Друштвото КнигоПрима е една од водечките друштва за вршење на сметководствени услуги во Република Македонија , со работно искуство повеќе од 30 години. Низ годините и во согласност со трендовите КнигоПрима прерасна во компанија која покрај основната сметководствена дејност дава услуги и од финансиското известување, интерни извештаи и ревизии, даночни консултации, правни услуги од стопанското право, индивидуален консалтинг во областа на финансиите како и вработување во име на клиентите.
КнигоПрима распишува оглас за вработување на:
СМЕТКОВОДИТЕЛ
ПОТРЕБНИ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА РАБОТНОТО МЕСТО СЕ:
–Да поседува уверение за сметководител/овластен сметководител
-Претходно работно искуство од 3 години
-Работно искуство во буџетско сметководство ќе се смета за предност
-Одлично познавање на работа на компјутер
-Одлично владеење на програмскиот пакет MS Office, особено MS Excel
-Познавање на сметководствените правила и политики, вклучително МСФИ за МСЕ и МСС и/или Законот за сметководство за буџетски корисници
-Познавање на законскта регулатива особено во областа на даноците
-Познавање на англиски јазик
ОПШТИ ОДГОВОРНОСТИ НА РАБОТНОТО МЕСТО:
Спроведување на сите сметководствени финансиски книжења
-Усогласување на материјална, финансова и оперативна евиденција
-Подршка при подготовка на редовни месечни финансиски извештаи, статистички извештаи, анализа на должничко-доверителски односи
-Следење на законски регулативи и сметководствени стандарди
-Aдминистративно, архивско и канцелариско работење
-Поддршка при подготовка на извештаи за разни институции (статистика, НБРМ, УЈП)
-Подготовка на плата
-Контрола, следење на комплетна документација
-Комуникација со релевантни државни институции
Нудиме вработување на определено време од 6 (шест) месеци со можност за транформација на неопределено време.
Работата ќе се извршува со полно работно време (40 часа) од понеделник до петок.
Висината на месечната плата е во зависност од квалификациите и условите кои ќе ги исполнува кандидатот.
Ако сте заинтересирани да се приклучите на нашиот тим, Ве молиме испратете ја вашата лична биографија “CV” и мотивационо писмо на македонски и англиски јазик на маил адресата info@knigoprima.com.mk
Институтот на сметководители и овластени сметководители, преку известување на својот веб портал, ги повикува сите лица запишани во Регистарот на сметководители и овластени сметководители, во рок од 7 (седум) дена од објавувањето на повикот, да извршат on-line ажурирање на податоците на веб апликацијата достапна на следниот линк: https://smetkovoditel.isos.com.mk/
ИСОС наведува дека повикот за ажурирање на податоци е со цел достава на истите во Централниот регистар за цели на потпишување на годишните сметки и на финансиските извештаи, како и во Управата за јавни приходи за цели за потпишување на даночните пријави.
Повикот може да се погледне на следниот линк: https://isos.com.mk/images/%D0%9F%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D0%BA_%D0%B7%D0%B0_%D0%B0%D0%B6%D1%83%D1%80%D0%B8%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5_%D0%BF%D0%BE%D0%B4%D0%B0%D1%82%D0%BE%D1%86%D0%B8.pdf
Во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.274/22 од 20.12.2022 година објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, кој започнува со примена од 01.01.2023 година.
Со одребите на законот, за личниот доход се утврдува даночна стапка од 10%, освен за доходот од добивките од игрите на среќа за кој данокот ќе се плаќа по стапка од 15%.
Се бришат одредбите од член 12 со кои беше утврдено даночно ослободување за:
-уплатена премија за животно осигурување за една календарска година, за вработени лица и за обврзникот кој остварува доход од самостојна дејност, во висина до две просечни месечни бруто-плати во Република Македонија, објавени во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика;
-уплатенa премиja за доброволно здравствено осигурување за една календарска година, за вработени лица и за обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, во висина од една просечна месечна бруто-плата во Република Северна Македонија, објавена во јануари во тековната година според податоците од Државниот завод за статистика;
-уплатен придонес во доброволен пензиски фонд за една календарска година, за вработени лица и за обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, во висина до две просечни месечни бруто-плати во Република Македонија, објавени во јануари во тековната година според податоците на Државниот завод за статистика.
Се утврдува даночно ослободување за капитални добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд доколку имателот ги поседувал за период подолг од 2 години, наместо досегашниот период од 10 години.
