...

Поедноставени процедури за поставување на фотоволтаици

Со измените во Законот за градење, кои стапија на сила на 25.10.2022 година, се поедноставува процедурата за поставување фотоволтаици и за граѓаните и за бизнисите.

Поставувањето на фотонапонски електроцентрали на објектите до 6 киловати за домаќинствата и до 40 киловати за компаниите е без административни постапки и не е потребно издавање на одобрение за градење од локалната самоуправа.

Инвеститорите се должни да ја известат Општината и да ги достават потребните документи, односно да достават известување за поставување на фотонапонска електроцентрала кон кое ќе приложат копија од лична карта за физички лица или Извод од Централен регистар за правни лица, имотен лист за објектот на кој се предвидува да се постави фотонапонската електроцентрала, со право на сопственост на инвеститорот. Доколку објектот не е во сопственост на инвеститорот, се доставува договор или согласност од сопственикот на објектот, како и основен проект за фотонапонска електроцентрала до 6 киловати за домаќинствата, односно до 40 киловати за компаниите.

Со измените се предвидува посебна постапка за поставување на фотонапонски електроцентрали на објекти, без издавање на решение за поставување, од страна на потрошувачи-производители кои произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електродистрибутивна мрежа.

Контролата дали се поставени фотоволтации како што е предвидено со проектот ќе ја вршат општинските инспектори.

Последно објавени