...

Општи услови
за вршење на сметководствени работи

Општи одредби

Член 1

Општите услови за вршење на сметководствени работи ги утврдува Друштвото за сметководствени работи и ги објавува на својата интернет страница http://www.knigoprima.com.mk

Договорните страни можат да ги менуваат и дополнуваат Општите услови за вршење на сметководствени работи исклучиво врз основа на меѓусебна согласност, во рамките на Договорот за сметководствени работи, односно Анекс кон Договорот, кој претставува негов составен дел.

Измените и дополнувањата на Општите услови, Друштвото за сметководствени работи ги објавува на својата службена интернет страница http://www.knigoprima.com.mk

Општите услови за вршење на сметководствени работи (во натамошниот текст: Општи/те услови) претставуваат составен дел на Договорот за вршење на сметководствени работи (во натамошниот текст: Договор за сметководствени работи) склучен помеѓу:

1. Друштвото за вршење на сметководствени работи „Книгоприма Консалтинг“ ДООЕЛ – Скопје со седиште на ул. „Ѓорче Петров бр. 1 Порта Влае Б-1 локал 4“, во натамошен текст (Друштво за сметководствени работи), од една страна,

2. ____________________________________ натамошниот текст: Kлиент), од друга страна.

Со Општите услови за вршење на сметководствени работи се уредуваат општи прашања и нормативни основи кои не се детално регулирани со Договорот за сметководствени работи и евентуалните анекси на овој Договор.

Права и обврски
на Друштвото за сметководствени работи и на Клиентот

Член 2

Основните меѓусебни права, обврски и одговорности меѓу Друштвото за сметководствени работи и Клиентот се уредени со Договорот за сметководствени работи. Ангажманот на Друштвото за сметководствени работи не може да отпочне пред потпишување на Договорот за сметководствени работи помеѓу договорените страни.

Изготвувањето и усвојувањето на избраните сметководствени политики претставуваат обврска и одговорност на Клиентот. Сметководствените политики може да ги изготви и Друштвото за сметководствени работи, како посебен ангажман и по цена која ќе биде договорена со Клиентот. Без презентирање на усвоените сметководствени политики од страна на Клиентот (во хартиена форма или електронски) не може да отпочне ангажманот на Друштвото за сметководствени работи.

Друштвото за сметководствени работи сметководството го води во согласност со прописите и стандардите од областа на сметководството и на начин кој овозможува стручно трето лице во соодветен рок да стекне преглед над работењето на Клиентот и деловните дејствија за нивното настанување, развој и завршување. Евиденцијата, вклучувајќи ја и онаа во електронска форма Друштвото за сметководствени работи ја врши целосно, точно, навремено, веродостојно и уредно, согласно со доставената изворна документација од страна на Клиентот.

Готовинскиот промет на Клиентот, Друштвото за сметководствени работи го бележи континуирано – по редослед на неговото настанување, секојдневно.

Книжењето и друго евидентирање, вклучувајќи ја и евиденцијата во електронска форма, Друштвото за сметководствени работи не ја менува на начин што првобитната содржина повеќе не може да се утврди. Друштвото за сметководствени работи не врши измени во евиденцијата на Клиентот кои би го направиле неизвесно утврдувањето на времето на нивното спроведување – претходно или дополнително.

Деловните книги и другите евиденции на Клиентот во секое време достапни се за сите заинтересирани во земјата. Деловните книги и другите евиденции се изработуваат на јазик кој е службен во Република Северна Македонија, а по барање на клиентот и на јазикот кој за нив е разбирлив.

Изготвувањето на пописот претставува обврска и одговорност на Клиентот.

Чувањето на деловни книги и евиденции е обврска на Клиентот. Рокот за чување почнува да тече со крајот на календарската година на последната спроведена евиденција.

Трајно се чуваат:

– годишните сметки (биланс на состојба и биланс на успех)

– финансиските извештаи (биланс на состојба, биланс на успех, извештај за промените во главнината, извештај за паричните текови, применетите сметководствени политики и други објаснувачки белешки подготвени во согласност со меѓународните сметководствени стандарди и меѓународните стандарди за финансиско известување) и

– документите за пресметка на плати.