За дохотд од работа се утврдува и:
-користењето на станбени згради или станови кои се во сопственост на работодавачот или кои работодавачот ги користи по основ на закуп или по друг основ;
-користењето на службени моторни возила или други превозни средства за приватни цели, вклучувајќи и превоз од и до работно место;
-стекнувањето со хартии од вредност и учество во капиталот на работодавачот и кај поврзани лица со работодавачот, без надоместок или по цена пониска од пазарната.
Основа за пресметување на данокот на доход од работа е и:
-износот на закупнината што може да се постигне според локални прилики за сличен имот што се дава на користење под приближно еднакви услови, а во случај на закуп или по друга основа, износот на закупнина што работодавачот го платил;
-износот од 1% од сметководствената вредност на моторното возило на 31 декември во претходната година, а доколку вработениот платил надоместок за користење, намален за износот на надоместокот што вработениот го платил за користењето, месечно;
-износот од 1% од набавната вредност на моторното возило во годината во која е набавено возилото, односно износот од 1% од набавната вредност на моторното возило намалена за пресметаната амортизација со примена на амортизационaта стапкa утврденa со Номенклатурата на средствата за амортизација, во случај кога моторното возило е набавено врз основа на договор за лизинг, месечно;
-пазарната цена на хартиите од вредност и учеството во капиталот (удели) на денот на стекнувањето, односно разликата помеѓу пазарната цена и цената платена од страна на вработениот.
Се менува член 62 кој се однесува на капиталната загуба, при што се утврдува дека капитална загуба остварена од продажба на хартии од вредност на берзата во земјата во тековната година се пребива со капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност на берзата во земјата во истата годинa,додека капитална загуба остварена од продажба на удели во инвестициските фондови во земјата во тековната година се пребива со капиталните добивки остварени од продажба на уделите во инвестициските фондови во земјата во истата година.
Се менуваат одредбите кои се однесуваат на тоа за која капитална добивка остварена од продажба на харии од вредност не се плаќа данок, при што се утврдува дека данок на доход не се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на хартии од вредност доколку:
-обврзникот ги стекнал со емисија на хартии од вредност реализирана како иницијална јавна понуда;
-oбврзникот ги продава хартиите од вредност, кој ги стекнал по основа на наследување или подарок од прв наследен ред, по истекот на две години од денот на стекнувањето од страна на правниот претходник (оставителот или дарувачот);
-обврзникот ги продава хартиите од вредност кои ги стекнал по пат на денационализација;
-обврзникот ги продава долгорочните должнички хартии од вредност издадени од државата и долгорочни должнички хартии од вредност издадени од општините, општините во Градот Скопје и градот Скопје.
Се додаваат одредби со кои се пропишува дека данок на доход не се плаќа за капитална добивка остварена од продажба на удели од инвестициски фондови доколку oбврзникот ги продава уделите во инвестициски фондови кои ги стекнал по основа на наследување или подарок од прв наследен ред по истекот на две години од денот на стекнувањето од страна на правниот претходник (оставителот или дарувачот), како и данок на доход не се плаќа за капитална добивка остварена од удели во инвестициски фондови, при замена на удели од еден во друг инвестициски фонд со кои управува исто друштво за управување.
