Регистарот на вистински сопственици е пуштен во употреба. Од 27.01.2021 година почнува да тече рокот од 90 дена за пријавување на податоците за вистинските сопственици во Регистарот на вистински сопственици. Уписот во законскиот рок е без надомест.
Предмет на упис во регистарот се вистинските (крајните сопственици) на субјектите на упис.
„Вистински сопственик” е секое физичко лице (лица) кое е краен сопственик на субјектот или го контролира субјектот и/или физичко лице (лица) во чие име и за чија сметка се извршува трансакција. Поимот вклучува и физичко лице (лица) кое врши крајна и ефективна контрола над правно лице или странски правен аранжман.
За точноста, адекватноста и ажурноста на податоците внесени во Регистарот се одговорни овластените лица на правните субјекти, а уписот се спроведува единствено електронски, преку интернет, при што подносителите се идентификуваат и пријавите се потпишуваат со електронски потпис. Овластените лица уписот може да го спроведуваат самостојно или пак да овластат друго лице да поднесе пријава во нивно име.
Во Регистарот се внесуваат податоци за сите постоечки субјекти иницијално, како и за сите настанати промени во сопственичката структура на субјектите. Сите уписи кои ќе се спроведуваат во законските рокови се спроведуваат без надомест (8 дена од денот на основањето на субјектот и 8 дена од денот на промената на вистинскиот сопственик).
Регистрирањето на вистинските сопственици е утврдено во Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, кој е усогласен со ЕУ-директивите.
Новата Одлука за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност е објавена во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.316/2020 и истата ќе се применува од 1 јануари 2021 година.
Одлуката е усогласена со измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност (,,Службен весник на РСМ’’ број 267/20) со кои се воведе повластена ДДВ стапка од 5% за одделни видови на занаетчиски услуги и нова ДДВ стапка од 10% на услугите на предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци.
Согласно одлуката, повластената ДДВ стапка од 5% се применува на занаетчиски услуги коишто се вршат од страна на занаетчии коишто се запишани во занаетчиски регистар согласно со Законот за занаетчиство, и тоа:
a) поправка на:
– велосипеди,
– чевли и производи од кожа,
– облека и постелнина за домаќинството (вклучувајќи крпење и прекројување) и
б) фризерски услуги.
Додека повластената стапка на ДДВ од 10% се применува на услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци. За ресторански и за кетеринг услуги се смета давањето на приготвена или неприготвена храна за човечка исхрана и послужување на безалкохолни пијалаци, со исклучок на послужување на алкохолни пијалаци, придружени со дополнителни услуги со цел да се овозможи нивно непосредно конзумирање. Испораката на храна и послужување на безалкохолни пијалаци, со исклучок на послужување на алкохолни пијалаци претставува само една компонента од севкупната понуда, при што преовладува прометот на услуги. Ресторанска услуга е вршење на промет на такви услуги во просториите на давателот на услугата и простор кој е непосредно или посредно поврзан со просториите на давателот на услугата, а услуга за кетеринг е вршењето на промет на такви услуги надвор од просториите на давателот на услугата. Испорака на приготвена или неприготвена храна и безалкохолни пијалаци, со или без превоз, но без други придружни услуги, не се смета за ресторанска или кетеринг услуга во смисла на овој став.
Управата за јавни приходи известува дека согласно измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на РСМ“ бр. 267/20), објавени се Правилникот за формата и содржината на даночната пријава на данокот на додадена вредност (,,Сл.весник на РСМ’’ бр.315/20) и Правилникот за формата и содржината на извештајот за извршените промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот, како и за формата и содржината на извештајот за примени промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник примател на прометот (,,Сл.весник на РСМ’’ бр.315/20).
Нов образец ДДВ-04
Согласно подзаконките акти се воведува нов Образец ДДВ – 04 кој веќе е достапен на е-Даноци почнувајќи од 04.01.2021 година.
Пријавата за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-04) за даночните периоди од 01.10-31.12.2020 година и 01.12-31.12.2020 година, даночните обврзници треба да ја поднесат најдоцна до 25.01.2021 година, на новиот образец ДДВ-04.
Исправка на Пријава за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-04) се поднесува на стар образец ДДВ-04 за даночни периоди:
–заклучно со 30.09.2020 година за тримесечните ДДВ обврзници,
–заклучно со 30.11.2020 година за месечните ДДВ обврзници.
Во новиот образец ДДВ-04 (http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/190) имплементирано е ново поле „32 – Отстапување на побарување“ преку кое даночните обврзници кои имаат намера да го отстапат побарувањето за ДДВ, за намирување на даночен долг на друг даночен обврзник преку преземање на долгот во нотарски заверена изјава (даночен гарант), потребно е да го означат со “X“ полето 32, а истовремено да го означат со “X“ полето 31 во образецот ДДВ-04.
