Во Службен весник на РСМ бр. 173/2022 објавен е новиот Закон за вршење на сметководствени работи, кој започнува со примена од 09.08.2022 година.
Една од новините во законот е уредувањето на континуираното професионално усовршување, кое се разликува од претходното уредување со Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на РМ“ број 95/12, 188/13, 27/14, 154/15, 192/15, 23/16, 190/16 и 193/17).
Заради надградување на знаењето во областа на сметководството, сметководителите се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 90 часа за период од три години, при што најмалку 24 часа во текот на една година, притоа првиот циклус од три години, односно првата година во која почнува да тече оваа обврска е годината која следи по годината во која сметководителот е впишан во регистарот на сметководители.
Заради надградување на знаењето во областа на сметководството, овластените сметководители се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 120 часа за период од три години, при што најмалку 32 часа во текот на една година, притоа првиот циклус од три години, односно првата година во која почнува да тече оваа обврска е годината која следи по годината во која овластениот сметководител е впишан во регистарот на овластени сметководители.
Континуираното професионално усовршување се спроведува преку:
– обуки од областа на меѓународните стандарди за финансиско известување и законската регулатива во Република Северна Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи;
– присуство на меѓународни семинари, работилници, симпозиуми и други видови организирана едукација, претходно одобрени од Институтот;
– учество како предавач на претходно наведените настани;
– објавување статии во домашни публикации со каталогизација во Национална и универзитетска библиотека и меѓународни стручни публикации, претходно одобрени од Институтот;
– менторство при практична обука од областа на сметководството на студенти со потпишан договор меѓу институцијата и физичкото лице овластениот сметководител – ментор, сметководител – ментор или друштвото за водење на сметководство, трговец поединец – овластен сметковдител, трговец поединец – сметководител;
– менторство на магистранти и докторанти од областа на сметководството и ревизијата со потпишан договор меѓу институцијата и физичкото лице овластениот сметководител – ментор, сметководител – ментор или друштвото за водење на сметководство, трговец поединец – овластен сметководител и трговец поединец – сметководител;
– менторство при практична обука од областа на сметководството и ревизија на сметководствен приправник кое е вработено или има статус на практикант согласно со овој закон и
– други облици на континуирано професионално усовршување утврдени со акт на Институтот.
Сметководителот, односно овластениот сметководител е должен најмалку 60% од часовите за период од три години да ги оствари преку докажани обуки кои би можеле да се потврдат и проверат, а минимум 20 часа во годината преку посета на обуки од областа на меѓународните стандарди за финансиско известување и законската регулатива во Република Северна Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи.
Обуката од областа на меѓународните стандарди за финансиско известување и законската регулатива во Република Северна Македонија релевантна за вршење на сметководствени работи се одржува со физичко присуство во простории кои исполнуваат просторни и технички услови со соодветен дидактички пристап за одржување настава адаптиран на профилот и бројноста на аудиториумот или онлајн настава на основа на професионална платформа која го овозможува истото, со точна регистрација за присуство на обуката.
Сметководител, односно овластен сметководител, кој започнал со посета на часови за континуирано професионално усовршување во календарската 2017 и 2018 година, а кој поради прогласената вонредна состојба со коронавирусот, согласно со Уредбата со
законска сила за примена на Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 140/20) не можеле првиот тригодишен циклус на часови да го исполнат до 31 декември 2021 година, имаат можност часовите да ги дополнат до 31 декември 2024 година.
Сметководител, односно овластен сметководител, кој започнал со посета на часови за континуирано професионално усовршување во календарската 2017 и 2018 година е должен покрај исполнувањето на часовите од првиот циклус на обуки да ги исполни и часовите од вториот циклус на обуки одо крајот на 31 декември 2024 година со посета на 40 часа за сметководител и 60 часа за овластен сметководител.
Сметководител, односно овластен сметководител, кој започнал со посета на часови за континуирано професионално усвршување во 2019, 2020 и 2021 година е должен до започнување на третиот циклус обуки на овој член да исполни 40 часа за сметководител, односно 60 часа за овластен сметководител.