Десет години се чуваат:

–         трговски книги, сметководствени документи, записи, пописи и друга сметководствена документација во врска со ентитетот и

–              сметки за книжење.

Пет години се чуваат:

– документите за дневниот готовински промет и  останатите документи поврзани со готовинско работење, кои претходно не се споменати.

Електронската пошта е водечки медиум за редовна кореспонденција меѓу Друштвото за сметководствени работи и Клиентот. Друштвото за сметководствени работи обезбедува начин за чување на електронската кореспонденција во траење од најмалку 5 години, односно до датумот на откажување на Договорот за сметководствени работи утврден согласно со членот 5 на Општите услови, кога документите, извештатите и другите докази записнички се предаваат на Клиентот. Поради објективната можност од губење на електронската кореспонденција и Клиентот обезбедува начин за чување на електронската кореспонденција во траење од најмалку 5 години, односно до датумот на откажување на Договорот за сметководствени работи и истекувањето на договорениот отказен рок од членот 5 на Општите услови. Страната која ја изгубила меѓусебната електронска кореспонденција ќе може да ја преземе кореспонденцијата од другата страна, без надомест. Оваа можност престанува по откажувањето на Договорот за сметководствени работи и истекувањето на договорениот отказен рок од членот 5 на Општите услови, кога се врши и примопредавање на електронската кореспонденција поврзана со вршењето на сметководствените работи.

При меѓусебно физичко примопредавање на сметководствени и други документи, пари или други вредности, Клиентот и Друштвото за сметководствени работи треба да обезбедат писмен доказ за извршената испорака/прием. Договорната страна која ќе изврши испорака е должна да го чува доказот за физичкото предавање на предметот во тековната година и наредната календарска година (сметајќи од 1 јануари до 31 декември наредната година), односно до датумот на откажување на Договорот за сметководствени работи утврден согласно со членот 5 на Општите услови, кога документите, извештатите и другите докази записнички се предаваат на другата страна.

Контрола и ликвидатура на сметководствените документи, пари и други вредности врши Клиентот преку својот законски застапник, односно од него овластеното лице, назначено во Договорот за сметководствени работи, кое може да биде одговорно за контрола на сите или само на одредени видови на сметководствени документи, пари и други вредности. Сите формални и материјални неточности на сметководствените документи, прекршувањето и неприменувањето на материјалните законски одредби, пробивањето на роковите, како и непочитувањето на условите и пропишаните начини, правила и процедури, кои се направени по вина на Клиентот, не ја активираат одговорноста на Друштвото за сметководствени работи.

Листата на побарувања на Клиентот (ненаплатени побарувања), ја составува Друштвото за сметководствени работи врз основа на аналитички картички на должниците на Клиентот. Постапката на размена на списоци (прегледи, ИОС-и и сл.), телефонски и други контакти, коресподенција со должниците, усогласувања на салдата и сета останата службена преписка претставува обврска на Клиентот (освен ако не е договорено со договорот за сметководствени работи). Друштвото за сметководствени работи, на своја иницијатива не врши затворање на отворени ставки во аналитичката евиденција на Клиентот. Тоа претставува обврска и одговорност на Клиентот. Ваквата обврска и одговорност на Клиентот се однесува и на случаите кога се исполнети законските услови за вредносно усогласување (отпишување) на побарувањета, залихите и сл. средства, односно обврски, поради исполнетите законски услови – застареност на побарувањата / обврските, истечен рок на употреба на залихите и сл. Клиентот го известува Друштвото за сметководствени работи за затворањето на отворените ставки во аналитичката евиденција. Друштвото за сметководствени работи врз основа на примениот Извештај за аналитичката евиденција и салдата на побарувањата на должниците на Клиентот (ненаплатени побарувања) и спроведува соодветна синтетичка евиденција.

За место на вршење на сметководствените работи (локација) се смета седиштето на деловните простории на Клиентот, додека просториите на Друштвото за сметководствени работи се само место за пооделни фази на обработката на податоци, заради што чувањето на документацијата, деловните (трговски) книги, годишните сметки и финансиските извештаи во целост претставува одговорност на Клиентот. Клиентот само привремено доставува документација во просториите на Друштвото за сметководствени работи заради обработка, внес на податоци или записи, односно заради евиденција (книжење), после што Друштвото за сметководствени работи е должно најдоцна во рок од 75 дена по истекот на годината, да ги врати документите во целост, заедно со целосната сметководствена евиденција, заради нејзино чување во деловните простории на Клиентот.

