...

Законот за работните односи ја предвидува можноста за суспензија на работник до донесување на одлука за отказ на договорот  за  вработување. Согласно член 83 од Законот за работните односи, по оцена на работодавачот, со писмен налог на овластеното лице кај работодавачот, работникот се отстранува од кај работодавачот во следните случаи:

работникот со своето присуство кај работодавачот го загрозува животот или здравјето на работниците или други лица или се оштетуваат средства од поголема вредност;

присуството на работникот кај работодавачот штетно ќе се одразува врз работењето кај работодавачот;

присуството на работникот оневозможува утврдување на одговорноста за повреда на работните обврски и

кога против работникот е покрената кривична постапка од надлежен орган за кривично дело сторено на работа или во врска со работата.

За време на суспензијата до донесување на одлука за отказ на договорот за вработување,  работодавачот на работникот е должен му исплаќа надоместок во висина од 50% на платата на работникот коj ја примил претходниот месец.

Доколку работодавачот донесе одлука за отстранување од кај работодавачот, работникот има право на приговор до органот на управување или работодавачот.

Приговорот се поднесува во рок од осум дена од денот на добивање на одлуката, а одлуката по приговорот се донесува во рок од осум дена од денот на поднесувањето на приговорот.

На барање на работникот синдикатот може да го застапува работникот во постапката по приговор.

Приговорот против одлуката за отстранување од кај работодавачот, не ја задржува од извршување одлуката за отказ, односно писмениот налог.

Во случај кога не е донесена одлука по приговорот или кога работникот не е задоволен со одлуката донесена по приговорот, има право да поведе спор пред надлежниот суд во рок од 15 дена.

 

Механизам на пренесување на даночна обврска значи дека обврската за пресметување, пријавување и плаќање на данок на додадена вредност ја има примателот на прометот на добра и услуги. Вршителот на прометот нема обврска за пресметување, пријавување и плаќање на данокот на додадена вредност, односно истата се пренесува на примателот на прометот.

Согласно принципот на оданочување со ДДВ при примена на механизамот за пренесување на даночна обврска (Reverse Charge механизмот), вршителот на прометот кој е регистриран за целите на ДДВ издава фактура кон примателот на прометот во која не пресметува ДДВ.

Примателот на прометот врши плаќање на фактурата за примениот промет без износот на ДДВ. Примателот на прометот сам пресметува ДДВ и врши уплата на ДДВ во Буџетот на Република Северна Македонија.

Механизмот на пренесување на даночната обврска се применува кај прометот на добра и услуги поврзани со:

градење, вклучувајќи одржување, реконструкција и отстранување на градби или нивни делови, кога примател на прометот е инвеститорот, а вршителот на прометот е изведувачот на работите, и во случај кога примател на прометот е изведувачот, а вршител на прометот е подизведувачот на работите;

прометот со употребен материјал и употребен материјал кој не може повторно да се користи во иста состојба, отпад, индустриски и неиндустриски отпадни материјали, отпаден материјал кој може да се рециклира, делумно преработен отпад; и

пренос на движен и недвижен имот во постапка на присилна наплата согласно Законот за даночна постапка и во постапка за присилно извршување согласно со Законот за извршување, кога доверителот се стекнува со доброто.

За примена на механизмот на пренесување на даночната обврска треба да бидат исполнети следните услови:

Прометот треба да е извршен помеѓу даночни обврзници кои се регистрирани за целите на ДДВ во Република Северна Македонија и

Видот на прометот врз кој се применува механизмот на пренесување на даночната обврска треба да е дефиниран во Одлуката за определување на добрата и услугите за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот од страна на друг даночен обврзник.

При промет на добра во постапка на присилна наплата, односно во постапката за присилно извршување, во случај кога должникот и доверителот се регистрирани за целите на ДДВ и доверителот се стекнува со доброто, се применува механизмот на пренесување на даночната обврска (Reverse charge механизамот).

Вршителот на прометот има обврска да достави Извештај за извршени промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот (ДДВ-ИПДО). Извештајот се доставува со ДДВ-пријавата (образец “ДДВ-04“), за прометите извршени во соодветниот даночен период за кој се однесува ДДВ-пријавата, по електронски пат преку http://etax.ujp.gov.mk.

