...

Во ,,Службен весник на Република С. Македонија’’ бр.207/2020 објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход кој е дел од дел од четвртиот сет на мерки за поддршка на стопанството од последиците на економската криза предизвикана од Ковид 19.

Законот содржи измени и дополнувања во делот на надоместоците за кои не се плаќа данок на личен доход (член 12), односно утврдува ослободување за:

– надоместоци на трошоци за превоз и исхрана на вработените кои работат ноќно време,  до износите утврдени со Законот за работните односи;

– уплатенa премиja за доброволно здравствено осигурување за една календарска година, за вработени лица и за обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, во висина од една просечна месечна бруто-плата во Република Северна Македонија, објавена во јануари во тековната година според податоците од Државниот завод за статистика;

– надоместоци на трошоци за хотелско сместување (со категорија до четири звездички), превоз и надоместоци за трошоците за виза, за лица резиденти на Република Северна Македонија кои учествуваат во образовни и научни активности или настани на научни и образовни институции во земјата и во странство, утврдени врз основа на документи за направените трошоци;

– платени лабораториски тестови за COVID-19 за вработени лица во износ до 9.000 денари на годишно ниво по вработен;

– надоместоци на трошоци за обуки и доквалификација (стекнување сертификати, лиценци и сл.) на вработени лица, поврзани со нивното работно место, под услов истите да продолжат со работа кај истиот работодавач, во временски период утврден со договор;

– даден репроматеријал без надоместок (семенски материјал и производи за заштита на растенија во расадопроизводство), согласно закон и

ваучер на  активен  спортист издаден од Агенцијата за млади и спорт, согласно со Законот за спортот.

Горе наведените измени на член 12 ќе се применуваат од 1ви јануари 2021 година.

 

Воедно се изменува член 24 кој се однесува на амортизацијата на материјалните и нематеријалните средства при што се утврдува дека преостанатата сегашна вредност на средствата кои не можат понатaму да се користат можат да се амортизираат во целина независно од пропишаниот век на траење, при што за таквата амортизација во целина да влезе како расход при утврдување на основата за оданочување потребна е издадена согласност од Управата за јавни приходи, по поднесено писмено барање најдоцна до 31 јануари во годината која следува по годината за која барањето се поднесува, при што формата и содржината на барањето ги пропишува министерот за финансии.

Измените на член 24 ќе се применуваат од 1ви јануари 2021 година.

 

Се брише член 25 со кој беше уредено дека кога со примена на функционалниот метод на амортизација, вкупната амортизација се зголемува за повеќе од 10% од амортизацијата пресметана со пропорционален метод, за пресметка на амортизацијата по функционален метод, потребна е согласност од органот зајавни приходи.

Измените на член 25 ќе се применуваат од 1ви јануари 2021 година.

 

Во член 27, кој се однесува на непризнаени расходи за даночни цели, точка 3 која се однесува на трошоци за репрезентација се дополнува со во висина од 90%. Како непризнаени расходи за даночни цели се утврдуваат и уплатенa премиja за доброволно здравствено осигурување за една календарска година, за вработени лица и за обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, над една просечна месечна бруто-плата во Република Северна Македонија, објавена во јануари во тековната година според податоците од Државниот завод за статистика и платени лабораториски тестови за COVID-19 за вработени лица и за обврзник кој остварува доход од самостојна дејност над износот од 9.000 денари на годишно ниво по вработен.

Измените на член 27 ќе се применуваат од 1ви јануари 2021 година.

 

Член 46 кој се однесува на доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, ства 2 со кој беше уредено дека правото на враќање на платен данок од ставот (1) на овој член не го остварува обврзник кој во календарската година остварил друг доход кој се оданочува согласно со одредбите од овој закон, се менува со следното уредување: правото на враќање на платен данок од ставот (1) на овој член не го остварува обврзник кој во календарската година остварил друг доход кој се оданочува согласно со одредбите од овој закон, со исклучок на добиените репроматеријали без надоместок од страна на откупните претпријатија кои се во функција на дејноста, како и добиените репроматеријали согласно закон.

Во член 55 со кој се уредува што се подразбира под доход од капитал, делот на камати од депозити се менува со камати од орочени депозити.

Во член 68 со кој се уредува што се подразбира под доход од осигурување се дополнува со нова ставка – премијата за доброволно здравствено осигурување уплатена од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност.

Измените на член 68 ќе се применуваат од 1ви јануари 2021 година.

 

Член 70 со кој се утврдува основата за пресметување на данокот на доход од осигурување се дополнува со износот на уплатената премија за доброволно здравствено осигурување од правно лице или обврзник кој остварува доход од самостојна дејност, над износот утврден во член 12  точка 35-а) од овој закон.

Измените на член 70 ќе се применуваат од 1ви јануари 2021 година.

 

Во член 79 став 1 со кој се уредува дека аконтацијата на данокот се пресметува и наплатува и врз основа на решение на УЈП се дополнува и со електронска пресметка на УЈП. 

Членот 90 кој се однесува на аконтацијата на данок на доход од самостојна дејност се менува и гласи: Аконтацијата на данокот на доход за доходот од членот 19 од овој закон кој се оданочува според вистински доход во тековната година, се пресметува врз основа на податоците од годишниот даночен биланс за претходната година.

 

По исклучок од ставот (1) на овој член, аконтацијата на данокот на доход за месеците јануари и февруари во тековната година се пресметува врз основа на податоците од годишниот даночен биланс за годината која и претходи на претходната година.

Во членот 94 кој се однесува на плаќање аконтација на данокот на доход од самостојна дејност ставот (3) се менува и гласи: По исклучок на ставот (1) на овој член, аконтацијата на данокот на доход за јануари и февруари во тековната година се плаќа во износ од една дванаесеттина од пресметаниот данок во годишниот даночен биланс за годината која и претходи на претходната година.

Во насока на поддршка на обврзниците на данокот на личен доход кои остваруваат доход од самостојна дејност и кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на Коронавирусот COVID-19, законот утврдува истите да имаат право на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година.

Право на ослободување се однесува на даночните обврзници: кои не го намалиле бројот на вработени за времетраење на користењето на ослободувањето во однос на бројот на вработени заклучно со 30 ноември 2020 година, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените; чии вкупни приходи од редовното работење на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 30% во периодот април – септември 2020 година во однос на приходите од редовно работење во периодот април – септември 2019 година, или затвориле најмалку 50% од продажните места преку кои го остваруваат прометот.

За остварување на ова право даночните обврзници поднесуваат барање за ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на личен доход остварен од вршење на самостојна дејност до Управата за јавни приходи најдоцна до 5-ти наредниот месец за месецот за кој што обврзникот бара ослободување од плаќање на аконтации на данокот на личен доход за наведениот временски период

Формата и содржината на барањето ги пропишува министерот за финансии.

Поднесувањето на барањето се врши преку системот „е-персонален данок“ на Управата за јавни приходи, а приемот на комплетното барање го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 10 дена од денот на доставување на барањето.

Даночниот обврзник кој го искористил правото, а не ги исполнил условите има обврска да ги плати месечните аконтации на данокот на доход од вршење на самостојна дејност што не ги платил и камата согласно со Законот за даночна постапка.