За начинот, местото и лицата одговорни за чување на документацијата одлучува Клиентот.

Клиентот може да ги процесира документите, и истите да ги достави до Друштвото за сметководствени работи по електронски пат, во форма на датотеки погодни за обработка и за вчитување во сметководствената програма (сметководствен софтвер) на Друштвото за сметководствени работи или во форма на скенирани документи доставени по маил. Маиловите за комуникација се официјалните запишани во Централниот регистар и тековната состојба кај договорените страни. Во сите вакви случаи Клиентот е одговорен за точноста и веродостојноста на така доставената документација. Клиентот има обврска да го провери приемот на документите од страна на Друштвото за сметководствени работи и за тоа да обезбеди соодветен доказ (по електронски пат или на друг начин).

Клиентот има право и должност континуирано или повремено, самостојно или преку стручно лице да врши контрола и ревизија на вршењето на сметководствените работи, односно на водењето на трговските (деловните) книги. Клиентот презема посебна обврска да врши ваква контрола, односно ревизија за составувањето на месечна, квартална или годишна пресметка на данокот на додадена вредност, како и на изготвувањето на годишната сметка и финансиските извештаи и на Годишни даночни пријави. Друштвото за сметководствени работи може да ја одложи контролата на Клиентот поради оправдани причини (присуство на надворешна контрола, болест на овластеното лице и сл.).

Друштвото за сметководствени работи нема да толерира и да подржува било какво плаќање од страна на Клиентот или негов деловен партнер или пак од страна на трето лице кое по природа претставува подмитување, подметнување или ополномоштување за трансакции (надвор од редовното договорно работење) заради обезбедување на постигнување на недозволени цели во корист на Клиентот.

Цени на услугите

Член 3

Цените на услугите, роковите и условите за плаќање, како и обезбедувањето на плаќањата се дефинираат со Договорот за сметководствени работи, неговите Анекси во согласност со Ценовникот за вршење на сметководствени работи на Друштвото за сметководствени работи (во натамошниот текст: Ценовник), кој е посебен документ и е составен дел на Договорот за сметководствени работи.

Цените на услугите наведени во Ценовникот на Друштвото за сметководствени работи за Клиентот имаат информативен каратер, а минималните износи претставуваат загарантиран износ под кој не може да се утврди цената во рамки на Договорот за сметководствени работи. За Клиентот се меродавни цените наведени во Договорот за сметководствени работи и Анексите кон Договорот и истите може да се менуваат само со Анекс на Договорот за сметководствени работи. Новите цени на услугите наведени во Ценовникот, се применуваат во рок од 8 (осум) дена од денот на склучување на Анекс кон Договорот за сметководствени работи.

Ограничување на одговорноста на Друштвото за сметководствени работи

Член 4

Друштвото за сметководствени работи е одговорно за евентуалната штета што ќе ја претрпи Клиентот по вина на Друштвото за сметководствени работи, на начин утврден согласно со Законот за облигационите односи.

Друштвото за сметководствени работи не е одговорно за било каква штета што ќе настане како резултат на непочитување на законските и договорните рокови за доставување на документацијата или на други потребни податоци или информации кои ќе го доведат Друштвото за сметководствени работи во ситуација својот ангажман да го извршува во непримерно кратки рокови.

Друштвото за сметководствени работи не одговора за евентуална штета која ќе произлезе од ситуација во која Друштвото за сметководствени работи постапува во согласност со ставовите на стручната јавност или дел на стручната јавност, кога се работи за примена на прописите кои се недоволно прецизни заради што во праксата се јавуваат различни толкувања и постапувања во врска со таквите прописи.

При вршењето на курирски услуги (достава) сите ризици за транспорт и ракување со пари, документи и други вредности паѓаат на товар на Клиентот, освен во ситуациите кога ќе се утврди дека Друштвото за сметководствени работи постапувало со крајно невнимание (небрежност). Евентуалното осигурување на парите и другите вредности при транспорт и ракување (манипулација) претставува обврска на Клиентот.

