...

НА КОИ СУБЈЕКТИ СЕ ОДНЕСУВА НОВИОТ ЗАКОН ЗА СПРЕЧУВАЊЕ ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ФИНАНСИРАЊЕ НА ТЕРОРИЗАМ

Со новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам (,,Службен весник на РСМ’’ бр.151/22), се редефинира опсегот на субјектите кои се задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Во член 5 од истиот, се утврдени субјектите кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам и тоа:

1) Финансиски институции и подружници, филијали и деловни единици на странски финансиски институции кои согласно со закон вршат дејност во Република Северна Македонија;

2) Правни и физички лица кои како деловна или професионална активност ги вршат следниве услуги:

а) посредување во промет на недвижности, вклучително и/или посредување при склучување на договори за закуп на недвижен имот само кога вредноста на месечниот закуп изнесува 10.000 евра или повеќе во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија;

б) ревизорски и сметководствени услуги;

в) давање совети од областа на даноците или која било форма на помош, поддршка или совет, директно или преку друго лице во областа на даноците;

г) давање на услуги како инвестициски советник и

д) давање на услуги за организирање и спроведување на аукции;

3) Нотари, адвокати и адвокатски друштва кои вршат јавно овластување согласно со закон;

4) Приредувачи на игри на среќа кои согласно со закон приредуваат игри на среќа во Република Северна Македонија;

5) Даватели на услуги на трустови или правни лица;

6) Централен депозитар за хартии од вредност;

7) Правни лица кои вршат дејност на примање во залог на подвижни предмети и недвижности (заложувалници);

8) Лица кои тргуваат или дејствуваат како посредници во трговија со уметнички дела, вклучително кога активноста ја вршат уметнички галерии или аукциски куќи, а каде вредноста на поединечната трансакција или неколку поврзани трансакции изнесува 10.000 евра во денарска противвредност или повеќе според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија;

9) Лица кои складираат, тргуваат или кои дејствуваат како посредници во трговија со уметнички дела, кога активноста се одвива во слободни зони и каде вредноста на поединечната трансакција или неколку поврзани трансакции изнесува 10.000 евра во денарска противвредност или повеќе според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија и

10) Даватели на услуги поврзани со виртуелни средства. Исклучоци во однос на правни и физички лица кои вршат финансиски активности на повремена или ограничена основа.,

Субјектите од точка 8, 9 и 10 за прв пат се внесуваат во предметната законска регулатива.

Сите горе наведени субјекти кои вршат финансиски активности на повремена или ограничена основа и за кои со националната проценка на ризикот е утврден низок ризик од перење пари и финансирање на тероризам, не се должни да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидени со овој закон, доколку се исполнети следниве услови:

финансиската активност е споредна и директно поврзана со главната деловна активност,

годишниот нето-промет од финансиската активност не надминува 100.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија или 5% од вкупниот годишен промет на субјектот,

главна активност не е давање на ревизорски услуги, организирање и приредување игри на среќа, сметководствени услуги, услуги на даночен советник, активности на посредување во промет со недвижности, давање услуги на трустови или правни лица или нотарски и адвокатски услуги,

највисокиот износ на трансакција по клиент и по поединечна трансакција без оглед дали се извршува како една или неколку трансакции кои изгледаат меѓусебно поврзани не смее да надминува 500 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија и

финансиската активност се извршува само за лица кои се клиенти гледано од аспект на главната деловна активност и не е генерално достапна за јавноста.

Исклучоците не се применуваат на правни лица, трговци поединци или физички лица кои самостојно вршат дејност доколку вршат парични дознаки согласно со закон.

