Правото на платен годишен одмор е уставно загарантирано право (согласно член 32 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија). Уставот на Република Северна Македонија става посебен акцент на неприкосновеноста на правото на одмор, со определбата дека од ова право вработениот не може да се откаже.
Според Законот за работните односи, годишниот одмор може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели.
Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на 12 работни дена годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година. Годишниот одмор кој што не бил искористен во тековната календарска година заради отсутност поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни идната календарска година.
Исто така работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето
Според трудовото законодавство, работникот кој користел боледување, или пак работничка која била на породилно отсуство имаат право да го искористат во целост годишниот одмор, доколку не го искористиле за време на боледувањето или за време на породилното отсуство.
Клучен е членот 141, ставот 4 од Законот за работните односи, согласно кој секој вработен кој користел отсуство заради боледување или породилен одмор (отсуство) има право да го искористи неискористениот годишен одмор најдоцна до 30 јуни следната година. Ова право не може да се ограничи со ниту еден акт или одлука