Сметководител, односно овластен сметководител кој ќе започне со посета на часови за континуирано професионално усвршување во 2022 година е должен до започнување на третиот циклус обуки да исполни 40 часа за сметководител односно 60 часа за овластен сметководител.
Сметководител, односно овластен сметководител, кој ќе започне со посета на часови за континуирано професионално усвршување во 2023 година е должен до започнување на третиот циклус на обуки да исполни 20 часа за сметководител, односно 30 часа за овластен сметководител.
Вториот циклус обуки за континуирано професионално усовршување започнува на 1 јануари 2022 година и завршува на 31 декември 2024 година.
Третиот циклус на обуки започнува на 1 јануари 2025 година.
Во Службен весник на РСМ бр. 173/2022 објавен е новиот Закон за вршење на сметководствени работи, кој започнува со примена од 09.08.2022 година.
Со Законот за вршење на сметководтвени работи, меѓу другото, се уредува кои лица можат да врши сметководствени работи и со кое право за потпишување на сите документи за финансиско известување.
Согласно член 31 од Законот , сметководител и/или овластен сметководител кој има уверение за сметководител или овластен сметководител од Институтот и е запишан во соодветниот регистар на Институтот во рамките на статусот кој го има, се стекнува со право за вршење на сметководствени работи, како и со право за потпишување на сите документи за финансиско известување кои произлегуваат од вршењето на сметководствените работи.
Сметководителот води трговски/деловни книги на обврзници за водење на сметководство, за трговци поединци, здруженија и фондации и/или составува и потпишува за нив годишна сметка и/или финансиски извештаи во хартиена или во електронски форма.
Овластениот сметководител води трговски/деловни книги на сите обврзници за водење на сметководство и/или составува и потпишува за нив, годишна сметка и/или финансиски извештаи во хартиена или електронски форма.
Сметководителот односно овластениот сметководител задолжително ги потпишува годишната сметка и даночните пријави за обврзникот за кој води трговски/деловни книги, при што го наведува датумот на нивното составување и потпишување и регистарскиот број под кој е евидентиран во Регистарот на сметководители и во Регистарот на овластени сметководители.
За сметководствените работи, обврзникот за водење на сметководство може да вработи вршител на сметководствени работи или сметководствен приправник, коj нема право за потпишување на годишни сметки и/или финансиски извештаи.
За целите на финансиското известување обврзникот за водење на сметководство може да вработи сметководител и/или овластен сметководител со полно работно време.
Обврзниците за водење на сметководство, кои согласно со Законот за трговските друштва се поврзани лица, може да вработат едно исто лице со скратено работно време.
Вработениот сметководител и/или овластен сметководител ги потпишува годишната сметка и даночните пријави само за обврзникот за водење на сметководство каде што е вработен или на него поврзани лица, при што го наведува датумот на нивното составување и потпишување, како и регистарскиот број под кој е евидентиран во Регистарот на сметководители и во Регистарот на овластени сметководители.
Обврзникот за водење на сметководство може со договор за вршење на сметководствени работи да ангажира трговец поединец – сметководител, трговец поединец – овластен сметководител или друштво за вршење на сметководствени работи кој поседува лиценца за работа издадена од Институтот.
Трговец поединец – сметководител може да склучи договор за вршење на сметководствени работи со самостоен вршител на дејност, заедница на сопственици на посебни делови на зграда, трговец поединец, здружение, фондација и приватна установа.
Трговец поединец – овластен сметководител може да склучи договор за вршење на сметководствени работи со сите обврзници за водење на сметководство, освен со јавно трговско друштво, командитното друштво, акционерското друштво и командитното друштво со акции.
Друштво за вршење на сметководствени работи склучува договор за вршење на сметководствени работи со сите обврзници за водење на сметководство.
Друштвото за вршење на сметководствени работи мора да има вработено најмалку еден овластен сметководител.
