...

ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА СОГЛАСНО ЗВСР

На 09.08.2022 година започна со примена новиот Закон за вршење на сметководствени работи.

Законот го уредува начинот и постапката на водење на дисциплинска постапка против сметководител односно овластен сметководител.

Дисциплинската комисија е составена од пет члена со мандат од две години. Претседателот и членовите на дисциплинската комисија ги избира Собранието на Институтот на предлог на Управниот одбор, од кои тројца членови од редот на членовите на Институтот и двајца членови се надворешни стручни лица од областа на деловното право, финансиите, сметководството и ревизијата.

Дисциплинска постапка против физичко лице, вршител на сметководствени работи, се поведува по поднесено барање на органите на Институтот, правниот субјект каде е вработен и на писмено барање на државен орган.

Дисциплинската комисија е должна во рок од 30 дена од денот на поднесеното барање да донесе:

– Решение со кое се отфрла предлогот за поведување на дисциплинска постапка доколку предлогот е поднесен од неовластен или анонимен подносител;

– Решение со кое лицето се ослободува од одговорност дека сторило дисциплинска повреда или

– Решение во кое на лицето му се утврдува сторена дисциплинска повреда и во кое му е изречена соодветна дисциплинска мерка.

Дисциплинската комисија за дисциплинска повреда може да изрече дисциплинска мерка јавна опомена, парична казна, времено бришење од соодветниот регистар на Институтот и бришење од соодветниот регистар на Институтот и одземање на уверение на сметководител, односно овластен сметководител.

Рокот на застареност за започнување на дисциплинската постапка е една година од дознавањето на дисциплинската повреда и три години од денот на сторување на  повредата.

Дисциплинската мерка јавна опомена се изрекува на физичко лице, вршител на сметководствени работи ако:

– без оправдана причина не ја плати членарината во рок од три месеци по истекот на утврдениот рок за плаќање;

-не ги чува на соодветен и правилен начин трговските/деловните книги и останатата сметководствена документација утврдена со закон;

-без оправдани причини одбие да изврши примопредавање на сметководствена документација при престанокот на договорот за вработување кај вршителот на сметководствени работи, односно на договорот за вршење сметководствени услуги склучен со обврзникот за водење сметководство;

– не присуствува на две последователни седници како член на Собранието на Институтот, Надзорен одбор или Управен одбор, без претходна најава или писмено оправдание;

– со своето однесување го нарушува угледот на сметководствената професија и

-одбива или несовесно ги исполнува обврските определени со Статутот и актите на Институтот.

Дисциплинската мерка – парична казна во висина од 30% од една просечна месечна нето – плата исплатена по вработен во Република Северна Македонија за месецот во кој е изречена дисциплинската мерка му се изрекува на физичко лице, вршител на сметководствени работи, кој ќе ја повтори истата повреда за која претходно му била изречена дисциплинска мерка – јавна опомена.

Дисциплинската мерка – времено бришење од соодветниот регистар во траење до една година, му се изрекува на физичко лице вршител на сметководствени работи ако:

– не ја почитува обврската за континуирано професионално усовршување во согласност со овој закон;

– не го извести Институтот за сите промени во врска со податоците содржани во соодветниот регистар во согласност со овој закон;

– предизвика очигледна материјална штета на субјектот каде е вработен при вршењетона сметководствените работи;

– несовесно и нестручно врши сметководствени работи без почитување на прописите и Меѓународниот кодекс на етика за професионални сметководители;

– потпише годишна сметка/финансиски извештаи и даночни пријави/биланси за обврзник за водење на сметководствени работи со кој нема склучено договор за вработување на полно или скратено работно време;

– потпише годишна сметка и даночни пријави за обврзник за водење на сметководствени работи за кој друштвото за водење на сметководствени работи и/или трговецот-поединец сметководител или овластен сметководител каде што е вработен нема склучено договор за вршење на сметководствени работи.

Дисциплинската мерка – бришење од соодветниот регистар и одземање на уверението на сметководител односно овластен сметководител се изрекува ако:

– врши сметководствени работи за времетраењето на мерката времено бришење од соодветниот регистар;

– го поставува личниот финансиски интерес во судир со положбата и статусот на професијата сметководител;

– оддава информации стекнати при вршење на сметководствените работи;

– го повтори прекршокот за кој е предвидена дисциплинска мерка времено бришење од соодветниот регистар;

– одбива да даде податоци на државни органи, правни лица и на граѓани, доколку давањето на податоците е пропишано со закон и

– дава неточни податоци на државни органи, правни лица и на граѓани, доколку давањето на податоците е пропишано со закон.

Против решението на дисциплинската комисија со кое се изрекува дисциплинска мерка може да се поведе управен спор пред Управниот суд на Република Северна Македонија во рок од 30 дена од денот на приемот на решението.

Последно објавени