Се менуваат одредбите од член 85 со кои се уредува начинот на доставување на пресметка за плаќање на данок на личен доход и одобрување на пресметката, при што се пропишува следното:
Исплатувачот пред секоја исплата на доходот на кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка, е должен до органот за јавни приходи да достави пресметка за бруто-доходот, одбитоците, пресметаниот данок по одбивка и нето-доход за исплата, за секој обврзник поединечно. По исклучок, исплатувачите на добивки од посебните игри на среќа се должни до органот за јавни приходи да достават пресметка за бруто-доходот и пресметаниот данок по одбивка за секој обврзник поединечно, кој остварил добивки од посебните игри на среќа најдоцна наредниот ден по денот на исплатата на доходот.Исплатувачот на добивки од посебни игри на среќа член е должен на органот за јавни приходи да му достави месечен извештај за исплатен доход – добивки од игри на среќа и за пресметаниот и платен данок по одбивка, најдоцна до седми во тековниот за претходниот месец.Пресметката се доставува по пат на пренос на податоци во електронска форма.Пресметката ја одобрува органот за јавни приходи пред да се изврши плаќањето на данокот и исплатата на доходот кај носителот на платниот промет, односно плаќањето на данокот кај носителот на платниот промет кај исплатувачите на добивки од посебни игри на среќа. Пресметката од ја одобрува органот за јавни приходи пред да се изврши плаќањето на данокот кај носителот на платниот промет.Начинот на пресмeтка и уплата на аконтациите на данокот на доход, формата и содржината и начинот на доставување и одобрување на електронската пресметка за доход и данок ги пропишува министерот за финансии.Формата, содржината и начинот на поднесување на извештајот ги пропишува министерот за финансии. По исклучок, обврзникот за пресметка и уплата на данок на доход по основа на плата, надоместок на плата и исплата по основа на деловна успешност на работодавачот е должен пресметката да ја врши месечно, поединечно за секој обврзник за плаќање за соодветниот месец и податоците за пресметана плата или дел од плата, надоместок на плата и исплата по основа на деловна успешност да ги доставува до органот за јавни приходи најдоцна до десетти во тековниот за претходниот месец по електронски пат, на образец пропишан со Правилникот за начинот на пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување.Исплатувачот е должен на обврзникот да му издаде примерок од пресметката за аконтацијата на данокот на доход и за платените придонеси при секоја исплата.Органот за јавни приходи по службена должност прибавува податоци од други субјекти кои се од значење за утврдување на данокот, а се однесуваат на остварениот доход на физички лица.”
Со Законот се додаваат нови одредби согласно кои Централниот депозитар за хартии од вредност е должен на органот за јавни приходи да му достави годишен извештај со податоци за стекнување и продажба на хартии од вредност од страна на физички лица, најдоцна до 15 јануари во тековната година за претходната година.Друштвата за управување со инвестициски фондови се должни на органот за јавни приходи да му достават годишен извештај со податоци за остварениот доход од удели во инвестициски фонд, најдоцна до 15 јануари во тековната година за претходната година.
Доколку примателот на доходот е даночен резидент на држава со која Република Северна Македонија има склучено договор за одбегнување на двојното оданочување, во тој случај на доходот кој се оданочува се применува даночна стапка, која не смее да ја надмине висината на даночната стапка која е утврдена за тој вид доход согласно со договорот. Даночно изземање или пониска стапка одредена во договорот со странска држава се применува на доходот ако физичкото лице нерезидент располага со пропишани обрасци заверени од органот за јавни приходи и од надлежниот даночен орган на странската држава или одобрение за даночно изземање издадено од органот за јавни приходи. Начинот на примена на даночно изземање или намалување согласно со меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување на доходот, кој го остварува физичкото лице нерезидент како и формата и содржината на обрасците ги пропишува министерот за финансии.Органот за јавни приходи е должен да издаде одобрение или да донесе решение за одбивање на издавање одобрение по поднесените барања за даночно изземање или пониска стапка во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето.
Подзаконските акти, коишто треба да се донесат согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, утврдено е дека ќе се донесат во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, односно во рок од три месеци од 20.12.2022 година.
Пописот претставува законска обврска која законодавецот ја утврдил за сите трговци, кои најмалку еднаш годишно во деловната година треба да извршат попис на средствата и обврските и да извршат усогласување на сметководствената состојба на средствата и обврските со фактичката состојба утврдена со пописот. Почетокот односно завршувањето на пописот не се предмет на нормативно регулирање во законските и подзаконските акти, односно оваа материја е оставена да се регулира со општ акт на субјектите. Органот на управување донесува Одлука за попис во која покрај другото треба да се утврдат роковите во кои комисиите за попис ќе извршат попис за календарската 2022 година.
Под усогласување на сметководствената со фактичката состојба се подразбира:
-усогласување на физичката состојба и сметководствената вредност на средствата евидентирани во сметководствени евиденции во текот на пресметковниот период со фактичката состојба утврдена со пописот;
-усогласување на сметководствената вредност на средствата и обврските утврдена со евидентирање на деловните настани во аналитичките евиденции за побарувања од купувачите, за обврски спрема добавувачите, за искористени и одобрени кредити и заеми, за примени и дадени аванси и друго до денот на пописот со нивната фактичка вредност утврдена со пописот и
-усогласување на вредноста на средствата и обврските утврдена на начин опишан претходно со вредноста на средствата и обврските утврдена со примена на метод различен од методот на историски трошок (вредност утврдена со примена на метод на трошок на замена, дисконтирана вредност, нето реализациона вредност, вредност утврдена според податоци на активни пазари и друго).