Во услови на извршување на електронско плаќање, Друштвото за сметководствени работи не одговора за евентуалната штета што ќе настане заради прекин на интернет комуникацијата, телефонските врски, недостапноста на сервисот на кабелскиот оператор и на сличните сервиси кои не се под контрола на Друштвото за сметководствени работи.

Во сите случаи, евентуалната штета за која Друштвото за сметководствени работи може да одговара пред Клиентот не може да биде поголема од вкупниот износ кој Клиентот го платил за услугите во последните три месеци кои претходат на датумот на настанувањето на евентуалниот штетен настан.

За вршењето на сметководствени работи, Друштвото за сметководствени работи склучува договор за годишно осигурување со осигурително друштво. Евентуално настанатиот штетен настан најпрво се покрива од полисата издадена од осигурителното друштво, согласно со одредбите на договорот за осигурување.

Откажување на Договорот за сметководствени работи

Член 5

Билатералниот отказен рок за раскинување на договорниот однос помеѓу Друштвото за сметководствени работи и Клиентот е 30 (триесет) календарски дена, од денот кога едната договорна страна и предала писмено известување за раскинување на договорот на другата договорна страна и тоа по пошта со потврда за прием на пратка или со писмена достава на адреса-седиште на една од договорените страни.

По истекувањето на отказниот рок, во рок од наредните 8 (осум) календарски дена Друштвото за сметководствени работи е должно да ја предаде, а Клиентот мора да ја превземе својата документација која во тој момент ќе се затекне кај Друштвото за сметководствени работи. Ако Клиентот не ја превземе својата документација, му плаќа на Друштвото за сметководствени работи надомест за чување и архивирање на документацијата согласно со Ценовникот. Таквата документација, Друштвото за сметководствени работи ја чува најмногу 60 (шеесет) дена, после што истата може да ја отстрани без никаква одговорност за евентуалните штетни последици што може да настанат за Клиентот.

 

Друштвото за сметководствени работи привремено може да прекине дел или целокупното вршење на сметководствени работи за Клиентот или трајно да го раскине Договорот за сметководствени работи, доколку Клиентот доцни со плаќање на своите обврски кон Друштвото за сметководствени работи повеќе од 60 (шеесет) календарски денови. За привременото прекинување на вршењето на сметководствените услуги, Друштвото за сметководствени работи не е должно писмено да го извести Клиентот, туку се подразбира дека по истекот на триесетиот календарски ден на доцнење на плаќањето сите услуги се запрени од извршување. За трајното раскинување на Договорот, Друштвото за сметководствени работи е должно да го извести Клиентот во писмена форма. Известувањето за трајното раскинување на Договорот за сметководствени работи може да биде условено, со наведување на датумот до кој треба да се изврши плаќањето на долгот од страна на Клиентот, и ако плаќањето не се изврши до тој рок тогаш ќе настапи трајно раскинување на договорот.

Договорните страни можат да склучат Договор за сметководствени работи со извршна клаузула, солемнизиран кај нотар, со што истиот би стекнал сила на извршна исправа.

Решавање на спорови

Член 6

Евентуалните спорови кои произлегуваат од Договорот за сметководствени работи, неговите Анекси, Ценовникот или овие Општи услови, договорните страни се обврзуваат да се обидат да ги решат спогодбено или преку медијатор, арбитража (медијација). Страната која е незадоволна од текот на мирното решавање или од одлуката на арбитражата на спорот можат да иницираат судска постапка.

Други одредби

Член 7

Клиентот е должен до Друштвото за сметководствени работи да ги достави сите информации во врска со промена на податоците кои се наведени во Договорот за сметководствени работи и Анексите, вклучувајќи и информации за менување на телефонски броеви и официјалната маил адреса.

Друштвото за сметководствени работи не смее договорените работи да ги отстапи на друго Друштво за сметководствени работи. Клиентот, после откажувањето на Договорот за сметководствени работи, вршењето на сметководствените работи може да му ги довери на друг субјект за вршење на сметководствени работи.

Циркуларните писма (известувања) кои Друштвото за сметководствени работи ги составува и ги доставува до Клиентот преку неговото електронско сандаче и кои истовремено ги истакнува на својата интернет страница, доколку содржат упатства и налози за однесување на Клиентот во одредени ситуации, имаат сила на утврдување на нов (изменет) Општ услов, и со нив се усогласуваат Договорот за сметководствени работи и неговите Анекси.

