...

КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТОТ НА РАБОТЕЊЕТО СОГЛАСНО ЗВСР

Во Службен весник на РСМ бр. 173/2022 објавен е новиот Закон за вршење на сметководствени работи, кој започнува со примена од 09.08.2022 година.

Со законот, меѓу другото, се уредува и начинот на вршење на контрола на квалитетот на работењето на трговецот поединец – сметководител, трговецот поединец – овластен сметководител и на друштвото за вршење сметководствени работи (во натамошниот текст: субјекти на контрола) заради документирано оценување на нивното законско и правилно работење.

Со кој акт е пропишан начинот на вршење на контролата на квалитетот на работењето?

Контролата на квалитетот на субјектите на контрола се врши врз основа на Правилник донесен од Управниот одбор на Институтот, во кој се пропишани начинот и процедурите за вршењето контрола на субјектите на контрола.

Кој ја врши контролата на квалитетот на работењето?

Контролата на квалитетот на работењето ја вршат сметководители односно овластенисметководители вработени во стручната служба на Институтот кои имаат:

-статус на сметководител или овластен сметководител и се запишани во соодветните регистри на Институтот и

-непрекинато најмалку пет години работно искуство во вршењето на сметководствени работи.

Што опфаќа контролата на квалитетот на работењето?

Контролата на квалитет на работењето на субјектите на контрола опфаќа проверка и проценка на:

– исполнувањето на барањата на Меѓународниот кодекс на етика за професионалните сметководители на IFAC, актите на Институтот и овој закон;

– исполнувањето на барањата за независност во однос на обврзникот за водење сметководство;

– квантитетот и квалитетот на ангажирани човечки ресурси;

– исполнување на условите за поседување на лиценца за вршење на сметководствени работи;

– исполнување на условите на вработените за упис во соодветниот регистар на Институтот и

– адекватноста на политиките и процедурите на системот на внатрешни контроли на работењето.

На кој начин се спроведува контролата на квалитетот на работењето?

Контролата на квалитет на субјектите на контрола се врши преку вонтеренска и теренска контрола.

Вонтеренската контрола се спроведува како редовна контрола кај сите субјекти на контрола задолжително еднаш годишно преку собирање, обработка и анализа на годишниот прашалник за контрола што Институтот го доставува електронски до субјектите на контрола најдоцна до 20 декември во тековната година. Субјектите на контрола се должни годишниот прашалник за контрола пополнет да го достават електронски до Институтот најдоцна до 31 март во тековната за претходната година.

Доколку се утврдат неправилности или незаконитости во работењето кај субјектите на контрола, може да се спроведе и дополнителна вонтеренска контрола врз основа на дополнителен прашалник, кој се доставува електронски до субјектите на контрола.

Доколку со вонтеренската контрола се утврдат сериозни неправилности или незаконитости, може да се изврши теренска контрола и/или да изречат контролни мерки согласно одредбите на законот.

Теренска контрола кај сите субјекти на контрола се спроведува најмалку еднаш во пет години.

По исклучок, периодот помеѓу две теренски контроли може да биде и пократок доколку со претходната теренска контрола квалитетот на работењето е оценет како незадоволителен или кога директната теренска контрола се спроведува на барање на клиентот на субјектот на контрола или друга заинтересирана страна.

Контролата на квалитет на работењето на субјектите на контрола се спроведува според годишна програма.

Теренската контрола се спроведува заради проверка на законско и правилно работење. Утврдувањето на опфатот на теренската контрола се врши врз основа на бројот и структурата на вработени, процентуална застапеност на клиентите според големината и формата на организирање, природата, видот, опфатот и сложеноста на пристапот и начините за вршење на сметководствените работи што ги врши субјектот на контрола.

Контролорот составува извештај за извршената теренска контрола во кој ги наведува утврдените неправилности и/или незаконитости, рокот за нивно отстранување и предлага контролни мерки.

Извештајот за извшената теренска контрола се доставува до Управниот одбор и до субјектот на контрола кој има право на приговор во рок од осум работни дена од денот наприемот на приговорот на Извештајот. Управниот одбор одлучува по приговорот во рок од седум работни дена од денот на приемот.

Субјектот на контрола е должен во рокот определен во извештајот да ги отстрани утврдените неправилности и незаконитости и до Институтот да поднесе извештај во кој ќе ги опише преземените мерки и ќе приложи документи и докази за отстранување на неправилностите и незаконитостите.

Какви контролни мерки може да предлага контролорот при утврдени неправилности и/или незаконитости?

Контролните мерки за субјектите на контрола може да бидат:

– наложување на работи и обврски кои придонесуваат за воспоставување на законитост и усогласување на работењето со овој закон;

– донесување и примена на акциски план, интерни политики и процедури со кои се уредува работењето и следењето на системот на внатрешни контроли;

-донесување и примена на интерни акти – политики и процедури за постапување и следење на работата со доверливи податоци.

Последно објавени