Попис се врши на целокупниот имот на трговецот и тоа на средства во сопственост на трговецот, како што се:
– материјалните средства во сопственост на трговецот,
-материјалните средства земени под финансискi наем (лизинг),
-нематеријалните средства,
-вложувањата во недвижности,
-биолошките средства,
-долгорочните и краткорочните финансиски средства,
-залихите,
-побарувањата,
-паричните средства,
-паричните еквиваленти,
-дадените аванси,
-активните временски разграничувања и
-други средства во сопственост на трговецот.
Планот за работа на пописната комисија се изготвува пред започнување на пописот и на пописната комисија и се даваат податоци за номенклатурните броеви, називите, видовите и единечните мерки на средствата кои се предмет на пописот, податоци за називот на купувачите и добавувачите со кои трговецот стапил во должничко доверителски односи, деловните банки во кои има отворено сметки, одобрени кредити и слично, како и други податоци кои на комисијата за попис можат да и ја олеснат работата. Пописната комисија не треба да има пристап до сметководствените податоци за количините и вредноста на средствата кои се предмет на пописот пред запишувањето на фактичката состојба во пописните листи и нивното доставување на заверка кај одговорното или овластеното лице.
Пописните листи се составуваат посебно, според аналитичките сметки на средствата и обврските кои се предмет на пописот во најмалку два примерока. Во пописните листи се внесуваат податоци за номенклатурните броеви, називите, видовите, единиците на мерки, фактичките количини, доколку е применливо, и фактичките вредности, поединечно за средствата и обврските кои се предмет на пописот.
Податоците за средствата и обврските чија фактичка состојба на денот на пописот не е можно да се утврди или за кои не постои уредна документација се внесуваат во посебни пописни листи.
Извештајот за извршениот попис особено содржи:
– податоци за датумот на почеток и завршување на пописот;
– преглед на материјалните (физичките) и вредносните разлики меѓу фактичката и сметководствената состојба и причините за разликите;
– преглед на сметководствената вредност на средствата и обврските чија фактичка вредност на денот на пописот не е утврдена, со соодветни образложенија;
– забелешки и објаснувања во врска со утврдените разлики дадени од лицата кои ракуваат со средствата, односно кои се задолжени со материјалните (физичките) и паричните вредности;
– предлози за ликвидација на утврдените разлики (пребивање на кусоците и вишоците настанати по основ на замена на исти и слични видови, односно средства и вредност, начинот на надоместување на кусоците и приходување на вишоците, отпис на застарените побарувања, приходување на застарените обврски и
– останати забелешки и предлози на комисијата за попис.
Извештајот за попис, заедно со пописните листи и актот на одговорното лице на трговецот за постапките за усогласување на сметководствената со фактичката состојба на попишаните средства и обврски се доставува за книжење до лицето на кое трговецот го доверил водењето на трговските книги и составување на годишната сметка и финансиски извештаи, заради усогласување на сметководствената со фактичката состојба на средствата и обврските.
Во Службен весник на Република Северна Македонија бр.236/2022 објавен е новиот Закон за заштита на потрошувачите, кој стапи на сила на 15.11.2022 година.
Со законот се уредуваат правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките на заштита на правата на потрошувачите, информирањето на потрошувачите, унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права и начините и постапките на нивна заштита, правата и обврските на здруженијата и сојузите чија област на дејствување е остварувањето на целите на заштита на правата на потрошувачите, правата и обврските на надлежните органи, тела и други носители на заштитата на правата на потрошувачите, како и други прашања од значење за положбата и заштитата на правата на потрошувачите.
Една од новините во законот се одредбите со кои се утврдуваат документите кои трговецот треба да ги предаде на потрошувачот. Согласно член 37 од Законот за заштита на потрошувачите, трговецот е должен при испораката на стоката или извршувањето на услугата да му ги предаде и да му ги предочи на потрошувачот документите што ги изготвил производителот, увозникот или продавачот на големо заради полесно и сигурно користење на стоките или услугите.
Во рамки на предметните документи спаѓаат:
декларација,
сертификат,
гарантен лист,
изјава за сообразност,
технички упатства,
упатства за склопување,
составување и/или монтажа,
упатства за користење,
листа на овластени сервиси и/или друг соодветен документ.
Наведените документи, трговецот е должен да му ги обезбеди на потрошувачот напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот.