...

Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход

 

Во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.274/22 од 20.12.2022 година објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, кој започнува со примена од  01.01.2023 година.

Со одребите на законот, за личниот доход се утврдува даночна стапка од 10%, освен за доходот од добивките од игрите на среќа за кој данокот ќе се плаќа по стапка од 15%.

Се бришат одредбите од член 12 со кои беше утврдено даночно ослободување за:

-уплатена премија за животно осигурување за една календарска година, за вработени лица и за обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност, во висина до две просечни месечни бруто-плати во Република Македонија, објавени во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика;

-уплатенa премиja за доброволно здравствено осигурување за една календарска година, за вработени лица и за обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, во висина од една просечна месечна бруто-плата во Република Северна Македонија, објавена во јануари во тековната година според податоците од Државниот завод за статистика;

-уплатен придонес во доброволен пензиски фонд за една календарска година, за вработени лица и за обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, во висина до две просечни месечни бруто-плати во Република Македонија, објавени во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.

Се утврдува даночно ослободување за капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд доколку имателот ги поседувал за период подолг од 2 години, наместо досегашниот период од 10 години.

За дохотд од работа се утврдува и:

-користењето на станбени згради или станови кои се во сопственост на работодавачот или кои работодавачот ги користи по основ на закуп или по друг основ;

-користењето на службени моторни возила или други превозни средства за приватни цели, вклучувајќи и превоз од и до работно место;

-стекнувањето со хартии од вредност и учество во капиталот на работодавачот и кај поврзани лица со работодавачот, без надоместок или по цена пониска од пазарната.

Основа за пресметување на данокот на доход од работа е и:

-износот на закупнината што може да се постигне според локални прилики за сличен имот што се дава на користење под приближно еднакви услови, а во случај на закуп или по друга основа, износот на закупнина што работодавачот го платил;

-износот од 1% од сметководствената вредност на моторното возило на 31 декември во претходната година, а доколку вработениот платил надоместок за користење, намален за износот на надоместокот што вработениот го платил за користењето, месечно;

-износот од 1% од набавната вредност на моторното возило во годината во која е набавено возилото, односно износот од 1% од набавната вредност на моторното возило намалена за пресметаната амортизација со примена на амортизационaта стапкa утврденa со Номенклатурата на средствата за амортизација, во случај кога моторното возило е набавено врз основа на договор за лизинг, месечно;

-пазарната цена на хартиите од вредност и учеството во капиталот (удели) на денот на стекнувањето, односно разликата помеѓу пазарната цена и цената платена од страна на вработениот.

Се менува член 62 кој се однесува на капиталната загуба, при што се утврдува дека капитална загуба остварена од продажба на хартии од вредност на берзата во земјата во тековната година се пребива со капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност на берзата во земјата во истата годинa,додека капитална загуба остварена од продажба на удели во инвестициските фондови во земјата во тековната година се пребива со капиталните добивки остварени од продажба на уделите во инвестициските фондови во земјата во истата година.

Се менуваат одредбите кои се однесуваат на тоа за која капитална добивка остварена од продажба на харии од вредност не се плаќа данок, при што се утврдува дека данок на доход не се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на хартии од вредност доколку:

-обврзникот ги стекнал со емисија на хартии од вредност реализирана како иницијална јавна понуда;

-oбврзникот ги продава хартиите од вредност, кој ги стекнал по основа на наследување или подарок од прв наследен ред, по истекот на две години од денот на стекнувањето од страна на правниот претходник (оставителот или дарувачот);

-обврзникот ги продава хартиите од вредност кои ги стекнал по пат на денационализација;

-обврзникот ги продава долгорочните должнички хартии од вредност издадени од државата и долгорочни должнички хартии од вредност издадени од општините, општините во Градот Скопје и градот Скопје.

Се додаваат одредби со кои се пропишува дека данок на доход не се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на удели од инвестициски фондови доколку oбврзникот ги продава уделите во инвестициски фондови кои ги стекнал по основа на наследување или подарок од прв наследен ред по истекот на две години од денот на стекнувањето од страна на правниот претходник (оставителот или дарувачот), како и данок на доход не се плаќа за капитална добивка остварена од удели во инвестициски фондови, при замена на удели од еден во друг инвестициски фонд со кои управува исто друштво за управување.

