...

Со новиот Закон за спречување перење пари  и  финансирање  на  тероризам („Службен весник на РСМ.бр.151/22), предвидени се измени во однос на уписот на вистински сопственици, односно утврдени се  промени на роковите за упис, субјектите кои се обврзани да извршат упис во рамки на истиот, како и нов пристап во утврдувањето на вистински сопственик кај фондациите.

Законскиот ррок за внесување на податоците за вистинските сопственици е 15 дена од уписот на деловниот субјект во трговскиот регистар и во регистарот на други правни лица, односно 15 дена од промената на податоците за вистинскиот сопственик, наместо досегашниот рок од 8 дена.

Вистински сопственик согласно законот е лицето:

-кое крајно го поседува или го контролира правното лице преку директна и/или идиректна сопственост на доволен процент од уделите, односно акции или права на глас како и преку друг сопственички интерес во тоа прано лице, вклучително и преку акции на доносители или друг облик на контрола;

-кое има висока управувачка позиција во правното лице, односно кое со закон и интерните акти е овластено да управува и е одговорно за работењето на правното лице.

Воедно, се прави разлика во дефинирањето на вистински сопственик на труст и правен аранжман  и се дефинира вистински сопственик на фондација.

Вистински сопственик на труст е секое физичко лице кое е:

-основач;

-повереник;

-заштитник, доколку  има;

-корисник или група на корисници под услов  идните  корисници  да  се  утврдени  или да можат да се утврдат;

-друго  физичко  лице  кое  преку  директна  или индиректна сопственост или  на друг начин врши контрола над трустот.

Вистински сопственик на правен аранжман е лице  односно лица кои извршуваат функција иста или слична  на  вистински  сопственик  на  труст .

Додека, како вистински сопственик на фондација се смета лице односно лица кои извршуваат иста или  слична  функција  на  вистински  сопственик  на труст.

Во однос на субјектите кои се обврзани да извршат упис на вистинскиот сопственик во регистарот со новото законско решение опфатени се и правните субјекти чиишто акции котираат на организиран пазар на хартии од вредност за кои е предвиден рок од три месеци за извршување на оваа обврска од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Се утврдува и нов пристап во утврдувањето на вистински сопственик кај фондациите. Фондациите и со постојните прописите за спречување на перење пари и финансирање на тероризам имаа обврска да запишат вистински сопственик во регистарот на вистински сопственици.

Имено со оглед на воведената промена, фондациите потребно е проверат:

-дали имаат внесено податоци за вистински сопственик во регистарот на вистински сопственици;

-дали внесените податоци за вистински сопственик се во согласност со новата дефиниција од ЗСППФТ.

Доколку фондациите утврдат дека е потребно да се усогласат со новите законски одредби, потребно е податоците за вистински сопственик да ги внесат (променат) во регистарот на вистински сопственици во рок од 15 дена, започнувајќи од 12.07.2022 година, односно најдоцна до 27.07.2022 година. Доколку промената единствено се однесува на усогласување со новата законска дефиниција, како датум на индикатор во пријавата се внесува датумот на поднесување на пријавата.

Се утврдува должност за правните субјекти да ги чуваат податоците за вистинскиот сопственик во рок од десет години од денот на основањето на правниот субјект, односно од денот на промената на вистинскиот сопственик.

Податоците кои треба да се чуваат се следните:

-За вистинскиот сопственик и тоа: име и презиме; адреса за живеалиште осносно престојувалиште, ден месец и гоина на раѓање, единствен матичен број или друг идентификациски број и податок за видот, бројот, издавачот, државата и датумот на издавање на документот за идентификација, државјанство и податоци за видот и обемот на вистинската сопственост.

равната форма и сопственичката структура, а трговските друштва и податоци за  уделите,  влоговите  или  друга  форма  на  учество во сопственоста на друштвото.