Постапката за намирување на долг со даночен гарант останува иста, даночните обврзници во рок од 5 дена треба да поднесат Барање до належната РД со прилог потребни документи.
Барањето за отстапување на разликата на данок може да се искаже во даночната пријава само доколку даночниот обврзник нема долгови по основ на други јавни давачки.
Извештај за примените промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник примателот на прометот (образец ДДВ-ИПДО/П)
Даночниот обврзник кој прима промети на добра и услуги, за кој е даночен должник согласно член 32-а и член 41-б од Законот за данокот на додадена вредност, има обврска да изготви Извештај за примените промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обрзник примателот на прометот (http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/232).
Извештајот се доставува со пријавата ДДВ-04, за прометите извршени во соодветниот даночен период за кој се однесува ДДВ-пријавата по електронски пат преку http://etax.ujp.gov.mk.
Усогласување на фискалните уреди со новата повластена даночна стапка
Даночните обврзници кои користат фискален систем на опрема и согласно измените во Законот за додадена вредност пресметуваат ДДВ според повластената даночна стапка од 10% треба да ги усогласат фискалните уреди со новата даночна стапка и истата да ја применуваат од 01.01.2021 година.
Народната банка на Република Северна Македонија, согласно одредбите на Законот за облигационите односи и Одлуката за референтната стапка за пресметување на стапката на казнената камата, донесе објава со која утврди дека референтната стапка за пресметување на стапката на казнената камата, за периодот од 1 јануари 2021 година до 30 јуни 2021 година, изнесува 1,50%.
Всушност референтната стапка останува иста како во претходното полугодие.
За долг во денари, во облигационите односи помеѓу правните лица стапката е 11.50%, додека во облигационите односи во кои барем едно лице е физичко лице е 9,50%.
Додека, за долг во странска валута, во облигационите односи помеѓу правните лица стапката е 9,446%, додека во облигационите односи во кои барем едно лице е физичко лице е 7,446%.
Правилникот за изменување на Правилникот за техничките и функционалните карактеристики на интегрираниот автоматски систем за управување, образецот на фискалната сметка, образец на фискално лого, документот касова сметка за сторна трансакција, формата и содржината на книгата за дневни финансиски извештаи, начинот за одобрување и продолжување на дозволата на производството и продажбата на соодветен модел на фискална апаратура, односно интегриран автоматски систем на управување, начинот на одземање на дозволата за одобрување на производството и продажбата на соодветен модел на фискална апаратура, односно интегриран автоматски систем на управување, функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегрираниот автоматски систем за управување, постапката и документацијата за нивно одобрување за производство и продажба, елементите на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правилата за техничко одржување и сервисирање на истите, формата и содржината на барањето за добивање овластување за вршење на контрола и проверка на функционалните и техничките карактеристики на фискалниот систем на опрема и потребната документација е објавен во ,,Службен весник на РСМ’’ бр.315/2020.
Со измените се утврдува дека означувањето на даночните стапки во фискалните апарати се врши со алфа кодови А, Б, В и Г на следниот начин:
– ознака „А” за добра и услуги кои се оданочуваат со општа даночна стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ);
– ознака „Б” за добра и услуги кои се оданочуваат со повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 5%;
– ознака „В” за добра и услуги кои се оданочуваат со повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 10% и
– ознака „Г” за добра и услуги кои се ослободени од данокот на додадена вредност (ДДВ) и за извршениот промет на добра и услуги од даночни обврзници кои не се регистрирани за целите на данокот на додадена вредност (ДДВ).
За евидентирање на прометот кој се оданочува со повластена стапка на данокот на додадена вредност од 10% се користи ознаката „В“ со вршење на промена на даночната стапка во фискалниот систем на опрема, со денот на отпочнување на примена на членот 30-а од Законот за данокот на додадена вредност.
За евидентирање на прометот на добра и услуги кој е ослободен од данокот на додадена вредност, за што до денот на влегувањето во сила на овој правилник се користи ознаката „В”, од 1 јули 2021 година, ќе се користи ознаката „Г“, преку надградба на софтверот на фискалните системи на опрема.
За евидентирање на прометот од даночни обврзници кои се регистрирани за целите на данокот на додадена вредност, а до денот на влегувањето во сила на овој правилник регистрираат само промет со општа даночна стапка на данокот на додадена вредност и повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност од 5%, најдоцна од 1 јануари 2022 година со ознаката „В” ќе се означува даночната стапка од 10%, преку промена на даночната стапка во фискалниот систем на опрема.
За евидентирање на прометот од даночните обврзници кои не се регистрирани за целите на данокот на додадена вредност кои до денот на влегувањето во сила на овој правилник ја користеле ознаката „Г” продолжуваат да ги користат постојните фискални системи на опрема.