Во Службен весник на РСМ бр. 173/2022 објавен е новиот Закон за вршење на сметководствени работи, кој започнува со примена од 09.08.2022 година.
Со законот се уредуваат условите на вршење на сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, основањето и надлежностите на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.
Една од новините која се воведува со законот е основањето на Советот за унапредување и надзор на сметководствената профеција на Република Северна Македонија. Имено, во член 3 од Законот е утврдено дека заради унапредување и надзор на сметководствената професија, Владата на РСМ основа Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија на РСМ како самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со законот.
Согласно одредбите на законот, Советот ги врши следниве работи:
– донесува деловник за својата работа, годишна програма за работа, годишен финансиски план и годишен извештај за работењето на Советот;
– иницира контрола на трговци поединци-сметководители, трговци поединци овластени сметководители и друштвата за вршење сметководствени работи до Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија (Институтот);
– дава согласност на Статутот и другите акти на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија; ја следи нивната примена и му укажува на Институтот на потребата од нивно изменување и дополнување;
– го следи спроведувањето на годишната и тригодишната програма за контрола преку извештаите од извршената контрола на Институтот;
– го следи спроведувањето на годишните програми за полагање испит и за континуирано професионално усовршување на Институтот;
– ја следи постапката за признавање на квалификации стекнати во странство, којашто ја спроведува Институтот;
– го следи и контролира извршувањето на контролата на квалитет од страна на Институтот и дава препораки за подобрување на спроведувањето на контролата на квалитет, а по потреба учествува во постапките на контролирање на друштвата за вршење на сметководствени работи и трговец поединец- сметководител, односно овластен сметководител;
– врши надзор над работењето на Институтот и изрекува мерки за констатирани неправилности и/или незаконитости;
– дава насоки на Институтот за прашања за кои е надлежен согласно со овој закон;
– ја следи примената на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон и дава мислење на министерот за финансии за потребата за изготвување на измени и дополнување на истите;
– донесува годишен план за вработување на лица во стручната служба на Советот и
– врши други работи утврдени со овој закон и со статутот.
Советот го сочинуваат пет члена кои ги именува и разрешува Владата на РСМ, од кои еден е претседател и тоа:
– два члена на предлог на министерот за финансии;
– еден член на предлог на Македонската академија на науките и уметностите од редот на редовните професори на економските факултети во државата;
– еден член на предлог на Стопанската комора на Северна Македонија,Сојузот на стопански комори на Македонија и Стопанската комората на северозападна Македонија и
– еден член на предлог на Собранието на Институтот.
За претседател и член на Советот може да се предложи лице кое ги исполнува таксативно наведените услови во законот и тоа: да е државјанин на Република Северна Македонија, да има завршено високо образование од областа на економијата или правото, да не е вработен во Институтот и да не е член на ниедно извршно тело на истиот, да има најмалку пет години работно искуство во областа на сметководството или финансиите, да не е правосилно осудуван за кривично дело против јавните финансии, платниот промет, стопанството и службената должност и да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност.
За претседател и член на Советот НЕ МОЖЕ да се предложи лице кое е функционер кој раководи со државен орган или орган на државната управа и лице кое е носител на функција во органите на политичка партија и/или член на орган на надзор, орган на управување или кој било друг орган на правно лице од јавиот сектор основано од Владата на РСМ, односно од Собранието на РСМ.
Претседателот и членовите на Советот имаат право на месечен надоместок кој се обезбедува од средствата на Советот утврдени со годишниот финансиски план, во висина до 50% од една просечна месечна нето – плата исплатена во Република Северна Македонија во последниот месец од претходната година објавена од Државниот завод за статистика.
Административно-техничките работи поврзани со работењето на Советот ги врши стручна служба на Советот. Вработените во стручната служба на Советот кои вршат работи од административна природа, имаат статус на административни службеници, додека вработените кои вршат помошно-технички работи, имаат статус на помошно-технички персонал.
Владата на РСМ по барање, или по добиено известување од институцијата која ги предложила, може пред истекот на мандатот за кој се именувани претседателот и членовите на Советот да ги разреши ако:
– сами побараат и поднесат оставка до институцијата која го предложила,
– престанат да ги исполнуваат претходно наведените услови,
– ја прекршат обврската за заштита на личните и доверливите податоци и
– неоправдано отсуствуваат на три седници на Советот последователно или неоправдано отсуствуваат на пет седници во текот на една година.
Советот одлучува на седници, при што на седниците може да донесува одлуки од негова надлежност доколку се присутни мнозинството од вкупниот број на членови.
Работењето на Советот се финансира од:
– 3% од остварените вкупни приходи на ИНСТИТУТОТ,
– Буџетот на Република Северна Македонија и
– други приходи остварени во текот на работењето на Советот.