Управата за јавни приходи известува дека согласно измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на РСМ“ бр. 267/20), објавени се Правилникот за формата и содржината на даночната пријава на данокот на додадена вредност (,,Сл.весник на РСМ’’ бр.315/20) и Правилникот за формата и содржината на извештајот за извршените промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот, како и за формата и содржината на извештајот за примени промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник примател на прометот (,,Сл.весник на РСМ’’ бр.315/20).
Нов образец ДДВ-04
Согласно подзаконките акти се воведува нов Образец ДДВ – 04 кој веќе е достапен на е-Даноци почнувајќи од 04.01.2021 година.
Пријавата за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-04) за даночните периоди од 01.10-31.12.2020 година и 01.12-31.12.2020 година, даночните обврзници треба да ја поднесат најдоцна до 25.01.2021 година, на новиот образец ДДВ-04.
Исправка на Пријава за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-04) се поднесува на стар образец ДДВ-04 за даночни периоди:
–заклучно со 30.09.2020 година за тримесечните ДДВ обврзници,
–заклучно со 30.11.2020 година за месечните ДДВ обврзници.
Во новиот образец ДДВ-04 (http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/190) имплементирано е ново поле „32 – Отстапување на побарување“ преку кое даночните обврзници кои имаат намера да го отстапат побарувањето за ДДВ, за намирување на даночен долг на друг даночен обврзник преку преземање на долгот во нотарски заверена изјава (даночен гарант), потребно е да го означат со “X“ полето 32, а истовремено да го означат со “X“ полето 31 во образецот ДДВ-04.
Постапката за намирување на долг со даночен гарант останува иста, даночните обврзници во рок од 5 дена треба да поднесат Барање до належната РД со прилог потребни документи.
Барањето за отстапување на разликата на данок може да се искаже во даночната пријава само доколку даночниот обврзник нема долгови по основ на други јавни давачки.
Извештај за примените промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник примателот на прометот (образец ДДВ-ИПДО/П)
Даночниот обврзник кој прима промети на добра и услуги, за кој е даночен должник согласно член 32-а и член 41-б од Законот за данокот на додадена вредност, има обврска да изготви Извештај за примените промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обрзник примателот на прометот (http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/232).
Извештајот се доставува со пријавата ДДВ-04, за прометите извршени во соодветниот даночен период за кој се однесува ДДВ-пријавата по електронски пат преку http://etax.ujp.gov.mk.
Усогласување на фискалните уреди со новата повластена даночна стапка
Даночните обврзници кои користат фискален систем на опрема и согласно измените во Законот за додадена вредност пресметуваат ДДВ според повластената даночна стапка од 10% треба да ги усогласат фискалните уреди со новата даночна стапка и истата да ја применуваат од 01.01.2021 година.