Се смета дека Клиентот е информиран за содржината на циркуларното писмо следниот ден од денот на доставување или обидот за доставување на писмото преку испорака или обид за испорака на писма по е-пошта на е-маил адресата, наведена во Договорот за сметководствени работи и Анексите, односно наредниот ден од денот на истекнувањето на циркуларното писмо на интернет страницата на Друштвото за сметководствени работи, http://www.knigoprima.com.mk. Евентуалните обврски за договорните страни стануваат полноважни најдоцна во рок од 8 (осум) календраски дена, во кој период треба да се потпишат измените на Договорот.

 

Клиент                                                                                                                             Друштво за сметководствени работи

___________________                                                                                                         ___________________________

 

*   *   *

Друштвото за сметководствени работи, односно сметководителот и/или овластениот сметководител кој работи во Друштвото за сметководствени работи е должен да ги заштити личните податоци кои ги дознал во текот на вршењето на сметководствените работи согласно со Законот за заштита на личните податоци, како и да ја чува класифицираната информација со соодветен степен на тајност која ја дознал во текот на вршењето на сметководствените работи согласно со Законот за класифицирани информации.

Дивизија 1:
Заштита на личните податоци

Друштвото за сметководствени работи и вработените лица во друштвото, вклучувајќи го/ги и сметководител-от/ите и/или овластени-от/те сметководител/и кој/кои работ-и/ат во Друштвото за сметководствени работи имаат обврска да ги заштитат личните податоци кои ги дознале во текот на вршењето на сметководствените работи. Заштитата на личните податоци се врши согласно со одредбите на Законот за заштита на личните податоци. Со прописите за заштита на личните податоци е уредена заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правата на приватност во врска со обработката на лични податоци.

Дефиниции

Личен податок“е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува (субјект на лични податоци), а физичко лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на идентификатор како што се име и презиме, матичен број на граѓанинот, податоци за локација, идентификатор преку интернет, или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, генетски, ментален, економски, културен или социјален идентитет на тоа физичко лице.

Корисник” е Друштвото за сметководствени работи на кое му се откриваат податоците.

Друштвото за сметководствени работи заштитата на личните податоци ја гарантира на секое физичко лице без дискриминација заснована врз неговата националност, раса, боја на кожата, верски уверувања, етничка припадност, пол, јазик, политички или други верувања, материјална положба, потекло по раѓање, образование, социјално потекло, државјанство, место или вид на престој или кои било други лични карактеристики.

Контролор“ е Друштвото за сметководствени работи кое самостојно или заедно со други ги утврдува целите и начинот на обработка на личните податоци.

Обработка на личните податоци

Личните податоци се:

–              обработуваат согласно со закон, во доволна мера и на транспарентен начин во однос на субјектот на личните податоци („законитост, правичност и транспарентност“),

– собираат за конкретни, јасни и легитимни цели и нема да се обработуваат на начин што не е во согласност со тие цели („ограничување на целите“),

– соодветни, релевантни и ограничени на она што е неопходно во однос на целите заради кои се обработуваат („минимален обем на податоци“),

– точни и каде што е потребно ажурирани, при што ќе се преземат сите соодветни мерки за навремено бришење или коригирање на податоците што се неточни или нецелосни, имајќи ги предвид целите заради кои биле обработени („точност“),

– чувани во форма која овозможува идентификација на субјектите на личните податоци, не подолго од она што е потребно за целите поради кои се обработуваат личните податоци(„ограничување на рокот на чување“),

– обработени на начин кој обезбедува соодветно ниво на безбедност на личните податоци, вклучувајќи заштита од неовластена или незаконска обработка, како и нивно случајно губење, уништување или оштетување, со примена на соодветни технички или организациски мерки („интегритет и доверливост“)

За квалитетот на личните податоци е одговорно Друштвото за сметководствени работи.

Процедури за пристап до електронската база (програма)
на Друштвото за сметководствени работи

Пристапот на вработените во Друштвото за сметководствени работи до електронската база на податоци генерирана во функција на вршење на сметководствените работи за Клиентот, односно поединечниот влез во сметководствената програма која се користи како платформа за сметководствена евиденција и генерирање на извештаи се врши со поединечна лозинка за секој вработен. Три пати погрешно внесената лозинка го оневозможува повторното влегување во базата односно програмата од компјутерското место од кое се направени неуспешните обиди.