Со новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам (,,Службен весник на РСМ’’ бр.151/22), се редефинира опсегот на субјектите кои се задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Во член 5 од истиот, се утврдени субјектите кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам и тоа:

1) Финансиски институции и подружници, филијали и деловни единици на странски финансиски институции кои согласно со закон вршат дејност во Република Северна Македонија;

2) Правни и физички лица кои како деловна или професионална активност ги вршат следниве услуги:

а) посредување во промет на недвижности, вклучително и/или посредување при склучување на договори за закуп на недвижен имот само кога вредноста на месечниот закуп изнесува 10.000 евра или повеќе во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија;

б) ревизорски и сметководствени услуги;

в) давање совети од областа на даноците или која било форма на помош, поддршка или совет, директно или преку друго лице во областа на даноците;

г) давање на услуги како инвестициски советник и

д) давање на услуги за организирање и спроведување на аукции;

3) Нотари, адвокати и адвокатски друштва кои вршат јавно овластување согласно со закон;

4) Приредувачи на игри на среќа кои согласно со закон приредуваат игри на среќа во Република Северна Македонија;

5) Даватели на услуги на трустови или правни лица;

6) Централен депозитар за хартии од вредност;

7) Правни лица кои вршат дејност на примање во залог на подвижни предмети и недвижности (заложувалници);

8) Лица кои тргуваат или дејствуваат како посредници во трговија со уметнички дела, вклучително кога активноста ја вршат уметнички галерии или аукциски куќи, а каде вредноста на поединечната трансакција или неколку поврзани трансакции изнесува 10.000 евра во денарска противвредност или повеќе според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија;

9) Лица кои складираат, тргуваат или кои дејствуваат како посредници во трговија со уметнички дела, кога активноста се одвива во слободни зони и каде вредноста на поединечната трансакција или неколку поврзани трансакции изнесува 10.000 евра во денарска противвредност или повеќе според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија и

10) Даватели на услуги поврзани со виртуелни средства. Исклучоци во однос на правни и физички лица кои вршат финансиски активности на повремена или ограничена основа.,

Субјектите од точка 8, 9 и 10 за прв пат се внесуваат во предметната законска регулатива.

Сите горе наведени субјекти кои вршат финансиски активности на повремена или ограничена основа и за кои со националната проценка на ризикот е утврден низок ризик од перење пари и финансирање на тероризам, не се должни да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидени со овој закон, доколку се исполнети следниве услови:

финансиската активност е споредна и директно поврзана со главната деловна активност,

годишниот нето-промет од финансиската активност не надминува 100.000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија или 5% од вкупниот годишен промет на субјектот,

главна активност не е давање на ревизорски услуги, организирање и приредување игри на среќа, сметководствени услуги, услуги на даночен советник, активности на посредување во промет со недвижности, давање услуги на трустови или правни лица или нотарски и адвокатски услуги,

највисокиот износ на трансакција по клиент и по поединечна трансакција без оглед дали се извршува како една или неколку трансакции кои изгледаат меѓусебно поврзани не смее да надминува 500 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија и

финансиската активност се извршува само за лица кои се клиенти гледано од аспект на главната деловна активност и не е генерално достапна за јавноста.

Исклучоците не се применуваат на правни лица, трговци поединци или физички лица кои самостојно вршат дејност доколку вршат парични дознаки согласно со закон.

Субјектите кои ги исполнуваат условите да не применуваат мерки и дејствија за спечување на перење пари и финансирање на тероризам потребно е да поднесат барање до Управата. Кон барањето се доставува документација од која може да се утврди дека се исполнети утврдените услови и документација за спроведена проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам за секоја финансиска активност. По барањето, Управата донесува решение во согласност со одредбите на Законот за општата управна постапка. Решението е со важност од две години од денот на неговото донесување, а по истекот на важноста на решението, за изземање од примената на одредбите од овој закон, субјектот поднесува ново барање. Доколку околностите врз основа на кои се издава решението се изменат пред истекот на важноста на решението, субјектот е должен да ја извести Управата за овие промени во рок од 15 дена од денот на нивното настанување. Врз основа на ова известување или врз основа на други информации, Управата по службена должност донесува ново решение со важност од две години со кое го поништува претходното решение и одлучува за примена на одредбите од овој закон.

