...

Попис на средствата и обврските за 2022 година

Пописот претставува законска обврска која законодавецот ја утврдил за сите трговци, кои најмалку еднаш годишно во деловната година треба да извршат попис на средствата и обврските и да извршат усогласување на сметководствената состојба на средствата и обврските со фактичката состојба утврдена со пописот. Почетокот односно завршувањето на пописот не се предмет на нормативно регулирање во законските и подзаконските акти, односно оваа материја е оставена да се регулира со општ акт на субјектите. Органот на управување донесува Одлука за попис во која покрај другото треба да се утврдат роковите во кои комисиите за попис ќе извршат попис за календарската 2022 година.

Под усогласување на сметководствената со фактичката состојба се подразбира:

-усогласување на физичката состојба и сметководствената вредност на средствата евидентирани во сметководствени евиденции во текот на пресметковниот период со фактичката состојба утврдена со пописот;

-усогласување на сметководствената вредност на средствата и обврските утврдена со евидентирање на деловните настани во аналитичките евиденции за побарувања од купувачите, за обврски спрема добавувачите, за искористени и одобрени кредити и заеми, за примени и дадени аванси и друго до денот на пописот со нивната фактичка вредност утврдена со пописот и

-усогласување на вредноста на средствата и обврските утврдена на начин опишан претходно со вредноста на средствата и обврските утврдена со примена на метод различен од методот на историски трошок (вредност утврдена со примена на метод на трошок на замена, дисконтирана вредност, нето реализациона вредност, вредност утврдена според податоци на активни пазари и друго).

Попис се врши на целокупниот имот на трговецот и тоа на средства во сопственост на трговецот, како што се:

– материјалните средства во сопственост на трговецот,

-материјалните средства земени под финансискi наем (лизинг),

-нематеријалните средства,

-вложувањата во недвижности,

-биолошките средства,

-долгорочните и краткорочните финансиски средства,

-залихите,

-побарувањата,

-паричните средства,

-паричните еквиваленти,

-дадените аванси,

-активните временски разграничувања и

-други средства во сопственост на трговецот.

Планот за работа на пописната комисија се изготвува пред започнување на пописот и на пописната комисија и се даваат податоци за номенклатурните броеви, називите, видовите и единечните мерки на средствата кои се предмет на пописот, податоци за називот на купувачите и добавувачите со кои трговецот стапил во должничко доверителски односи, деловните банки во кои има отворено сметки, одобрени кредити и слично, како и други податоци кои на комисијата за попис можат да и ја олеснат работата. Пописната комисија не треба да има пристап до сметководствените податоци за количините и вредноста на средствата кои се предмет на пописот пред запишувањето на фактичката состојба во пописните листи и нивното доставување на заверка кај одговорното или овластеното лице.

Пописните листи се составуваат посебно, според аналитичките сметки на средствата и обврските кои се предмет на пописот во најмалку два примерока. Во пописните листи се внесуваат податоци за номенклатурните броеви, називите, видовите, единиците на мерки, фактичките количини, доколку е применливо, и фактичките вредности, поединечно за средствата и обврските кои се предмет на пописот.

Податоците за средствата и обврските чија фактичка состојба на денот на пописот не е можно да се утврди или за кои не постои уредна документација се внесуваат во посебни пописни листи.

Извештајот за извршениот попис особено содржи:

– податоци за датумот на почеток и завршување на пописот;

– преглед на материјалните (физичките) и вредносните разлики меѓу фактичката и сметководствената состојба и причините за разликите;

– преглед на сметководствената вредност на средствата и обврските чија фактичка вредност на денот на пописот не е утврдена, со соодветни образложенија;

– забелешки и објаснувања во врска со утврдените разлики дадени од лицата кои ракуваат со средствата, односно кои се задолжени со материјалните (физичките) и паричните вредности;

– предлози за ликвидација на утврдените разлики (пребивање на кусоците и вишоците настанати по основ на замена на исти и слични видови, односно средства и вредност, начинот на надоместување на кусоците и приходување на вишоците, отпис на застарените побарувања, приходување на застарените обврски и

– останати забелешки и предлози на комисијата за попис.

Извештајот за попис, заедно со пописните листи и актот на одговорното лице на трговецот за постапките за усогласување на сметководствената со фактичката состојба на попишаните средства и обврски се доставува за книжење до лицето на кое трговецот го доверил водењето на трговските книги и составување на годишната сметка и финансиски извештаи, заради усогласување на сметководствената со фактичката состојба на средствата и обврските.

 

Последно објавени