна УЈП за кои е поминат рокот за доброволно плаќање, освен даночниот долг за кој се однесува Барањето.
УЈП го зема во предвид образложението на даночниот обврзник за нарушување на процесот на деловно работење.
Докажувањето на основаноста на Барањето е товар на даночниот обврзник, кој поднесува документирани докази за поткрепа на даденото образложение на причините заради кои го поднесува Барањето.
Со цел да се намали административниот товар, не е задолжително доставување на докази за поткрепа на причините за Барањето, за долг до 300,000 денари кај правно лице, односно до 60,000 денари кај физичко лице.
Во другите случаи, потребни докази за поткрепа на причините за Барањето се документирани докази кои овозможуваат:
-приказ на економска состојба – вкупен износ на долгови и побарувања на даночниот обврзник-правно лице
-приказ на просечните приходи и расходи на месечно ниво, во последното тримесечје и во последната календарска година, според деловните книги и евиденции на даночниот обврзник-правно лице (заклучен лист и др.)
-опис на статусот на ликвидност, односно платежна способност на даночниот обврзник, со доказ – документ издаден од банка или од МКБ за промет и блокада на неговите трансакциски сметки докази за оданочен доход, извори на доход (плата и други извори), како и кредити и други отплати на долгови на даночниот обврзник-физичко лице
-склучени деловни договори
-други докази кои обезбедуваат приказ на економската и финансиската состојба на даночниот обврзник.
УЈП го определува максималниот број на месечните рати или периодот на еднократно одлагање во зависност од видот и проценетата вредност на гаранцијата и износот на долгот.
Кои се обврските на даночниот обврзник по одобрување на одложеното плаќање?
Одложеното плаќање на даночниот долг не смее да биде спротивно на јавниот интерес и да носи ризици за наплатата на даночниот приход. Затоа, одложено плаќање се одобрува под точно определени услови.
Условите од решението на УЈП за одлагање на плаќањето на даночниот долг се обврзувачки за даночниот обврзник:
-износ и рок на плаќање на секоја месечна рата
-плаќање на долгот и каматата во целост на утврдениот краен датум од периодот за еднократно одлагање на плаќањето
-плаќање на камата за времетраење на одложеното плаќање.
При две доспеани неплатени рати, како и во случај на последна доспеана неплатена месечна рата или неплатен долг по истекот на периодот на еднократно одлагање, УЈП ќе го наплати остатокот од долгот и каматата со впаричување на гаранцијата за обезбедување на плаќањето на долгот и/или во постапка за присилна наплата.
Каматата пресметана од доспеаноста на долгот до датумот на уплата на секоја месечна рата, односно до датумот на уплата после еднократното одлагање, УЈП ја засметува во секоја месечна рата, односно во вкупниот износ за уплата по истекот на периодот на еднократно одлагање.
Други олеснувања во текот на одложеното плаќање
За времетраење на одложеното плаќање, даночниот обврзник кој ги платил доспените месечни рати и нема други доспени даночни обврски, има и други можности за олеснување на плаќањето на даночниот долг.
Промена на бројот на преостанати рати, која е условена со нова или дополнителна гаранција за обезбедување на плаќањето, врз основа на поднесено Барање за промена на бројот на преостанати рати кај одложено плаќање на даночен долг на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-27 и со приложување само на:
-писмено образложение на причините поради кои го поднесувате Барањето, со докази за поткрепа
– докази за новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето.
Вкупниот број на месечни рати (платени и новоопределен број на преостанати рати) не може да надмине 36 месечни рати.
Замена на гаранција по вид, врз основа на поднесено Барање за замена на гаранцијата за обезбедување на плаќање на даночен долг на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-29 со:
– писмено образложение на причините поради кои го поднесувате Барањето, со докази за поткрепа
– докази за новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето. УЈП ќе ја одобри замената на гаранцијата по вид доколку:
– е исплатена 1/3 од вкупниот долг за кој е одобрено одложено плаќање
– новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето e од повисок ранг од иницијално прифатената гаранција, односно: иницијалната гаранција во вид на движни предмети или хартии од вредност се заменува со нова гаранција во вид на недвижност/и или банкарска гаранција или иницијалната гаранција во вид на недвижност/и се заменува со банкарска гаранција. УЈП нема да ја одобри замената на гаранцијата по вид доколку иницијално прифатеното обезбедување е банкарска гаранција.
Со замена на гаранцијата по вид не се врши измена на условите за одложено плаќање (број на месечни рати, износ и доспеаност на месечна рата).
