Механизам на пренесување на даночна обврска значи дека обврската за пресметување, пријавување и плаќање на данок на додадена вредност ја има примателот на прометот на добра и услуги. Вршителот на прометот нема обврска за пресметување, пријавување и плаќање на данокот на додадена вредност, односно истата се пренесува на примателот на прометот.
Согласно принципот на оданочување со ДДВ при примена на механизамот за пренесување на даночна обврска (Reverse Charge механизмот), вршителот на прометот кој е регистриран за целите на ДДВ издава фактура кон примателот на прометот во која не пресметува ДДВ.
Примателот на прометот врши плаќање на фактурата за примениот промет без износот на ДДВ. Примателот на прометот сам пресметува ДДВ и врши уплата на ДДВ во Буџетот на Република Северна Македонија.
Механизмот на пренесување на даночната обврска се применува кај прометот на добра и услуги поврзани со:
–градење, вклучувајќи одржување, реконструкција и отстранување на градби или нивни делови, кога примател на прометот е инвеститорот, а вршителот на прометот е изведувачот на работите, и во случај кога примател на прометот е изведувачот, а вршител на прометот е подизведувачот на работите;
–прометот со употребен материјал и употребен материјал кој не може повторно да се користи во иста состојба, отпад, индустриски и неиндустриски отпадни материјали, отпаден материјал кој може да се рециклира, делумно преработен отпад; и
–пренос на движен и недвижен имот во постапка на присилна наплата согласно Законот за даночна постапка и во постапка за присилно извршување согласно со Законот за извршување, кога доверителот се стекнува со доброто.
За примена на механизмот на пренесување на даночната обврска треба да бидат исполнети следните услови:
–Прометот треба да е извршен помеѓу даночни обврзници кои се регистрирани за целите на ДДВ во Република Северна Македонија и
–Видот на прометот врз кој се применува механизмот на пренесување на даночната обврска треба да е дефиниран во Одлуката за определување на добрата и услугите за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот од страна на друг даночен обврзник.
При промет на добра во постапка на присилна наплата, односно во постапката за присилно извршување, во случај кога должникот и доверителот се регистрирани за целите на ДДВ и доверителот се стекнува со доброто, се применува механизмот на пренесување на даночната обврска (Reverse charge механизамот).
Вршителот на прометот има обврска да достави Извештај за извршени промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот (ДДВ-ИПДО). Извештајот се доставува со ДДВ-пријавата (образец “ДДВ-04“), за прометите извршени во соодветниот даночен период за кој се однесува ДДВ-пријавата, по електронски пат преку http://etax.ujp.gov.mk.
Даночниот обврзник кој прима промети на добра и услуги, за кој е даночен должник има обврска да достави „Извештај за примените промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обрзник примателот на прометот (образец ДДВ-ИПДО/П). Извештајот се доставува со пријавата ДДВ-04, за прометите извршени во соодветниот даночен период за кој се однесува ДДВ-пријавата по електронски пат преку http://etax.ujp.gov.mk
Вршителот на прометот на кој се применува механизмот на пренесување на даночната обврска во полето 11 од ДДВ-04 пријавата го внесува износот на прометот извршен во земјата за кој данокот го пресметува примателот на прометот. Вршителот на прометот ќе има право на одбивка на претходен данок за влезните исполнувања со исполнување на законските услови и влезниот промет за кој има право на одбивка на претходен данок го искажува во полињата 21 и 27 од ДДВ-04 пријавата.
Примателот на прометот има обврска да го пресмета данокот на додадена вредност и да го искаже во полињата 16, 17, 18 и 19 од ДДВ-04 од пријавата, зависно од применетата даночна стапка за ДДВ. Во полињата 16 и 18 од ДДВ-04 пријавата треба да се внесе износот на прометот извршен во земјата за кој данокот на додадена вредност го пресметува примателот на прометот на кој се применува механизмот на пренесување на даночната обврска, а кој се оданочува по општа/повластена даночна стапка. Во полињата 17 и 19 од ДДВ-04 пријавата се внесува износот на данокот на додадена вредност кој е пресметан од страна на примателот на прометот на кој се применува механизмот на пренесување на даночната обврска по општа/ повластена даночна стапка.
Даночниот обврзник-примател на прометот со исполнување на законските услови ќе има право на одбивка на претходниот данок при што влезниот промет го искажува на полето 25, а пресметаниот ДДВ го искажува како претходен данок за одбивка во полето 26 од ДДВ-04 пријавата.