Обработка на посебни категории на лични податоци

Забранета е обработка на посебните категории на лични податоци.

Посебни категории на лични податоци“се лични податоци кои откриваат расно или етничко потекло, политички ставови, верски или филозофски убедувања или членство во синдикални организации, како и генетски податоци, биометриски податоци, податоци што се однесуваат на здравјето или податоци за сексуалниот живот или сексуалната ориентација на физичкото лице.

По исклучок, обработка на посебните категории на лични податоци може да се врши ако:

– субјектот на лични податоци дал изречна согласност за обработка на тие лични податоци за една или повеќе конкретни цели, освен кога со закон е предвидено дека забраната не може да се отповика од субјектот на личните податоци;

– обработката е неопходна за целите на извршување на обврските и остварувањето на посебните права на Друштвото за вршење на сметководствени работи или на субјектот на личните податоци во областа на вработувањето и социјалната сигурност и во прописите за социјална заштита, доколку тоа е дозволено со закон или колективен договор, во кои се предвидуваат соодветни мерки за заштита на фундаменталните права и интереси на субјектот на лични податоци;

– обработката е неопходна за заштита на суштинските интереси на субјектот на личните податоци или на друго физичко лице, кога субјектот на личните податоци физички или правно не е во можност да ја даде својата согласност;

– обработката се извршува во рамките на легитимните активности со соодветни заштитни мерки од одредена фондација, здружение или некоја друга непрофитна организација со политичка, филозофска, религиозна или синдикална цел и под услов обработката да се однесува само на членови на овие организации или на нивни поранешни членови или на лица кои имаат редовни контакти со нив во врска со нивните цели и под услов личните податоци да не се откриваат надвор од таа организација без согласност на субјектите на личните податоци;

– обработката се однесува на лични податоци, кои очигледно се објавени јавно од субјектот на личните податоци;

– обработката е неопходна за воспоставување, практикување или одбрана на правни барања или секогаш кога судовите дејствуваат во рамките на нивните надлежности;

– обработката е неопходна поради причини од јавен интерес врз основа на закон пропорционално на целта и почитување на суштината на правото на заштита на личните податоци, како и обезбедување соодветни и конкретни мерки за заштита на фундаменталните права и интереси на субјектот на личните податоци;

– обработката е неопходна за целите на превентивна или трудова медицина, за, проценка на работоспособноста на вработениот, медицинска дијагноза, обезбедување на здравствена или социјална нега или третман или за целите на управување со услугите и системите за здравствена или социјална заштита, врз основа на закон или во согласност со договор со здравствениот работник во кој предмет се условите и заштитните мерки;

– обработката е неопходна за целите од јавен интерес во областа на јавното здравство, како што се заштита против сериозни прекугранични закани за здравјето или обезбедување на високи стандарди за квалитет и безбедност на здравствената заштита и лековите или медицинските помагала, врз основа на закон, во кој се предвидени соодветни и конкретни мерки за заштита на правата и слободите на субјектот на личните податоци, особено заштита на деловна тајна;

– обработката е неопходна за целите на архивирање од јавен интерес, за целите на научни и историски истражувања или статистички цели, врз основа на закон, што е пропорционално на целта во согласност со почитување на суштината на правото на заштита на личните податоци и обезбедување соодветни и конкретни мерки за заштита на основните права и интереси на субјектот на личните податоци.

 

Матичниот број на граѓанинот може да се обработува само:

– по претходна изречна согласност на субјектот на лични податоци;

– за остварување на со закон утврдени права или обврски на субјектот на лични податоци или Друштвото за сметководствени работи и

– во други случаи утврдени со закон.

Друштвото за сметководствени работи води сметка матичниот број на граѓанинот да не биде непотребно видлив, печатен или преземен од збирка на лични податоци.