Замена на гаранција по висина, врз основа на поднесено Барање за замена на гаранцијата за обезбедување на плаќање на даночен долг на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-29 со писмено образложение на причините поради кои го поднесува Барањето, со докази за поткрепа УЈП ќе ја одобри замената на гаранцијата по висина доколку:
– е исплатена 1/2 од вкупниот долг за кој е одобрено одложено плаќање
– гаранција за одложеното плаќање е во вид на банкарска гаранција, хартии од вредност и/или движни предмети кои се делливи.
УЈП нема да ја одобри замената на гаранцијата по висина доколку прифатената гаранција за обезбедување на одложеното плаќање е во вид на недвижност/и.
Замената на гаранцијата по висина значи намалување на висината на гаранцијата сразмерно на преостанатиот долг, со:
– прифаќање на замена на банкарската гаранција со друга банкарска гаранција или
– бришење на воспоставеното заложно право на дел од хартиите од вредност или движните предмети.
Со замена на гаранцијата по висина не се врши измена на условите за одложено плаќање (број на месечни рати, износ и доспеаност на месечна рата).
Засметување на новодоспеан долг во одобреното одложено плаќање на месечни рати без нова гаранција за обезбедување на плаќањето, врз основа на поднесено Барање за одложено плаќање на пропишан образец УЈППН-З.2-28 со:
– писмено образложение на причините поради кои го поднесува Барањето.
– пожелно е да поднесете и докази за поткрепа.
УЈП ќе одобри засметување на новодоспеан долг во одобреното одложено плаќање на месечни рати без нова гаранција доколку:
– е исплатена 1/2 од вкупниот долг за кој е одобрено одложено плаќање
– новодоспеаниот долг за кој се бара да биде засметан не е поголем од износот кој преостанува за плаќање во веќе одобреното одложено плаќање на месечни рати.
Со засметување на новодоспеан долг во одложеното плаќање без нова гаранција за обезбедување на плаќањето се врши измена на износот на месечната рата, а не се врши измена преостанатиот број на месечни рати и доспеаноста на месечна рата.
Засметувањето на новодоспеан долг во одобреното одложено плаќање на месечни рати со нова или дополнителна гаранција за обезбедување на плаќањето, врз основа на поднесено Барање за одложено плаќање на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-28 и Барање за промена на бројот на преостанатите рати на пропишан образец УЈП-ПН-З.2-27 со:
– писмено образложение на причините поради кои го поднесува Барањето, со докази за поткрепа
– докази за новопонудената гаранција за обезбедување на плаќањето.
Вкупниот број на месечни рати (платени и новоопределен број на рати со вклучување на новодоспеаниот долг) не може да надмине 36 месечни рати.
-Договор за вработување
Се чуваат сите договори, и анекси кон договорите за вработување на работникот, дури и доколку важноста на истите е истечена и истите се заменети со нови. Досието во секој момент треба да содржи валиден Договор/анекс кон Договорот за вработување вр основа на кој се исплатува плата.
-М1/М2 Обрасци
-Копија од документ за лична идентификација
-Копија од трансакциска сметка
-Документи кои укажуваат на квалификуваноста на работникот да ја врши работната задача заради која е склучен договор за вработување
Документи за степен на образование, уверение за овластен сметководител, диплома за положен правосуден испит..
-Дополнителни документи за стручно усовршување на работникот доколку за истото бил пратен од страна на работодавачот, или доколку се стекнал со квалификација која може да влијае на неговото работно место
Потврди, сертификати од посетени работилници, обуки, доквалификации на кои работниот е пратен од страна на работодавачот..
-Потврда дека работникот е способен за работа од извршен систематски преглед
Согласно Законот за безбедност и здравје на работа, работникот треба да оди на систематски најмалку еднаш во 24 месеци. Се чуваат сите потврди од систематски прегледи, без оглед што прегледот се реализира на секои 2 години.
-Изјава од страна на работникот за обработка на лични податоци за цели на работниот однос
-Изјава од страна на работникот дека е запознаен со сите интерни акти на работодавачот. место
-Барања за годишен одмор и слободни денови, Решенија за годишен одмор и слободни денови
-Извештаи за привремена спреченост за работа
Боледувања
-Формална комуникација помеѓу работникот и работодавачот која влијае на неговото работно место/работна позиција
Барања за прераспределување на работно место, Решенија за прераспределувања, барање за аванс, решение за исплата на аванс..
-Решенија за исплатен бонус, Одлука за награда, и слично.
Согласно Законот за евиденциите во областа на трудот, работодавачот треба да води евиденција за вработените работници, евиденцијата за потребите од работници, евиденцијата за платите, евиденцијата за повредите при работа и евиденцијата за корисниците на права од инвалидското осигурување.