Нотарите, адвокатите и адвокатските друштва кои вршат јавни овластувања согласно со закон се должни да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам во случаите кога даваат правни услуги за нивните клиенти кои се однесуваат на следниве активности:

а) купување и продавање на недвижен имот и движен имот;

б) управување со пари, хартии од вредност или друг имот или средства на клиентот;

в) отворање и управување со сметки во банка, штедни влогови, сефови или сметки за тргување со хартии од вредност (анг. Securities accounts);

г) организирање на прибирање средства за основање, на работа или менаџирање на правни лица;

д) основање, работење или управување со правни лица или правни аранжмани, купување и продажба на правни лица или правни аранжмани како и која било форма на помош, поддршка или совет, директно или преку друго лице за целите на продажба или купување на правни лица или правни аранжмани.

Обврските кои произлегуваат од овој закон НЕ СЕ ОДНЕСУВААТ на адвокатите и адвокатските друштва кога вршат функција на одбрана и застапување на клиентот во судска постапка. Во овој случај адвокатите и адвокатските друштва, на барање на Управата, во рок од седум дена треба да достават образложение во писмена форма за причините поради кои не постапиле согласно со одредбите од овој закон.

Новина која се воведува е Регистарот на даватели на услуги поврзани со виртуелни средства кој во електронски облик го води Управара и го објавува на нејзината веб-страница.

Регистарот на даватели на услуги поврзани со виртуелни средства содржи:

1) назив на правниот субјект, седиште, електронска адреса, единствен матичен број (ЕМБС) и единствен даночен број (ЕДБ), датум на основање и шифра на дејност;

2) податоци за членовите на органот на управување (име и презиме, единствен матичен број или друг идентификациски број, адреса на живеалиште, односно престојувалиште, датум на раѓање и државјанство и својство во органот на управување);

3) опис за видот на услугите и активностите кои ги извршува во смисла на овој закон вклучувајќи доколку истите ги извршува со користење на криптомат/и;

4) податоци за домеинот преку кој давателот на услуги поврзани со виртуелни средства ја извршува професионалната и деловна активност доколку истата ја извршува преку електронска комуникациска мрежа (интернет) и

5) податоци и информации за воспоставени деловни односи со правни субјекти неопходни за вршење на активности на давател на услуги поврзани со виртуелни средства.

Давателите на услуги поврзани со виртуелни средства се должни да ја известат Управата дека вршат активности пропишани со овој закон во рок од 30 дена од денот на регистрацијата во Централниот регистар на Република Северна Македонија, односно 30 дена од денот на започнувањето на давањето на услуги поврзани со виртуелни средства на територија на Република Северна Македонија за даватели на услугите кои не се регистрираат во Централниот регистар на Република Северна Македонија и да му достават податоци, информации и документи од сигурни и независни извори. Доколку се сомнева во точноста на доставените податоци, Управата може во секое време да побара и дополнителни документи, податоци и информации за активностите и услугите на давателот на услуги поврзани со виртуелни средства. Давателите на услуги се должни дополнителните документи, податоци и информации за активностите и услугите поврзани со виртуелни средства да ги достават во рок од десет работни дена од денот на приемот на барањето

Согласно преодните и завршните одредби, одредбите од законот кои се однесуваат  за  новите  субјекти, ќе отпочнат да се применуваат во рок од девет месеци од денот на влегување во сила на овој закон, при што во истиот рок треба да го усогласат своето работење  согласно законот.

Со почит,

Книгоприма Консалтинг

Во Службен весник бр.151/22 од 12.07.2022 година, објавен е новиот Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Согласно образложението на предлагачот на законот – причините за негово донесување, произлегле од потребата за усогласување со европското acquis односно законодавство во областа на борбата против организираниот криминал, односно одредбите од Директива 2018/843 за спречување на користење на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање на тероризам од 2018 година, при што воедно се ревидирале препораките на ФАТФ и последно дополнети во октомври, 2020 година. Во законот биле вградени и решенија во насока на надминување на ризиците идентификувани со Националната проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам усвоена во 2020 година.

