...

Законот за работните односи ја предвидува можноста за суспензија на работник до донесување на одлука за отказ на договорот  за  вработување. Согласно член 83 од Законот за работните односи, по оцена на работодавачот, со писмен налог на овластеното лице кај работодавачот, работникот се отстранува од кај работодавачот во следните случаи:

работникот со своето присуство кај работодавачот го загрозува животот или здравјето на работниците или други лица или се оштетуваат средства од поголема вредност;

присуството на работникот кај работодавачот штетно ќе се одразува врз работењето кај работодавачот;

присуството на работникот оневозможува утврдување на одговорноста за повреда на работните обврски и

кога против работникот е покрената кривична постапка од надлежен орган за кривично дело сторено на работа или во врска со работата.

За време на суспензијата до донесување на одлука за отказ на договорот за вработување,  работодавачот на работникот е должен му исплаќа надоместок во висина од 50% на платата на работникот коj ја примил претходниот месец.

Доколку работодавачот донесе одлука за отстранување од кај работодавачот, работникот има право на приговор до органот на управување или работодавачот.

Приговорот се поднесува во рок од осум дена од денот на добивање на одлуката, а одлуката по приговорот се донесува во рок од осум дена од денот на поднесувањето на приговорот.

На барање на работникот синдикатот може да го застапува работникот во постапката по приговор.

Приговорот против одлуката за отстранување од кај работодавачот, не ја задржува од извршување одлуката за отказ, односно писмениот налог.

Во случај кога не е донесена одлука по приговорот или кога работникот не е задоволен со одлуката донесена по приговорот, има право да поведе спор пред надлежниот суд во рок од 15 дена.