Евиденцијата за вработените работници треба да ги содржи следниве податоци:
1) име, презиме и татково име на работникот;
2) единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ);
3) ден, месец и година на раѓање;
4) место на раѓање (општина, населено место и држава);
5) пол (машки-женски);
6) живеалиште и адреса (општина, населено место, улица и број и држава);
7) припадност на заедниците;
8) место на работа (општина, населено место, улица и број, држава);
9) степен и вид на завршено образование (без образование, основно училиште, средно училиште, више, факултет, магистри и доктори на наука);
10) степен на стручна подготовка, (НКВ, ПКВ, КВ, ВКВ, ССО за занимање):
– завршени програми за стручно оспособување (обука, доквалификација и преквалификација) и
– посебни знаења и способности (компјутерски способности, знаење на странски јазици и други вештини);
11) шифра и опис на занимање;
12) работно време на работникот (полно работно време или скратено);
13) стаж на осигурување до стапувањето на работа кај работодавачот;
14) траење на работниот однос:
– на неопределено време и
– на определено време;
15) дали е трудов инвалид;
16) датум на засновање на работниот однос;
17) датум на престанок на работниот однос;
18) основа за престанок на работниот однос;
19) шифра и назив на претежната дејноста на работодавачот;
20) назив на работодавачот;
21) седиште на работодавачот и
22) број на деловниот субјект.
Евиденцијата за вработените работници за определен работник почнува да се води со денот на засновањето на работниот однос, а престанува да се води со денот на престанок на работниот однос и се чува трајно.
Во евиденцијата за потребата од работници се водат податоци за работите што треба да ги извршува работникот за кого искажал потреба работодавачот.
Во евиденцијата за потребата од работник, податоците се внесуваат врз основа на пријава за потреба од работник, што работодавачот ја доставува до Агенцијата, заради обезбедување работници со посредување на Агенцијата.
Евиденцијата за потребата од работници особено ги содржи следниве податоци:
1) назив на работодавачот;
2) седиште и адреса на работодавачот (општина, населено место, улица и број);
3) број на деловниот субјект – подносител на пријавата за потребата од работници;
4) шифра и назив на претежната дејност на работодавачот, односно на деловната единица;
5) единствен даночен број на работодавачот;
6) опис на работите што треба работникот да ги врши;
7) дали на работодавачот му е потребен работник без или со статус на приправник;
8) работниот однос се заснова:
– на неопределено време и
– на определено време;
9) степен и вид на завршено образование (без образование, основно училиште, средно училиште, више, факултет, магистри и доктори на наука);
10) степен на стручна подготовка (НКВ, ПКВ, КВ, ВКВ, ССО за занимање):
– завршени програми за стручно оспособување (обука, доквалификацја и преквалификација) и
– посебни знаења и способности (компјутерски способности, знаење на странски јазици и други вештини);
11) шифра и опис на занимање;
12) работно искуство и
13) начин на кој ќе се обезбеди потребата од работник.
Во евиденцијата на работодавачот за платите се внесуваат податоци за: работното време, бруто платите, нето платите, најниската плата, надоместоците на платите и другите примања на работникот од средствата на работодавачот и други надоместоци на плата остварени на товар на друг работодавач.
Евиденцијата за платите ги содржи следните податоци:
a) име, презиме и татково име на работникот;
б) единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ);
в) степен и вид на завршено образование (без образование, основно училиште, средно училиште, више, факултет, магистри и доктори на наука);
г) степен на стручна подготовка, (НКВ, ПКВ, КВ, ВКВ, ССО за занимање):
– завршени програми за стручно оспособување (обука, доквалификација и преквалификација) и
– посебни знаења и способности (компјутерски способности, знаење на странски јазици и други вештини);
д) шифра и опис на занимање;
ѓ) работно време на работникот (полно работно време или скратено);
е) стаж на осигурување до стапувањето на работа кај работодавачот;
ж) шифра и назив на претежната дејноста на работодавачот;
з) податоци за работното време на работникот и за користење на работното време, и тоа:
1) можен број на работни часови, и тоа за:
– полно работно време и
– скратено работно време;
2) вкупно остварени работни часови, и тоа за:
– полно работно време и
– скратено работно време;
3) неизвршени часови за кои се прима надомест на плата од средствата на работодавачот за:
– привремена спреченост за работа, според прописите на здравственото осигурување,
– стручно образование и усовршување и
– прекин на работа поради штрајк;
4) вкупно неизвршени часови за кои се прима надомест од средствата на друг работодавач;
5) вкупно неизвршени часови за кои се прима надомест на плата од средствата на здравственото осигурување, и тоа за:
– часови за привремена спреченост за работа поради болест, повреда и други причини,
– часови на отсуство од работа, поради бременост, раѓање и мајчинство и
– работа со половина од полното време на родителот со потешко хендикепирано дете;
6) неизвршени часови за кои не се прима надомест на плата и
7) часови на работа подолго од полното работно време;
ѕ) податоци за бруто платите на работникот:
1) исплатена бруто плата, од тоа за работа со:
– полно работно време,
– скратено работно време и
– подолго од полното работно време;
2) бруто плата од добивка;
3) исплатена нето плата, од тоа за работа со:
– полно работно време,
– скратено работно време и
– подолго од полното работно време;
4) најниска бруто и нето плата;
5) надоместоци на плата, и тоа од:
– средствата на работодавачот и
– средства на друг работодавач;
6) надоместоци и други примања на работникот од средствата на работодавачот, од тоа за:
– регрес за годишен одмор,
– регрес за исхрана,
– трошоци за превоз до работа и од работа,
– испратнина,
– отпремнина при заминување во пензија и
– солидарна помош;
и) податоци за платените придонеси и даноци од плата;
ј) податоци за работите на работното место што работникот ги вршел, а за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење:
1) број на часови на работа, за работи на работното место за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење;
2) број на часови на работа, за работи на работното место на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење врз основа на посебното својство на осигуреникот и
3) стапка на зголемување.