Законот ги содржи следните решенија:

-се воведуваат нови дефиниции или се усогласуваат со новите позитивни прописи, а со кои се уредуваат одредени поими кои се употребуваат во законот (финансиски институции, технологија за дистрибуирани записи, виртуелни средства, услуги или активности поврзани со виртуелни средства, кореспондентски однос, пренос на виртуелни средства, високоризични земји, финаснирање на ширење на оружје за масовно уништување итн);

-опсегот на субјектите кои се задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам се редефинира, односно како нови субјекти се воведени: лицата кои тргуваат или дејствуваат као посредници во трговија со уметнички дела, вклучително уметнички галерии или аукциски куќи и давателите на услуги поврзани со виртуелни средства;

-обврските за субјектите кои се однесуваат на идентификација, се доведуваат во линија со 5-та ЕУ Директива и стандардите на ФАТФ;

-за целите на идентификација на клиент – физичко лице покрај употребата на оригинален и важечки документ за идентификација, се предвидува доколку е возможно употреба на средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност согласно закон;

-се прецизираат и усогласуваат со 5-та ЕУ Директива одредбите кои се однесуваат на вистинските сопственици, како и дугите прашања поврзазни со Регистарот на вистински сопственици;

-одредбите кои ги дефинираат засилените мерки на анализа кои субјектите треба да ги применуваат кога постои висок ризик и средно-висок ризик од перење пари или финансирање тероризам, како и случаите кога воспоставуваат прекугранични кореспондентски односи, кога лицето не е физички присутно за целите а идентификација, кога клентот е носител на јавна финкција, кога во деловниот однос или трансакција е вклучена високо ризична држава се прецизираат и усогласуваат со 5-та ЕУ Директива;

-се редефинира пристапот кон непрофитните организации, односно засилените мерки на анализа, субјектите ги применуваат кон непрофитните организации кои се утврдени согласно националната проценка на ризикот, како и според спроведената проценка на ризикот кон определена непрофитна организација;

-се поширува бројот на субјекти кои доставуваат извештаи до Управата, односно давателите на услуги поврзани со виртуелни средства ќе ја известуваат Управата за размена на виртуелни средства и фиат валути или пари во износ од 1.000 евра, како и извршителите за извршени продажби со усно јавно наддавање и договори за продажба со непосредна спогодба со кои се стекнува право на сопственост на имот во вредност над 15.000 евра; -се прецизираат надлежностите на Управата за финансиско разузнавање, како и одредбите за соработката на Управата со други надлежни органи и единици за финансиско разузнавање на други држави;

-дополнително, предложените решенија ги унапредуваат дигитализираните процеси за работа, како и размена на информации и податоци да се одвива по заштитен електронски пат или преку Националната платформа за интероперабилност;

-прекршочните одредби од овој предлог се во согласност со Законот за прекршоци и воведуваат одвратувачки, адекватни и пропорционални казни за непочитување на одредбите од овој закон и др.

Што се однесува на подзаконските акти, законот утврдува дека подзаконските акти донесени согласно Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам („Службен весник на Република Македонија” бр. 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19 и 317/20) продолжуваат да се применуваат до денот на донесувањето на подзаконските акти утврдени со овој закон. Додека подзаконските акти утврдени со овој закон ќе се донесат во рок од 15 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Во следните објави на нашиот блог, подетално ќе бидат објавени одредбите на новиот закон.

Со почит,

Книгоприма Консалтинг

Во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.150/22 од 01.07.2022 година објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија.

Се изменува член 25 став 1 и став 4 од Законот со кои се утврдува дека трговија на големо и трговија на мало не може да се вршат во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови согласно со член 2 од Законот за празниците на РМ.

