...

ВРШЕЊЕ НА СМЕТКОВОДСТВЕНИ РАБОТИ И ПОДНЕСУВЊЕ НА ГОДИШНА СМЕТКА

Во Службен весник на РСМ бр. 173/2022 објавен е новиот Закон за вршење на сметководствени работи, кој започнува со примена од 09.08.2022 година.

Со Законот за вршење на сметководтвени работи, меѓу другото, се уредува кои лица можат да врши сметководствени работи и со кое право за потпишување на сите документи за финансиско известување.

Согласно член 31 од Законот , сметководител и/или овластен сметководител кој има уверение за сметководител или овластен сметководител од Институтот и е запишан во соодветниот регистар на Институтот во рамките на статусот кој го има, се стекнува со право за вршење на сметководствени работи, како и со право за потпишување на сите документи за финансиско известување кои произлегуваат од вршењето на сметководствените работи.

Сметководителот води трговски/деловни книги на обврзници за водење на сметководство, за трговци поединци, здруженија и фондации и/или составува и потпишува за нив годишна сметка и/или финансиски извештаи во хартиена или во електронски форма.

Овластениот сметководител води трговски/деловни книги на сите обврзници за водење на сметководство и/или составува и потпишува за нив, годишна сметка и/или финансиски извештаи во хартиена или електронски форма.

Сметководителот односно овластениот сметководител задолжително ги потпишува годишната сметка и даночните пријави за обврзникот за кој води трговски/деловни книги, при што го наведува датумот на нивното составување и потпишување и регистарскиот број под кој е евидентиран во Регистарот на сметководители и во Регистарот на овластени сметководители.

За сметководствените работи, обврзникот за водење на сметководство може да вработи вршител на сметководствени работи или сметководствен приправник, коj нема право за потпишување на годишни сметки и/или финансиски извештаи.

За целите на финансиското известување обврзникот за водење на сметководство може да вработи сметководител и/или овластен сметководител со полно работно време.

Обврзниците за водење на сметководство, кои согласно со Законот за трговските друштва се поврзани лица, може да вработат едно исто лице со скратено работно време.

Вработениот сметководител и/или овластен сметководител ги потпишува годишната сметка и даночните пријави само за обврзникот за водење на сметководство каде што е вработен или на него поврзани лица, при што го наведува датумот на нивното составување и потпишување, како и регистарскиот број под кој е евидентиран во Регистарот на сметководители и во Регистарот на овластени сметководители.

Обврзникот за водење на сметководство може со договор за вршење на сметководствени работи да ангажира трговец поединец – сметководител, трговец поединец – овластен сметководител или друштво за вршење на сметководствени работи кој поседува лиценца за работа издадена од Институтот.

Трговец поединец – сметководител може да склучи договор за вршење на сметководствени работи со самостоен вршител на дејност, заедница на сопственици на посебни делови на зграда, трговец поединец, здружение, фондација и приватна установа.

Трговец поединец – овластен сметководител може да склучи договор за вршење на сметководствени работи со сите обврзници за водење на сметководство, освен со јавно трговско друштво, командитното друштво, акционерското друштво и командитното друштво со акции.

Друштво за вршење на сметководствени работи склучува договор за вршење на сметководствени работи со сите обврзници за водење на сметководство.

Друштвото за вршење на сметководствени работи мора да има вработено најмалку еден овластен сметководител.

Трговец поединец – сметководител, трговец поединец – овластен сметководител или друштвото за вршење сметководствени работи во текот на важноста на договорот НЕ СМЕЕ да ги отстапи договорените работи на друг трговец поединец-сметководител, трговец поединец – овластен сметководител или на друштво за вршење сметководствени работи, без согласност на обврзникот за водење на сметководство.

Трговец поединец или трговско друштво може да врши сметководствени работи по добивање на лиценца за работа од Институтот, со извршен упис во соодветниот регистар на Институтот.

Сметководствени работи може да врши и странско физичко или правно лице од државите- членки на Европскиот економски простор кое ги исполнува условите за вршење сметководствени работи, односно има дозвола за вршење на сметководствени работи од надлежен орган на државата-членка на Европскиот економски простор, согласно со овој закон.

Сметководителот, овластениот сметководител, трговецот поединец -сметководител, трговецот поединец – овластен сметководител, односно друштвото за вршење сметководствени работи, се самостојни во вршењето на сметководствените работи.

Последно објавени