...

НОВ ЗАКОН ЗА СПРЕЧУВАЊЕ ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ФИНАНСИРАЊЕ НА ТЕРОРИЗАМ

Во Службен весник бр.151/22 од 12.07.2022 година, објавен е новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Согласно образложението на предлагачот на законот – причините за негово донесување, произлегле од потребата за усогласување со европското acquis односно законодавство во областа на борбата против организираниот криминал, односно одредбите од Директива 2018/843 за спречување на користење на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 2018 година, при што воедно се ревидирале препораките на ФАТФ и последно дополнети во октомври, 2020 година. Во законот биле вградени и решенија во насока на надминување на ризиците идентификувани со Националната проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам усвоена во 2020 година.

Законот ги содржи следните решенија:

-се воведуваат нови дефиниции или се усогласуваат со новите позитивни прописи, а со кои се уредуваат одредени поими кои се употребуваат во законот (финансиски институции, технологија за дистрибуирани записи, виртуелни средства, услуги или активности поврзани со виртуелни средства, кореспондентски однос, пренос на виртуелни средства, високоризични земји, финаснирање на ширење на оружје за масовно уништување итн);

-опсегот на субјектите кои се задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам се редефинира, односно како нови субјекти се воведени: лицата кои тргуваат или дејствуваат као посредници во трговија со уметнички дела, вклучително уметнички галерии или аукциски куќи и давателите на услуги поврзани со виртуелни средства;

-обврските за субјектите кои се однесуваат на идентификација, се доведуваат во линија со 5-та ЕУ Директива и стандардите на ФАТФ;

-за целите на идентификација на клиент – физичко лице покрај употребата на оригинален и важечки документ за идентификација, се предвидува доколку е возможно употреба на средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност согласно закон;

-се прецизираат и усогласуваат со 5-та ЕУ Директива одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици, како и дугите прашања поврзазни со Регистарот на вистински сопственици;

-одредбите кои ги дефинираат засилените мерки на анализа кои субјектите треба да ги применуваат кога постои висок ризик и средно-висок ризик од перење пари или финансирање тероризам, како и случаите кога воспоставуваат прекугранични кореспондентски односи, кога лицето не е физички присутно за целите а идентификација, кога клентот е носител на јавна финкција, кога во деловниот однос или трансакција е вклучена високо ризична држава се прецизираат и усогласуваат со 5-та ЕУ Директива;

-се редефинира пристапот кон непрофитните организации, односно засилените мерки на анализа, субјектите ги применуваат кон непрофитните организации кои се утврдени согласно националната проценка на ризикот, како и според спроведената проценка на ризикот кон определена непрофитна организација;

-се поширува бројот на субјекти кои доставуваат извештаи до Управата, односно давателите на услуги поврзани со виртуелни средства ќе ја известуваат Управата за размена на виртуелни средства и фиат валути или пари во износ од 1.000 евра, како и извршителите за извршени продажби со усно јавно наддавање и договори за продажба со непосредна спогодба со кои се стекнува право на сопственост на имот во вредност над 15.000 евра; -се прецизираат надлежностите на Управата за финансиско разузнавање, како и одредбите за соработката на Управата со други надлежни органи и единици за финансиско разузнавање на други држави;

-дополнително, предложените решенија ги унапредуваат дигитализираните процеси за работа, како и размена на информации и податоци да се одвива по заштитен електронски пат или преку Националната платформа за интероперабилност;

-прекршочните одредби од овој предлог се во согласност со Законот за прекршоци и воведуваат одвратувачки, адекватни и пропорционални казни за непочитување на одредбите од овој закон и др.

Што се однесува на подзаконските акти, законот утврдува дека подзаконските акти донесени согласно Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија” бр. 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19 и 317/20) продолжуваат да се применуваат до денот на донесувањето на подзаконските акти утврдени со овој закон. Додека подзаконските акти утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од 15 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Во следните објави на нашиот блог, подетално ќе бидат објавени одредбите на новиот закон.

Со почит,

Книгоприма Консалтинг

Последно објавени