Со измените од став 5 од истиот член, се определуваат исклучоците кога може да се врши трговија на мало во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови, при што се утвдува дека тоа се однесува на:

во продавници,  киосци  и  штандови  во туристички  места  утврдени  со  Законот за туристичка дејност;

на бензинските станици и во продавниците  на  бензинските  станици  во  чии рамки се врши трговија на мало;

во  трговски  центри  (молови)  кои  ги  исполнуваат минимално  техничките  услови  согласно  согласно со закон;

во слободните царински продавници;

на  штандови  и  киосци  каде  што  се  продава  добра  за  време  на  спортски  настани,  фестивали  и  манифестации,  саеми  и за  време  на  јавната  проекција  на  кине‐матографски дела;

во  продавници  за  трговија  на  мало  со храна  (без  зеленчук  и  овошје),  пијалоци и  тутун во  кои  трговијата  се врши  лично само од сопственикот на продавницата и

на зелени пазари и на цветни пазари.

Се изменува и став 8 од истиот член во кој се утврдува обврска за бензиските станици и трговските центри – молови од претходниот став , да плаќаат надоместок во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната  година  за  работа  во  недела  и  на празници при што средствата да се инвестираат во Фондот за развој и човечки капитал согласно со закон.

Со измените на став 9 од истиот член се утврдува дека за  продавниците  на  бензинските  станици  за  остварен  приход се смета вкупниот приход остварен од  трговија  на  мало,  без  приходот  остварен  од продажбата на моторни горива (нафтени деривати).

Исто така се изменува и став 13 од истиот член 25, во однос на работното време на дел трговците наведени во став 5 и тоа:

продавници,  киосци  и  штандови  во  туристички места утврдени со Законот за туристичка дејност може  да  работат  од  08:00  до 22:00 часот;

бензинските  станици  и  во  продавниците  на бензинските  станици  во  чии  рамки  се врши трговија на мало и слободни царински  продавници,  може  да  работат од 00:00 до 24:00 часот;

продавници  за  трговија  на  мало  со  храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата, може да работат  во  периодот  од  осум  часа,  што самите ќе  го утврдат.

Во однос на тоа кои меса претставуваат туристички места, треба да се има во предвид известувањето од Министерство за економија согласно кое:

,, Bo Република Северна Македонија се присутни скоро сите услови како фактори за развој на туризмот. Како најзначајни туристички места се сметаат:

Езерски туристички места

Езерски туристички места во Република Северна Македонија се Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Тие имаат чиста и релативно топла вода, пријатна за капење. Покрај нив се изградени поголем број туристички објекти (хотели, мотели и ресторани). Охрид, Струга, Дојран и Преспа.

Планински туристички места

Планински туристички места во Република Северна Македонија има повеќе. Најпривлечни и најразвиени се: Попова Шапка на Шар Планина, Маврово на Бистра, Нижеполе и Копанки на Пелистер, Крушево на Бушева Планина и Пониква на Осоговските Планини.

Тие имаат услови за летен рекреативен, зимско‐спортски и за ловен туризам. Во некои од нив се присутни карактеристични населби како што се: Галичник кој е познат по манифестацијата  Галичка  свадба,  Крушево  како  највисок  град  на  Балканот,  со мошне  пријатна клима, Маврово како комбиниран зимско‐спортски и езерски центар.

Рурален и алтернативен туризам

Според „(WTO),, Светска туристичка организација Поимот „Рурален Туризам,, се користи тогаш кога руралната култура е клучна компонента на производот и понудата на дестинацијата. Како издвоени примери за развиен рурален туризам во Република Северна Македонија можат да се наведат: Берово, Брајчино и Вевчани.

Скопје како туристичка дестинација

Имајќи предвид дека Скопје е главна туристичка. дестинација согласно бројот на туристи во Република Северна Македонија како најатрактивни туристички места во Скопје може да се одвојат: Старата Скопска Чаршија, Скопскиот плоштад, Кањонот Матка, и Скопското Кале.

Стари чаршии како туристичка атракција

Имајќи предвид дека во Република Северна Македонија речиси во сите поголеми градови имаат чаршии кои се атрактивни како за домашни така и за странски туристи може да се одвојат за најзначајни и тоа: Старата Скопска Чаршија, Охридската, Струшката, Битолската и Прилепската Чаршија’’.