...

Во Службен весник на РСМ бр. 173/2022 објавен е новиот Закон за вршење на сметководствени работи, кој започнува со примена од 09.08.2022 година.

Една од новините во законот е уредувањето на континуираното професионално усовршување, кое се разликува од претходното уредување со Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник  на  РМ“  број  95/12,  188/13,  27/14, 154/15, 192/15, 23/16, 190/16 и 193/17).

Заради надградување на знаењето во областа на сметководството, сметководителите се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 90 часа за период од три години, при што најмалку 24 часа во текот на една година, притоа првиот циклус од три години, односно првата година во која почнува да тече оваа обврска е годината која следи по годината во која сметководителот е впишан во регистарот на сметководители.

Заради надградување на знаењето во областа на сметководството, овластените сметководители се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 120 часа за период од три години, при што најмалку 32 часа во текот на една година, притоа првиот циклус од три години, односно првата година во која почнува да тече оваа обврска е годината која следи по годината во која овластениот сметководител е впишан во регистарот на овластени сметководители.

Континуираното професионално усовршување се спроведува преку:

обуки од областа на меѓународните стандарди за финансиско известување и законската регулатива во Република Северна Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи;

присуство на меѓународни семинари, работилници, симпозиуми и други видови организирана едукација, претходно одобрени од Институтот;

учество како предавач на претходно наведените настани;

објавување статии во домашни публикации со каталогизација во Национална и универзитетска библиотека и меѓународни стручни публикации, претходно одобрени од Институтот;

менторство при практична обука од областа на сметководството на студенти со потпишан договор меѓу институцијата и физичкото лице овластениот сметководител – ментор, сметководител – ментор или друштвото за водење на сметководство, трговец поединец – овластен сметковдител, трговец поединец – сметководител;

менторство на магистранти и докторанти од областа на сметководството и ревизијата со потпишан договор меѓу институцијата и физичкото лице овластениот сметководител – ментор, сметководител – ментор или друштвото за водење на сметководство, трговец поединец – овластен сметководител и трговец поединец – сметководител;

менторство при практична обука од областа на сметководството и ревизија на сметководствен приправник кое е вработено или има статус на практикант согласно со овој закон и

други облици на континуирано професионално усовршување утврдени со акт на Институтот.

Сметководителот, односно овластениот сметководител е должен најмалку 60% од часовите за период од три години да ги оствари преку докажани обуки кои би можеле да се потврдат и проверат, а минимум 20 часа во годината преку посета на обуки од областа на меѓународните стандарди за финансиско известување и законската регулатива во Република Северна Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи.

Обуката од областа на меѓународните стандарди за финансиско известување и законската регулатива во Република Северна Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи се одржува со физичко присуство во простории кои исполнуваат просторни и технички услови со соодветен дидактички пристап за одржување настава адаптиран на профилот и бројноста на аудиториумот или онлајн настава на основа на професионална платформа која го овозможува истото, со точна регистрација за присуство на обуката.

Сметководител, односно овластен сметководител, кој започнал со посета на часови за континуирано професионално усовршување во календарската 2017 и 2018 година, а кој поради прогласената вонредна состојба со коронавирусот, согласно со Уредбата со
законска сила за примена на Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 140/20) не можеле првиот тригодишен циклус на часови да го исполнат до 31 декември 2021 година, имаат можност часовите да ги дополнат до 31 декември 2024 година.

Сметководител, односно овластен сметководител, кој започнал со посета на часови за континуирано професионално усовршување во календарската 2017 и 2018 година е должен покрај исполнувањето на часовите од првиот циклус на обуки  да ги исполни и часовите од вториот циклус на обуки одо крајот на 31 декември 2024 година со посета на 40 часа за сметководител и 60 часа за овластен сметководител.

Сметководител, односно овластен сметководител, кој започнал со посета на часови за континуирано професионално усвршување во 2019, 2020 и 2021 година е должен до започнување на третиот циклус обуки  на овој член да исполни 40 часа за сметководител, односно 60 часа за овластен сметководител.

Сметководител, односно овластен сметководител кој ќе започне со посета на часови за континуирано професионално усвршување во 2022 година е должен до започнување на третиот циклус обуки да исполни 40 часа за сметководител односно 60 часа за овластен сметководител.

Сметководител, односно овластен сметководител, кој ќе започне со посета на часови за континуирано професионално усвршување во 2023 година е должен до започнување на третиот циклус на обуки  да исполни 20 часа за сметководител, односно 30 часа за овластен сметководител.

Вториот циклус обуки за континуирано професионално усовршување започнува на 1 јануари 2022 година и завршува на 31 декември 2024 година.

Третиот циклус на обуки започнува на 1 јануари 2025 година.