Трговец поединец – сметководител, трговец поединец – овластен сметководител или друштвото за вршење сметководствени работи во текот на важноста на договорот НЕ СМЕЕ да ги отстапи договорените работи на друг трговец поединец-сметководител, трговец поединец – овластен сметководител или на друштво за вршење сметководствени работи, без согласност на обврзникот за водење на сметководство.
Трговец поединец или трговско друштво може да врши сметководствени работи по добивање на лиценца за работа од Институтот, со извршен упис во соодветниот регистар на Институтот.
Сметководствени работи може да врши и странско физичко или правно лице од државите- членки на Европскиот економски простор кое ги исполнува условите за вршење сметководствени работи, односно има дозвола за вршење на сметководствени работи од надлежен орган на државата-членка на Европскиот економски простор, согласно со овој закон.
Сметководителот, овластениот сметководител, трговецот поединец -сметководител, трговецот поединец – овластен сметководител, односно друштвото за вршење сметководствени работи, се самостојни во вршењето на сметководствените работи.
Во Службен весник на РСМ бр. 173/2022 објавен е новиот Закон за вршење на сметководствени работи, кој започнува со примена од 09.08.2022 година.
Една од новините во законот е начинот на стекнување на статус на сметководител и овластен сметководител, кој се разликува од претходно утврдениот начин со Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на РМ“ број 95/12, 188/13, 27/14, 154/15, 192/15, 23/16, 190/16 и 193/17).
Со статус на сметководител или овластен сметководител се стекнува лице кое положило испит за стекнување статус на сметководител или овластен сметководител и има најмалку две години работно искуство во вршење на сметководствени работи под менторство на сметководител и/или овластен сметководител.
Лицето кое сака да се стекне со статус на сметководител или овластен сметководител, до Институтот поднесува барање за полагање на испит за стекнување на статус сметководител, односно овластен сметководител .
Кон барањето за полагање на испит за стекнување статус на сметководител задолжително се доставува:
–уверение за завршено средно бизнис/економско образование или
–уверение за завршено више бизнис/економско образование (VI/1) степен;
–уверение за завршено тригодишно високо бизнис/економија образование, односно завршени студии според Болоњската декларација и има 180 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС);
–уверение за завршено четиригодишно високо бизнис/економија образование (VII/1 степен), односно завршени студии според Болоњската декларација и има 240 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) и
–доказ за уплата на надоместокот за полагање испит за стекнување статус на сметководител.
Кон барањето за полагање на испит за стекнување статус на овластен сметководител задолжително се доставува:
–уверение за завршено тригодишно високо бизнис/економија образование, односно завршени студии според Болоњската декларација и има 180 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС);
–уверение за завршено више бизнис/економија образование (VI/1) степен,
–уверение за завршено; четиригодишно високо бизнис/економија образование (VII/1 степен), односно завршени студии според Болоњската декларација и има 240 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) и
–доказ за уплата на надоместокот за полагање испит стекнување статус на овластен сметководител.
На лицата кои го положиле испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, Институтот им издава уверение за сметководител, односно за овластен сметководител во рок од 15 дена од денот на полагањето на испитот.
Лицето кое има уверение за сметководител, односно уверение за овластен сметководител се запишува во Регистарот на сметководители, односно во Регистарот на овластени сметководители врз основа на поднесено лично барање до Институтот.
Полагањето на испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, се спроведува според програма за полагање испит за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, која ја донесува Управниот одбор на Институтот по претходна согласност од Советот.
Предметите од програмата особено треба да ги опфатат следниве области:
– законска рамка во врска со изготвување годишни сметки и финансиски извештаи и на консолидирани годишни сметки и финансиски извештаи и меѓународни стандарди за финансиско известување;
– финансии и финансиска анализа и
– даноци и даночен систем.
Лице кое има лиценца за овластен ревизор може да се стекне со статус на овластен сметководител без полагање на стручен испит, при што треба да достави барање со прилог лиценца за овластен ревизор и доказ за платен надоместок за издавање уверение за овластен сметководител.