Се менуваат одредбите од член 85 со кои се уредува начинот на доставување на пресметка за плаќање на данок на личен доход и одобрување на пресметката, при што се пропишува следното:

Исплатувачот пред секоја исплата на доходот на кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, е должен до органот за јавни приходи да достави пресметка за бруто-доходот, одбитоците, пресметаниот данок по одбивка и нето-доход за исплата, за секој обврзник поединечно. По исклучок, исплатувачите на добивки од посебните игри на среќа се должни до органот за јавни приходи да достават пресметка за бруто-доходот и пресметаниот данок по одбивка за секој обврзник поединечно, кој остварил добивки од посебните игри на среќа најдоцна наредниот ден по денот на исплатата на доходот.Исплатувачот на добивки од посебни игри на среќа член е должен на органот за јавни приходи да му достави месечен извештај за исплатен доход – добивки од игри на среќа и за пресметаниот и платен данок по одбивка, најдоцна до седми во тековниот за претходниот месец.Пресметката се доставува по пат на пренос на податоци во електронска форма.Пресметката ја одобрува органот за јавни приходи пред да се изврши плаќањето на данокот и исплатата на доходот кај носителот на платниот промет, односно плаќањето на данокот кај носителот на платниот промет кај исплатувачите на добивки од посебни игри на среќа. Пресметката од ја одобрува органот за јавни приходи пред да се изврши плаќањето на данокот кај носителот на платниот промет.Начинот на пресмeтка и уплата на аконтациите на данокот на доход, формата и содржината и начинот на доставување и одобрување на електронската пресметка за доход и данок ги пропишува министерот за финансии.Формата, содржината и начинот на поднесување на извештајот ги пропишува министерот за финансии. По исклучок, обврзникот за пресметка и уплата на данок на доход по основа на плата, надоместок на плата и исплата по основа на деловна успешност на работодавачот е должен пресметката да ја врши месечно, поединечно за секој обврзник за плаќање за соодветниот месец и податоците за пресметана плата или дел од плата, надоместок на плата и исплата по основа на деловна успешност да ги доставува до органот за јавни приходи најдоцна до десетти во тековниот за претходниот месец по електронски пат, на образец пропишан со Правилникот за начинот на пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување.Исплатувачот е должен на обврзникот да му издаде примерок од пресметката за аконтацијата на данокот на доход и за платените придонеси при секоја исплата.Органот за јавни приходи по службена должност прибавува податоци од други субјекти кои се од значење за утврдување на данокот, а се однесуваат на остварениот доход на физички лица.”

Со Законот се додаваат нови одредби согласно кои Централниот депозитар за хартии од вредност е должен на органот за јавни приходи да му достави годишен извештај со податоци за стекнување и продажба на хартии од вредност од страна на физички лица, најдоцна до 15 јануари во тековната година за претходната година.Друштвата за управување со инвестициски фондови се должни на органот за јавни приходи да му достават годишен извештај со податоци за остварениот доход од удели во инвестициски фонд, најдоцна до 15 јануари во тековната година за претходната година.

Доколку примателот на доходот е даночен резидент на држава со која Република Северна Македонија има склучено договор за одбегнување на двојното оданочување, во тој случај на доходот кој се оданочува се применува даночна стапка, која не смее да ја надмине висината на даночната стапка која е утврдена за тој вид доход согласно со договорот. Даночно изземање или пониска стапка одредена во договорот со странска држава се применува на доходот ако физичкото лице нерезидент располага со пропишани обрасци заверени од органот за јавни приходи и од надлежниот даночен орган на странската држава или одобрение за даночно изземање издадено од органот за јавни приходи. Начинот на примена на даночно изземање или намалување согласно со меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување на доходот, кој го остварува физичкото лице нерезидент како и формата и содржината на обрасците ги пропишува министерот за финансии.Органот за јавни приходи е должен да издаде одобрение или да донесе решение за одбивање на издавање одобрение по поднесените барања за даночно изземање или пониска стапка во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето.

Подзаконските акти, коишто треба да се донесат согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, утврдено е дека ќе се донесат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, односно во рок од три месеци од 20.12.2022 година.

 

 

Последно објавени