Права на субјектот на лични податоци

Кога податоците се прибираат од субјектот на лични податоци тој мора да биде информиран за:

– идентитетот и контакт податоците на контролорот и податоци за неговиот овластен претставник во Република Северна Македонија;

– контакт податоци за офицерот за заштита на личните податоци;

– целите на обработката за коишто личните податоци се наменети, како и правната основа за обработката;

-легитимните интереси што ги спроведува контролорот или трето лице, кога обработката се врши врз основа на членот 10 став (1) алинеја 6 од Законот за заштита на личните податоци;

– корисниците или категориите на корисници на личните податоци, доколку ги има;

– каде што е применливо, фактот дека контролорот има намера да пренесе лични податоци во трета земја или меѓународна организација, како и во случај на пренос на лични податоци согласно со членот 50 или членот 51 или членот 53 став (1) втор потстав од Законот за заштита на личните податоци, повикување на соодветните или прифатените заштитни мерки и начинот за добивање на копија од нив или информации каде истите се достапни.

 

Секое лице кое претрпело материјална или нематеријална штета како резултат на прекршување на одредбите на Законот за заштита на лични податоци, има право да добие надоместок од Друштвото за вршење на сметководствени работи, доколку се утврди дека штетата која е предизвикана од обработката со непочитување на обврските утврдени со закон и доколку дејствувал надвор од законските упатства на контролорот или во спротивност со нив.

Друштвото за вршење на сметководствени работи се иззема од одговорност ако докаже дека на ниту еден начин не е одговорен за настанот кој ја предизвикал штетата.

Дивизија 2:
Користење на класифицирани информации

Друштвото за сметководствени работи обезбедува законито користење на класифицирани информации и оневозможува секаков вид на незаконски пристап до информациите.

Класифицирана информација“е информација од делокругот на работа на орган на државната и локалната власт основан согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правно лице основано од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје или други правни лица којашто се однесува на јавната безбедност, одбраната, надворешните работи или безбедносни или разузнавачки активности на државата која согласно со закон мора да се заштити од неовластен пристап и е обележана со соодветен степен на класификација согласно со Законот за класифицирани информации. Класифицирани информации може да претставуваат и документи, технички средства, машини, опрема, односно одвоени компоненти или оружје или алати што се произведени или се во процес на производство, како и доверливите пронајдоци што се однесуваат на одбраната и се од интерес на безбедноста на државата

Информацијата се определува со еден од степените на класификација:

– државна тајна;

– строго доверливо;

– доверливо и

– интерно.

Корисник на класифицирана информација е физичко или правно лице кое има потреба за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата, службената должност и службените овластувања или за спроведување на класифицирани договори и кое има безбедносен сертификат, соодветен на класификацијата на информацијата.

Безбедносен сертификат се издава за пристап до соодветен степен на класифицирани информации.

За издавање на безбедносен сертификат за пристап до соодветен степен на класифицирани информации, заинтересираното физичко или правно лице поднесува писмено барање до Дирекцијата.

 

За извршување на работните задачи, на лицата во правни и физички лица им се издава безбедносен сертификат за соодветен степен на класифицирана информација согласно со принципот „потребно е да знае“. „Потребно е да знае“е принцип според кој се утврдува корисникот кој има потреба за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата или на службената должност и службените овластувања, на дејноста или за спроведување накласифицирани договори

Безбедносен сертификат се издава на правно лице кое ги исполнува следните услови:

– да е државјанин на Република Северна Македонија,

– за безбедносен сертификат со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“ да не е државјанин и на друга држава,

– за безбедносен сертификат со степен „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“ да не е државјанин на држава која не е членка на НАТО,

– да постои оправдана потреба за користење на класифицирани информации согласно со принципот „потребно е да знае“,

– да не постојат безбедносни пречки за пристап и ракување со класифицирани информации што се утврдува со оперативна проверка,

– физичкото лице да има деловна способност,

– лицето да наполнило 18 години, а за користење на класифицирани информации означени со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА“ да наполнило 21 година,

– да не му е изречена санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност,

– да поседува уверение за неосудуваност, не постаро од шест месеци,

– од оперативната проверка за лицата наведени во безбедносниот прашалник да не произлегува постоење на безбедносни пречки за пристап и ракување со класифицирани информации.

Дирекцијата води евиденција за издадените безбедносни сертификати и за пополнетите безбедносни прашалници.

Дирекцијата води посебна евиденција за издадените дозволи за пристап до класифицирани информации во Република Северна Македонија.