Субјектите кои ги исполнуваат условите да не применуваат мерки и дејствија за спечување на перење пари и финансирање на тероризам потребно е да поднесат барање до Управата. Кон барањето се доставува документација од која може да се утврди дека се исполнети утврдените услови и документација за спроведена проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам за секоја финансиска активност. По барањето, Управата донесува решение во согласност со одредбите на Законот за општата управна постапка. Решението е со важност од две години од денот на неговото донесување, а по истекот на важноста на решението, за изземање од примената на одредбите од овој закон, субјектот поднесува ново барање. Доколку околностите врз основа на кои се издава решението се изменат пред истекот на важноста на решението, субјектот е должен да ја извести Управата за овие промени во рок од 15 дена од денот на нивното настанување. Врз основа на ова известување или врз основа на други информации, Управата по службена должност донесува ново решение со важност од две години со кое го поништува претходното решение и одлучува за примена на одредбите од овој закон.

Нотарите, адвокатите и адвокатските друштва кои вршат јавни овластувања согласно со закон се должни да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам во случаите кога даваат правни услуги за нивните клиенти кои се однесуваат на следниве активности:

а) купување и продавање на недвижен имот и движен имот;

б) управување со пари, хартии од вредност или друг имот или средства на клиентот;

в) отворање и управување со сметки во банка, штедни влогови, сефови или сметки за тргување со хартии од вредност (анг. Securities accounts);

г) организирање на прибирање средства за основање, на работа или менаџирање на правни лица;

д) основање, работење или управување со правни лица или правни аранжмани, купување и продажба на правни лица или правни аранжмани како и која било форма на помош, поддршка или совет, директно или преку друго лице за целите на продажба или купување на правни лица или правни аранжмани.

Обврските кои произлегуваат од овој закон НЕ СЕ ОДНЕСУВААТ на адвокатите и адвокатските друштва кога вршат функција на одбрана и застапување на клиентот во судска постапка. Во овој случај адвокатите и адвокатските друштва, на барање на Управата, во рок од седум дена треба да достават образложение во писмена форма за причините поради кои не постапиле согласно со одредбите од овој закон.

Новина која се воведува е Регистарот на даватели на услуги поврзани со виртуелни средства кој во електронски облик го води Управара и го објавува на нејзината веб-страница.

Регистарот на даватели на услуги поврзани со виртуелни средства содржи:

1) назив на правниот субјект, седиште, електронска адреса, единствен матичен број (ЕМБС) и единствен даночен број (ЕДБ), датум на основање и шифра на дејност;

2) податоци за членовите на органот на управување (име и презиме, единствен матичен број или друг идентификациски број, адреса на живеалиште, односно престојувалиште, датум на раѓање и државјанство и својство во органот на управување);

3) опис за видот на услугите и активностите кои ги извршува во смисла на овој закон вклучувајќи доколку истите ги извршува со користење на криптомат/и;

4) податоци за домеинот преку кој давателот на услуги поврзани со виртуелни средства ја извршува професионалната и деловна активност доколку истата ја извршува преку електронска комуникациска мрежа (интернет) и

5) податоци и информации за воспоставени деловни односи со правни субјекти неопходни за вршење на активности на давател на услуги поврзани со виртуелни средства.

Давателите на услуги поврзани со виртуелни средства се должни да ја известат Управата дека вршат активности пропишани со овој закон во рок од 30 дена од денот на регистрацијата во Централниот регистар на Република Северна Македонија, односно 30 дена од денот на започнувањето на давањето на услуги поврзани со виртуелни средства на територија на Република Северна Македонија за даватели на услугите кои не се регистрираат во Централниот регистар на Република Северна Македонија и да му достават податоци, информации и документи од сигурни и независни извори. Доколку се сомнева во точноста на доставените податоци, Управата може во секое време да побара и дополнителни документи, податоци и информации за активностите и услугите на давателот на услуги поврзани со виртуелни средства. Давателите на услуги се должни дополнителните документи, податоци и информации за активностите и услугите поврзани со виртуелни средства да ги достават во рок од десет работни дена од денот на приемот на барањето

Согласно преодните и завршните одредби, одредбите од законот кои се однесуваат  за  новите  субјекти, ќе отпочнат да се применуваат во рок од девет месеци од денот на влегување во сила на овој закон, при што во истиот рок треба да го усогласат своето работење  согласно законот.

Со почит,

Книгоприма Консалтинг

Последно објавени