Во евиденцијата за повредите при работа се внесуваат податоци за повредите на работниците при работата, во смисла на прописите за пензиското и инвалидското осигурување и прописите за заштита при работа.
Во евиденцијата за повредите при работа, податоците се внесуваат најдоцна во рок од три дена од денот кога настанала повредата.
Евиденцијата за повредите при работа ги содржи следниве податоци:
1) име, презиме и татково име на работникот;
2) единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ);
3) ден, месец и година на раѓање;
4) место на раѓање (општина, населено место и држава);
5) пол (машки-женски);
6) живеалиште и адреса (општина, населено место, улица и број и држава);
7) припадност на заедниците;
8) место на работа (општина, населено место, улица и број, држава);
9) степен и вид на завршено образование (без образование, основно училиште, средно училиште, више, факултет, магистри и доктори на наука);
10) степен на стручна подготовка, (НКВ, ПКВ, КВ, ВКВ, ССО за занимање):
– завршени програми за стручно оспособување (обука, доквалификација и преквалификација) и
– посебни знаења и способности (компјутерски способности, знаење на странски јазици и други вештини);
11) шифра и опис на занимање;
12) работно време на работникот (полно работно време или скратено);
13) стаж на осигурување до стапувањето на работа кај работодавачот;
14) траење на работниот однос:
– на неопределено време и
– на определено време;
15) седиште на работодавачот и
а) податоци за повредениот работник:
1) работа што работникот ја вршел во моментот кога настанала повредата при работа;
2) колку часови работникот работел на денот кога настанала повредата при работа;
3) дали работникот порано претрпел повреда при работа и колку пати;
4) природа на повредата;
5) повреден дел на телото;
6) дали повредата е смртоносна и
7) основа за осигурување;
б) податоци за повредата при работа:
1) кога се случила несреќата:
– ден, месец и година,
– ден во неделата и
– време во денот;
2) каде настанала несреќата:
– на местото на вршењето на работите, односно на работните задачи,
– на редовниот пат од станот до постојаното место на работа,
– на редовниот пат од постојаното место на работа до станот,
– на службен пат и
– друго;
3) колку вкупно лица се повредени во повредата при работа (заедно со загинатите);
4) колку лица загинале на местото на несреќата, односно умреле на патот до здравствената организација;
5) дали слична несреќа настанала порано на истото работно место и на истата работа;
6) извор на несреќата;
7) причини за несреќата;
8) дали е утврдено дека работникот на работното место бил загрозен и
9) користење на личните заштитни средства:
– дали е наредено користење на личните заштитни средства и личната заштитна опрема,
– дали се користени личните заштитни средства и личната заштитна опрема,
– дали се применети општите и посебните мерки за заштита при работа и
– дали биле обезбедени сите потребни лични заштитни средства и заштитна опрема.
Во евиденцијата за корисниците на права од инвалидското осигурување, се внесуваат податоци за работниците инвалиди на трудот кои кај работодавачот остваруваат права врз основа на преостанатата работна способност (распоредување, преквалификација или доквалификација и соодветен паричен надомест) и за работниците кај кои постои изменета работна способност или непосредна опасност од настанување на инвалидност (распоредување).
Евиденцијата ги содржи следниве податоци:
а) податоци за осигуреникот – носител на правото:
1) име, татково име и презиме;
2) единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ);
3) пол (машки-женски);
4) ден, месец и година на раѓањето;
5) живеалиште и адреса (општина, населено место, улица и број и држава);
6) шифра и опис на занимање;
7) степен и вид на завршено образование;
8) степен на стручна подготовка;
9) основа на осигурување и
10) вид на сопственост;
б) датум на признавање на правото;
в) датум на почетокот на остварувањето на правото;
г) видови права кои се остваруваат и
д) датум на престанок на правото.