Даночниот обврзник кој прима промети на добра и услуги, за кој е даночен должник има обврска да достави „Извештај за примените промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обрзник примателот на прометот (образец ДДВ-ИПДО/П). Извештајот се доставува со пријавата ДДВ-04, за прометите извршени во соодветниот даночен период за кој се однесува ДДВ-пријавата по електронски пат преку http://etax.ujp.gov.mk

Вршителот на прометот на кој се применува механизмот на пренесување на даночната обврска во полето 11 од ДДВ-04 пријавата го внесува износот на прометот извршен во земјата за кој данокот го пресметува примателот на прометот. Вршителот на прометот ќе има право на одбивка на претходен данок за влезните исполнувања со исполнување на законските услови и влезниот промет за кој има право на одбивка на претходен данок го искажува во полињата 21 и 27 од ДДВ-04 пријавата.

Примателот на прометот има обврска да го пресмета данокот на додадена вредност и да го искаже во полињата 16, 17, 18 и 19 од ДДВ-04 од пријавата, зависно од применетата даночна стапка за ДДВ. Во полињата 16 и 18 од ДДВ-04 пријавата треба да се внесе износот на прометот извршен во земјата за кој данокот на додадена вредност го пресметува примателот на прометот на кој се применува механизмот на пренесување на даночната обврска, а кој се оданочува по општа/повластена даночна стапка. Во полињата 17 и 19 од ДДВ-04 пријавата се внесува износот на данокот на додадена вредност кој е пресметан од страна на примателот на прометот на кој се применува механизмот на пренесување на даночната обврска по општа/ повластена даночна стапка.

Даночниот обврзник-примател на прометот со исполнување на законските услови ќе има право на одбивка на претходниот данок при што влезниот промет го искажува на полето 25, а пресметаниот ДДВ го искажува како претходен данок за одбивка во полето 26 од ДДВ-04 пријавата.

Во ,,Службен Весник на РСМ’’ бр. 202/22 објавена е  Одлуката за изменување на Одлуката Одлуката за определување на добрата и услугите за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен промет од страна на друг даночен обврзник.

Со Одлуката се утврдува што спаѓа под енергетски централи при што се наведуваат: хидро електроцентрали, ветерни електроцентрали, фотонапонски електроцентрали, термоелектроцентрали на биомаса, термоелектроцентрали на биогас, термоелектроцентрали на јаглен, геотермални електроцентрали, нуклеарни електроцентрали, електроцентрали на природен гас, објекти за производство на топлинска енергија, како и високоефикасни комбинирани постројки за производство на електрична и топлинска енергија.

Согласно измената, на прометот на изградба на фотонапонски електроцентрали ќе се применува механизмот на пренесување на даночна обврска.

 

Согласно член 12-а од Законот за данокот на добивка (Службен весник на РМ“, број 112/14…248/18 и Службен весник на РСМ“, број 232/19….151/2021), обврзниците на данокот на добивка кои во текот на 2019 година оствариле приход поголем од 300 милиони евра, потребно е да достават Извештај за трансферни цени до Управата за јавни приходи најдоцна до 30ти септември 2020 година. Извештајот за трансферните цени содржи податоци исклучиво за трансакциите со поврзаните лица нерезеиденти.

По исклучок, обврзникот поднесува извештај во скратена форма доколку вкупната вредност на трансакциите со поврзаните лица во текот на годината не надминува 10.000.000 денари.

Регулативата предвидува извештајот да се доставува во електронска или хариена форма. Но, е‐tax системот на УЈП сеуште не е усогласен за електронски прием на ваков тип на извештај, поради што извештаите ќе треба да се доставуваат во хартиена форма.

Формата и содржината на Извештајот се уредени со Правилникот за формата и содржината на извештајот за трансферни цени, видовите методи за утврдување на цената на трансакцијата со принципот на „дофат на рака“ и начинот на нивна примена (Службен весник на РСМ бр.59/19).

Обврзникот го избира најсоодветниот метод за утврдување на цената на трансакцијата меѓу поврзаните лица во согласност со принципот на „дофат на рака“.Изборот на методот се базира на анализа на фактите пришто е потребно да се согледа:

1)природата на трансакцијата;

2)достапност и веродостојност на податоците;

3)степенот на споредливост меѓу трансакциите кои се извршени меѓу поврзани  лица со трансакциите извршени со или  меѓу неповрзани лица и

4)соодветноста на користење на финансиските податоци на неповрзаните лица за анализа на усогласеноста на трансферните цени по поединечни видови на трансакции кои обврзникот ги извршува со поврзани лица.

Доколку се појави разлика помеѓу трансферните и пазарните цени, истата може да предизвика корекција на поднесениот Даночен биланс за 2021 година.